Минатата година на трките од БМУ Европскиот шампионат недостасуваше Игор Спиров - Зизи. Како и кај останатите категории во мото спортот, финансиите се главната пречка за нашите возачи да можат да се натпреваруваат на исто рамниште како возачите од Грција, Бугарија, Србија, Романија и Турција.

Спиров имаше фантастичен настап во 2017 година кога премина од класата F600 во F1000 и во неговата „почетничка“ сезона во оваа класа дојде до вице-шампионското место. За жал тој мораше да ја пропушти минатата сезона без да се обиде да го повтори или подобри успехот, но затоа пак оваа сезона го најавува своето учество и вели дека со нетрпение го очекува стартот на новата сезона.

igor spirov 2017 seres

Во 2017 стана Вице-шампион на БМУ Европскиот шампионат, на Бугарскиот шампионат и шампион во Романскиот, зошто не продолжи со настапите минатата сезона?

- За сериозен настап на овој шампионат потребни се многу средства, знаете дека финансиска оправданост нема, односно дека немаме парични награди кои колку толку би помогнале. Останува самите да се снаоѓаме за сите средства, а станува збор за најмалку 15.000 евра за целата сезона. Спонзорите се малку, од една страна сум задоволен што ги имам и сум благодарен за поддршката, но секако дека би бил по среќен кога би ги имало повеќе.

Дали сметаш дека надлежните доволно се грижат за настапите на нашите мотоциклисти?

Искрено сум разочаран од начинот на кој државата се грижи за спортистите кои ја претставуваат. Доколку некој возач од Македонија настапува на меѓународни трки и притоа има резултат со кој може да се гордее сигурно дека треба да биде поддржан и поттикнат да продолжи со успехот. Кај нас помошта е преку Федерацијата која во рамките на своите можности нѐ помага, но тоа е далеку од она што државата треба да го прави за нас.

igor spirov zizi serres

Дали си подготвен за оваа сезона?

Да! Искрено со нетрпение го очекувам стартот на сезоната и враќањето на патеката.

Дали ова значи дека се стремиш кон повторување на успехот од 2017 година?

Како и секој спортист, амбициите се големи, а очекувањата мора да бидат поставени високо. Ќе одам на секоја трка со подиумот во мислите, а шампионскиот пехар на крајот од сезоната би дошол како цреша на шлагот.

Дали ќе настапиш со истиот мотоцикл?

Да, повторно ќе бидам на патеките со мојата Aprilia RSV4, мотоциклот е солидно подготвен, јас физички се подготвувам веќе подолго време, од возење велосипед, планинарење, трчање па до мотокрос, затоа и мислам дека оваа сезона со спортска среќа и со Господ напред ќе имаме успешна сезона.

Кој те помага, на кого би сакал да му се заблагодариш за досегашниот твој успех?

- Би сакал јавно да им се заблагодарам на Мотул Македонија и мојот клуб Ендуро Тим Водно - Скопје кои ме поддржаа и ми помогнаа да се вратам на трките, нивната помош ми значи премногу, а секако тука се и сите мои пријатели кои несебично ме помагаат во рамките на своите можности и кои постојано се тука за мене. Знаете, без спонзорите и пријателите сте само човек кој вози на стаза, јас сум среќен што ги имам и едните и другите. 

igor spirov motul

Back To Top