(Време на читање: 2 - 3 минути)


BMW Motorrad подготви нешто навистина посебно за 100-годишнината од Nürburgring – три ексклузивни M модели посветени на легендарната германска патека.

BMW M 1000 RR, M 1000 R и M 1000 XR ќе бидат понудени во специјална „100 Jahre Nürburgring“ серија, а од секој модел ќе бидат произведени само по 100 примероци за целиот свет.

P90654098 lowRes bmw motorrad m 1000

И уште на прв поглед е јасно дека ова не се обични M модели.

Зелено BMW не е нешто што се гледа секој ден, а особено не M 1000 RR во историската Nürburgring Green боја.

Токму зелената боја е заедничкиот визуелен потпис на специјалната серија и директна асоцијација на Nürburgring и неговиот добро познат прекар „Green Hell“.

Но BMW не застана само на бојата.

Сите три мотоцикли добиваат специјално обоен резервоар со силуета на Nürburgring, капак на airbox-от со јубилеен дизајн и индивидуална ознака „one of 100“, како и карбонски тркала со зелени детали. Тука се и црната задна вилушка и задната рамка, како и седиште во Alcantara изглед со извезен број „100“.

Во стандардната опрема на јубилејните модели е вклучен и M Track Package.

P90654097 lowRes bmw motorrad m 1000

Три различни карактери, иста идеја

Најекстремниот во триото, секако, е BMW M 1000 RR – суперспортскиот модел создаден со максимален фокус кон тркачката патека, аеродинамиката и намалувањето на тежината.

BMW M 1000 R ја зема истата Superbike филозофија и ја префрла во hyper naked пакет, комбинирајќи огромни перформанси со поедноставен и подиректен карактер.

Третиот модел, BMW M 1000 XR, е поинаква интерпретација на истата идеја – високи перформанси и стабилност при големи брзини, но во пакет кој нуди и далеку подобра употребливост за подолги патувања.

За M 1000 RR и M 1000 R BMW дополнително вклучува M Cover Kit, специјална M подлога со „100 Jahre Nürburgring“ лого и paddock stand за задното тркало.

P90654837 lowRes bmw motorrad m 1000

Врска со Nürburgring уште од 1927 година

Изборот на Nürburgring за ваква серија не е случаен.

Врската меѓу BMW Motorrad и патеката започнува уште во 1927 година, кога BMW ја забележал својата прва победа таму.

Денес Nordschleife, со должина од 20,8 километри, 73 свиоци и огромни промени во надморската височина, останува едно од најтешките места во светот за развој и тестирање на возила.

Токму таму BMW ги тестира суспензијата, моторите, аеродинамиката, сопирачките и термичкото однесување на своите најдобри модели.

Затоа и мотото на целата јубилејна серија звучи прилично соодветно: „Born on the Racetrack. Made for the Streets.“

BMW засега не ги објави цените ниту точниот почеток на продажбата на трите модели, а информациите за нарачки и достапност ќе бидат соопштени дополнително.

Со само 100 примероци од секој модел, сепак, едно е сигурно – и без зелената боја, ова нема да бидат BMW мотоцикли што често ќе ги среќаваме на улица.

Пријавете се на билтенот за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: