Honda ја воведува својата иновативна технологија за возење без употреба на спојка кај популарниот средно-тежински „naked“ модел.
Во практична примена, E-Clutch нуди искуство што се наоѓа помеѓу традиционален „quickshifter“ и целосно автоматски менувач. Технологијата претставува дополнување на веќе постоечките системи како DCT и електронските „quickshifter“ решенија.
Името Hornet датира од доцните 1990-ти со моделот CB600F, кој беше комбинација од пристапност, забава и доверливост. Во 2023 година, Honda го врати името со нов 755cc паралелен двоцилиндричен мотор. Следејќи ја оригиналната формула, модерниот CB750 Hornet постигна значителен успех, со повеќе од 42.000 продадени единици низ Европа и постојано место меѓу трите најпродавани средно-големи „naked“ мотоцикли.
Главната новина: Што претставува E-Clutch?
E-Clutch може најлесно да се опише како напреден систем за менување брзини нагоре и надолу без употреба на рачката за спојка. Системот овозможува избор на брзина и момент на промена, при што работата се изведува со стапалото, но без потреба од активирање на левата рака.
Ова не е автоматски менувач; станува збор за менување брзини без употреба на спојка. Мотоциклот и понатаму има рачка за спојка, која може да се користи за рачно надминување на системот, но не е неопходна за нормално возење.
Физичкиот E-Clutch систем е сместен во компактно куќиште на десната страна од моторот. Во него се наоѓаат два мали електромотори и неколку запчаници кои работат заедно со електрониката на мотоциклот за да ја елиминираат потребата од рачно активирање на спојката.
Инсталирањето на E-Clutch додава само 4 kg на вкупната маса (која станува 196 kg) и ја зголемува основната цена за дополнителни 100 евра.
Возење со E-Clutch
Системот се истакнува поради неговата мазност, сигурност и едноставност. За разлика од традиционален „quickshifter“, функционира на било кој број вртежи, без потреба од специфичен опсег. Промената на брзини се изведува со притисок на педалата, а E-Clutch го координира процесот со електронскиот гас и тракционата контрола за да обезбеди непречена транзиција.
Системот помага и при намалување на брзини во ситуации кога возачот е фокусиран на линија, сопирање и стабилност. E-Clutch ја изведува промената без трзање и го стабилизира мотоциклот при влез во свиок.
Дополнителна предност се забележува при тргнување од место. На семафор, мотоциклот може да стои во прва брзина без држење на спојката или сопирачките. При тргнување, доволно е само да се заврти гасот. Ова го намалува ризикот од гаснење и овозможува полесно управување во градски услови.
Системот овозможува левата рака да остане слободна, на пример за спуштање на визирот, дури и при забрзување во втора брзина.
Во одредени ситуации, особено при возење со совозач, традиционалното рачно „feathering“ на спојката би можело да понуди уште помазна промена на брзини, но E-Clutch и понатаму обезбедува стабилна работа.
Мотор, шасија и управување
Паралелниот двоцилиндричен мотор од 755cc развива 90.5 bhp и 55.3 lb-ft вртежен момент. Испораката на моќност е линеарна и мазна, а 270-степеното палење создава карактеристичен одзив сличен на V-twin конфигурација.
Постојат пет режими на возење: Sport, Standard, Rain и два User режими. Тие ги прилагодуваат испораката на моќност, моторното сопирање и тракционата контрола. Во User режимите, тракционата контрола може целосно да се исклучи, но автоматски се активира повторно при следно стартување.
Управувањето е прецизно и лесно. Мотоциклот е агилен и стабилен, со маса од 196 kg која е добро распределена. Напред е поставена 41mm Showa вилушка без можност за прилагодување, додека задниот амортизер нуди седум нивоа на прилоуд. За спортски ориентирани возачи, Nissin сопирачките би можеле да понудат нешто поголема агресивност, но за секојдневно возење обезбедуваат одлична контрола.
Hornet 750 е пристапен мотоцикл во однос на управување и контрола, без да се жртвува динамиката или забавниот карактер.
Изглед, ергономија и одржување
Дизајнот е речиси непроменет од 2023 година, со исклучок на редизајнираното куќиште на предното светло, кое создава поизразен „инсектен“ изглед. Моделот со Goldfinch Yellow боја и Design Pack има понагласен визуелен карактер.
Квалитетот на изработка е на високо ниво. Единствена забелешка е позиционирањето на ретровизорите, кои се поставени премногу блиску еден до друг, што го ограничува погледот наназад.
Седиштето од 795 mm овозможува удобна позиција, со релаксирана геометрија погодна за подолги релации. Пет-инчниот TFT дисплеј е јасен и лесно читлив.
Во однос на сервисирањето, Honda продолжува да вградува алат во комплет под седиштето, што е сè поретка практика. Сепак, пристапот до компонентите на E-Clutch системот може да бара дополнително време при одржување, поради моторите и запчаниците што го придружуваат системот.
Заклучок
E-Clutch технологијата сега е достапна и на Hornet 750. Системот, по првите тестирања, се покажува како функционално и технички напредно решение што го поедноставува возењето и ја проширува практичноста на мотоциклот, без значително да ја зголеми масата или цената. Кога сме кај цената, Honda Auto Trade сѐ уште ја нема објавено за новиот модел.






Коментари