„Во моментов ми се случуваат навистина убави работи. Треба само да продолжам да работам. Како стареам така чувствувам дека станувам се подобар“ – Џек Милер
Сезоната 2019 ветува дека ќе биде голема година за Џек Милер. Откако веќе помина една сезона со Ducati, Австралиецот во новата година ќе настапи со GP19, кој ќе има слични спецификации како и фабричките мотоцикли. 23 годишниот возач верува дека може да дојде до место во фабричкиот тим но само ако покаже добри резултати.
Милер ни откри како му е во Италијанскиот тим, како му се одвиваат зимските подготовки и како се опоравува по тешките падови.
Една оценка за тоа како помина сезоната 2018 која беше твоја прва со тимот на Ducati?
„Мислам дека имав добра сезона.Очекував да има подеми и падови, особено кога менуваш тим и друг производител. Но мислам дека имаше повеќе добри отколку лоши работи. Мислам дека сме се поблиску до целта која ја поставивме на стартот на годината, но која за жал не успеавме да ја постигнеме.“
Што ти недостасуваше за да ја постигнеш целта?
„Од се по нешто. Да знаев точно што е, ќе го направев тоа. Шампионатот е многу тежок. Патеката е полна со неверојатни возачи кои имаат навистина добри мотоцикли. “
Дали понекогаш треба да се потсетиш дека си релативно млад и неискусен во споредба со останатите возачи?
„Да, дефинитивно! Ако ги погледнете Кратчлоу, Довициозо па дури и Роси, знам дека пред мене има уште многу.Но, исто така тука има и други млади возачи или пак возачи кои се на моја возраст и кои сакаат да постигнат добар резултат. Затоа постојано треба да бидеш внимателен и да се обидеш да ги направиш вистинските работи. Воопшто не е едноставно и секогаш треба да си подготвен.“
Дали ти помогнаа коментарите на Алваро Баутиста после трката во Австралија кога изјави дека разликата помеѓу GP17 и GP18 е голема?
„Секако. Особено кога во еден момент бев лидер на трката а потоа бев зад Алваро и Андреа и гледав како се развиваат работите. Но иднината изгледа добра. Навистина со нетрпение чекам да почнам да се натпреварувам со GP19. “
Какво е чувството на Ducati? На почетокот на сезоната видовме како Џиџи ДалИгна зборува со тебе во гаражата на Pramac. Ова можеби не се случуваше со шефовте на Honda кога беше дел од таа екипа.
„Тој е секогаш таму и разговара со нас после секоја сесија.Најпрво зборува со фабричките возачи а потоа и со мене и Данило. Секогаш е добро да слушнете и друго мислење.“
Имаш ли чувство дека си дел од големата слика на Ducati?
„Дефинитивно. Тие се заинтересирани и веќе подолго време ме набљудуваат. Навистина тука се чувствувам како дома.“
Дали го имаше тоа чувство и кога беше дел од Honda?
„Таму едноставно го немавме пакетот кој ни требаше. Таму бевме само потрошувачи. Но не бевме потрошувачи кои беа први во редот.Бевме на второ место. Но поминав одличен период во Honda. Не можам да кажам ништо негативно во тој поглед. “
Дали мислиш дека твоите достигнувања не беа доволно ценети во Honda? Мораше да го промениш шефот на тимот а кога стануваше збор за подобрувања, беше најдолу на листата.
„Во некои делови да. Особено победата во Асен, не беше едноставна победа. Тоа беше прва победа за еден сателитски тим после десет години. На вистински сателитски мотоцикл.Но имаше и други работи. “
Во текот на младоста се натпреваруваше во локалните мотокрос серии. Дали се тие се уште твоја пасија?
„Возам многу мотокрос и оф-роуд и навистина уживам. Можеби тоа не е баш најбезбедно но навистина уживам. Кога бев дете, постојано возев мотокрос на фармата каде што живеев. Доколку престанам со тоа, мислам дека би бил загубен.“
Дали можеш да направиш пауза од возењето или мораш да возиш секој ден?
„Јас не сум некој кој може целосно да се исклучи. Уживам кога возам мотоцикл.Кога одам дома правам и други работи но на крајот пак се враќам на мотоциклите.“
Дали е тркањето потешко за човек кој доаѓа од Австралија со оглед на тоа дека постојано си далеку од дома?
„На работите можеш да гледаш позитивно или негативно. Но тоа исто така ти помага и да се фокусираш. Далеку си од фамилијата и пријателите и точно знаеш зошто си таму. Но кога си дома ги цениш малите работи. Секоја година дома поминувам по еден месец. Со оглед на Австралискиот стил на живот, доколку бев дома повеќе време, многу повеќе ќе уживав во пивото. Воопшто немаше да бидам сериозен во однос на тркањето. Штом ќе ми заврши одморот веднаш се враќам во Калифорнија и продолжувам со тренингот.“
Дали ти стана полесно да се адаптираш на животот далеку од дома?
„Работите се такви какви што се. Доколку ја погледнете големата слика, немаме премногу време за да го постигнеме она што го сакаме. Мора да уживаш додека постои и мора да гледаш на позитивните работи. Јас сум среќен што можам да си отидам дома за време на зимскиот период бидејќи има многу други лица кои не можат да го направат ниту тоа. “
Несреќата која ја доживеа минатата година на патеката во Ле Ман е сигурно една од твоите најголеми падови. Дали таков инцидент ти влијае?
„Тоа беше ужасно. Но мислам дека сум имал потешки падови. Немојте да ме сфатите погрешно, тоа беше навистина страшно.Но не беше до толку многу страшно. Тоа не ме натера да си помислам дали е време да престанам со тркањето. Таква мисла никогаш не ми помина низ главата.Најтешко нешто ми беше да заздрави раката бидејќи повторно ја скршив истата. Доаѓам од мотокрос и таму постојано се случуваат вакви работи. Тогаш морате да станете и да продолжите да возите бидејќи трката се уште трае. “
Како се подготвуваш за сезоната 2019? Дали целта ти е освојување место во фабричкиот тим во 2020 година?
„Секако. Затоа и потпишав договор. Мислам дека ако постигнеме добри резултати идната година би можеле да конкурираме за место во некој фабрички тим. Ако не е тука во Ducati, ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Знам дека многу возачи веќе имаат потпишано договор за сезоната 2020 но мислам дека за нас е подобро да сме слободни агенти.“
Значи целта ти е што е можно побрзо да бидеш дел од некој фабрички тим?
„Секако.“
Дали има некакви промени во твојот тим или пак промени во начинот на кој ќе им пристапиш на трките следната сезона?
„Не. Во моментов работите одлично се одвиваат. Мислам дека од година во година мојата ситуација се подобрува. За време на паузите треба да вежбаш за да не заостанеш во споредба со останатите возачи. Секоја зима не се симнувам од мотоциклот и секоја година забележувам разлика. Знам дека треба да работам и да напредувам. Веќе чувствувам како со текот на годините станувам подобар.“
Дали во овој период од годината, возењето велосипед ти е единствениот начин за да останеш во форма?
„Да, возам веосипед. Одам и во теретана но тоа не е толку често. Воглавно возам велосипед и работам на издржливоста.“
Кал Кратчлоу изјави дека верува дека можеш да дојдеш до титулата во следните неколку сезони. Но, вели и дека има неколку работи кои ти недостасуваат. Со оглед на тоа дека сте блиски пријатели, дали разговарате за ова?
„Мислам дека тоа е само начинот на кој Кал ми дава поддршка. Секогаш е добро кога ќе слушнете нешто такво. Убаво е кога го слушате тоа но не значи ништо се додека не се обидете да дојдете до титулата. Тоа е мојата цел. Сакам во текот на целата година да се натпреварувам со Марк и останатите возачи. Мислам дека тој долго време ќе биде дел од трките и треба да има некој кој ќе го мотивира. Исто е и со Маверик, иако имаше тешка година. Довициозо е во одлична форма.Но исто така и младите возачи ќе ја подобрат својата форма.“
Дали имаш претстава на која позиција би завршил следната сезона?
„Мислам дека е малку рано за тоа. После тестот во Катар би можел да ви откријам нешто.Има некои луѓе кои зборуваат за сезоната 2020. Се уште немам некоја јасна цел.“