Мотоциклистите во Македонија би можеле да бидат изземени од системот за автоматска контрола на сообраќајот „Safe City“, според информации до кои дојде нашиот портал од извори блиски до институциите.
Според предлог-измените кои се разгледуваат, од мај 2026 година системот нема да се применува за мотоцикли, барем во сегашната форма, поради технички и безбедносни ограничувања.

Технички проблеми со идентификација
Како што дознаваме, една од главните причини е неможноста на камерите со доволна прецизност да ги идентификуваат мотоциклите, особено при поголеми брзини и во услови на густ сообраќај.
„Системот е првенствено развиен за возила со предна регистрација. Кај мотоциклите, аголот, позицијата и димензиите на табличката значително го отежнуваат читањето,“ вели извор вклучен во тестирањето на системот.
Безбедносен аспект
Дополнително, се разгледува и безбедносниот аспект при санкционирање на мотоциклистите, особено во ситуации кога идентификацијата не е 100% сигурна.
„Постои ризик од погрешна идентификација, што отвора правни прашања. Во моментов се анализира дали е оправдано мотоциклите да бидат дел од системот во оваа фаза,“ додаваат од надлежните служби.
Можно привремено решение
Како привремена мерка, се разгледува модел според кој мотоциклистите би биле изземени од автоматските казни, додека не се имплементираат нови технологии за препознавање.
Во меѓувреме, контролата би продолжила да се врши преку редовни полициски патроли на терен.
Што значи ова за возачите?
Доколку предлогот биде усвоен, тоа би значело дека од мај 2026 година, мотоциклистите нема да добиваат автоматски казни преку „Safe City“ системот, барем додека не се надминат техничките ограничувања.
Сепак, од институциите потенцираат дека ова не значи ослободување од почитување на сообраќајните правила.
„Сите учесници во сообраќајот, без разлика на видот на возилото, се должни да ги почитуваат прописите,“ стои во краткото соопштение.
Среќен 1 април 😉 Возете внимателно.

Коментари