ОК Холивуд знае да не “отруе” со кованици создадени од имињата на познатите парови, но ја сфаќате аналогијата, нели?
Препород?
Секако дека вака изгледаше симпатичниот Alvaro Bautista при тестирањето на неговата старо нова љубов Ducati Panigale V4 R. Се чинеше како да му завршила двегодишната “робија” додека го гледаше визирот на неговиот мотор брендиран со кованицата Baucati, подготвувајќи се за првиот тест со стариот мотор и стариот тим Aruba.it. И тимскиот шеф Marco Zambenedetti беше задоволен од фидбекот на Шпанецот кој очигледно не ја загубил брзината изминативе две години возејќи за тимот на HRC на бруталната Honda CBR1000RR-R FIREBLADE SP.
Неславен крај на ултра успешниот почеток
Како дојдовме до ситуација да се радуваме на повторното спојување на сега веќе 37-годишниот Шпанец и италијанскиот мотор?
Во 2019 година по доаѓањето на Alvaro во тимот од Болоња, амбициите беа огромни. Така е со скоро секој поранешен MotoGP кога ќе се префрли во категоријата која се смета за помалку компетитивна. И на почеток ги оправда очекувањата, па и ги надмина.
Од првата трка во Австралија започна походот на Bautista кој успеа да наниже 11 победи и оправдано да се наметне како лидер и главен претендент за освојување на титулата. Кој би се посомневал дека нема да биде така?
Точно е дека моторот беше ултра брз, како и фактот дека првите трки се возеа на патеки кои му беа познати на Шпанецот, но и останатите колеги од Ducati го користеа истиот мотор и имаа и поголемо искуство. Никој не може да му го одземе успехот на Alvaro. Дури ни намалувањето на лимитаторот за 250 вртежи во минута, не го успорија неговиот пробој.
Како тогаш ја заврши сезоната на второ место со дефицит од 165 бода?
Италијаните не се многу познати по успешно менаџирање на нивните пилоти кога станува збор за мотоспортовите. Веројатно тоа ви е познато.
Ако на целата приказна ја додадеме и Honda која му понуди посакуваната плата на Alvaro, тогаш добиваме совршен рецепт за катастрофа. Суетите си го направија своето и тимот кој победуваше почна да губи и да паѓа и на табелата и на патеките.
Нов почеток
Било што било и сега е време да се сврти страната и да се освои титула. Нема калкулации. Сметките се подмирени и освојувањето на титулата е единствената реална цел за двете страни. Ќе следиме будно како ќе се одвива ситуацијата!