Ducati ја проширува својата палета со Desmo450 SM, првиот наменски тркачки супермото модел на италијанскиот производител. Базиран на платформата на мотокрос моделот Desmo450 MX, кој веќе забележа победи на своето деби со светскиот шампион Марк Рајнер Шмит и тимот Undici, новиот супермото мотоцикл е дизајниран да понуди врвни перформанси на патеката.
Моделот се издвојува како единствен во својата класа со Desmodromic систем за управување со вентили, што овозможува лимит на вртежите поставен на 11.900 вртежи во минута. Овој агрегат од 449,6 кубика испорачува максимална моќност од 63,5 КС при 9.400 вртежи во минута и вртежен момент од 53,6 Nm при 7.500 вртежи во минута.
Технологија и компоненти за тркачка патека
За развојот на Desmo450 SM, Ducati оствари директна соработка со Showa за сетинзите на суспензијата. Предниот дел користи 49-милиметарска upside-down вилушка со затворена касета, Kashima облога и 280 mm од, додека назад е поставен целосно прилагодлив амортизер со прогресивен линк и 295 mm од на тркалото. Алуминиумскиот рам е преземен од мотокрос верзијата, оптимизиран за минимален број завари заради цврстина и тежина.
Сопирачкиот систем вклучува Brembo Stylema радијална клешта напред со 310-милиметарски Galfer диск, додека назад е поставен 240-милиметарски диск со Brembo клешта. Мотоциклот користи 16,5-инчни предни и 17-инчни задни бандажи со систем Bartubeless, кој ја елиминира потребата од внатрешни гуми и ја намалува ротирачката маса за 1,2 kg. Фабрички се испорачува со Metzeler Racetec Slick SM гуми.
Електроника и одржување
Електронскиот пакет е специјално калибриран за супермото дисциплината и вклучува систем за контрола на тракцијата (DTC) со четири нивоа, Launch Control, Engine Brake Control и Quick Shift за нагорно менување. Преку апликацијата X-Link, возачите можат да конфигурираат два режима на возење според потребите на патеката. За пренос на силата се грижи Suter slipper куплунг, кој помага во контролирањето на лизгањето на задното тркало при влегување во свиоци.
Сервисните интервали се дефинирани според тркачката намена: промена на масло се врши на секои 15 часа, додека замената на клипот и проверката на вентилите се предвидени на 45 часа работа. Целосен ремонт на агрегатот е планиран на 90 часа. За полесно сервисирање, Ducati користи метални дихтунзи за главата на моторот и гумени за останатите капаци. Како новитет, Ducati воведува концепт на предвидливо одржување преку опционалниот Com-Link модул, кој го следи оптоварувањето на компонентите.
Ducati Desmo450 SM ќе биде достапен во избрани европски салони почнувајќи од декември 2026 година.

Коментари