Христијан Илиоски го освои второто место на мотокрос трката од Источно Европскиот шампионат која викендов се возеше на патеката Хајраболу во Турција.
Христијан Илиоски го освои второто место на мотокрос трката од Источно Европскиот шампионат која викендов се возеше на патеката Хајраболу во Турција.
Втората трка од Источно Европскиот шампионат во мотокрос овој викенд се возеше на патеката Хајраболу во Турција. МФМ имаше тројца свои претставници: Борче Костов во класата МХ, Андриан Ристевски во класата МХ85 и Христијан Илиоски во класата МХ1.
Популарниот Кико во најсилната класа го освои второто место, и со тоа го обезбеди вториот пехар во сезоната во Источно Европскиот шампионат, откако на првата трка во Серес финишираше како третопласиран.
Илиоски имаше одлична можност да дојде и до победа на оваа трка, тој по стартот се најде на петтата позиција но за кусо време успеа да ги помине сите возачи. Возеше на првата позиција се до два круга пред крајот на трката кога водечкиот во шампионатот Романецот Адријан Радута успеа да го помине Илиоски. Последниот свиок на одличната патека ги подгреа надежите на многубројната турска публика чии симпатии ги освои Илиоски дека тој ќе биде победник но за жал Романецот успешно го затвори влезот во кривината, а Кико мораше да се задоволи со втората позиција.
Во класата МХ1 заради лошите временски услови се возеше само една трка, по која во генералниот пласман водечки е Адријан Радута (Романија) со 72 бода, втор е Тодор Тотев (Бугарија) со 67 бода, а на третата позиција е нашиот Илиоски со 62 бода.
Нашиот претставник во класата МХ85 Андријан Ристевски го забележа одличното петто место во Хајраболу. Заради лошите временски услови и во оваа класа се возеше само една трка, за Ристевски ова се нови бодови по оние од Грција каде имаше проблеми со моторот и не ги заврши двете трки.
Во класата МХ го имавме Борче Костов кој во конкуренција од 35 возачи на првата трка заврши на 11-та позиција, односно 5-ти во класата Ветерани, а на втората трка финишираше на 13-та позиција, односно 6-ти во својата класа. Ова е одличен резултат за Костов кој прокнижа нови бодови од Источно Европскиот шампионат.
Следната трка се вози на 8-ти јуни на патеката Бузо во Романија.