По вмешувањето во сите можни класи на 4 тркала, Кинезите полека, но сигурно ги пополнуваат и класите на 2 тркала.
Искуството кое го имаме со брендот CFMoto од прва рака, не уверува дека повторно можеме да очекуваме мотоцикл со моќен мотор, привлечен дизајн, солидни возни својства и одлична завршна изработка. Останатото не се коментира. Вкусови се вкусови и предрасуди се предрасуди. Додека не седнеме да го возиме и овој модел кој го најави кинескиот гигант, ни останува само да ги наброиме техничките податоци и да ги наведеме евентуалните конкуренти на моделот 800NK.
Овој нејкед (малку е лудо да го преведеме терминот) мотор, ќе се дружи со некои легенди на класата кои доаѓаат посилни од било кога, како на пример најавената нова Honda CB750, ново најавеното Suzuki GSX-8S и освежениот KTM 790 Duke, со кој овој модел CFMoto има и фамилијарни врски…
Моторот кој ќе го движи 800NK е паралелен двоцилинраш со зафатнина од 799cm³ споделен со неговиот австриски ддалеку попознат брат KTM 790 Duke, но за мир во куќа во источниот мотоцикл ќе развива 99 наместо 105КС. Чисто заради фактите да напоменеме дека овој мотор LC8c, дизајниран од страна на KTM се произведува во фабриките на CFMoto за двата мотоцикли!
Значи околу квалитетот и издржливоста не би требало да се разговара, особено по нашето лично искуство со варијанта на моторот во моделот CFMoto 800MT, каде со леснотија се справува со потешката конструкција.
Дизајнот се потпира во голема мера на концептот NK-C22 што е за поздравување затоа што најавува храбар пристап кој се базира на самодоверба стекната преку бројките на продажба и позитивниот фидбек кој го добива CFMoto од купците. Да не заборавиме присуството на северно американскиот пазар, покрај присуството на стариот континент си има своја тежина која резултира со уште поголема агресивност на пазарот.
Инаку дизајнот е резултат на вложувањето на марката во многу моќниот аспект на квалитетите на еден мотоцикл, се разбира покрај техничкиот дел и помоѓта на познатото студио за дизајн Kiska е само доказ дека не патат од комплекси дека се мора да биде дизајнирано внатре во нивната куќа, доколку се следат повисоките цели.
Ова е портфолиото на студиото Kiska кое, меѓудругото, работи и за KTM.
LED дневните светла делуваат како да се во V форма околу главното светло, па би било интересно да се види навечер и веднаш да се препозна моделот по формата на светлата. Се уште нема фотографии од задниот дел, но се забележуваат трепкачите поставени ниско на калникот на задното тркало заедно со рамката за табличка. Штоп светлото би требало да се наоѓа под седиштето на кусиот опаш на моторот.
За амортизацијата и управливоста напред е задолжена превртената вилушка, додека назад се наоѓа задната вилушка која е изработена од лесна легура за заштеда на тежината. Сопирачките се испорачуваат од познатиот добавувач J. Juan, и напред ќе сопира двоен диск со 4 клипни клешти, додека назад е помалку оптеретениот моно диск.
Растојанието меѓу тркалата е 146cm како што доликува на класата во која припаѓа.
За информирање на возачот околу случувањата со неговиот мотоцикл, како и изборот на различните модови, е задолжен TFT мониторот, но во моментов со непознати (за нас) димензии и перформанси.
Непозната е и цената која очекуваме да биде значително пониска од конкурените, како дополнителен стимул за сите оние кои сакаат да се впуштат во набавка на нов мотор веќе следната сезона.