По рекордниот викенд преку океанот во Остин, Марко Безеки и Aprilia Racing слетаат на шпанска почва со полн ветер во грб. Пет победи по ред. 121 последователен круг во водство. Чиста доминација.
Италијанската комбинација – барем во неделните трки – е незапирлива во 2026 година, а Безеки сака да ја продолжи победничката низа длабоко зад „непријателските линии“. А што ќе се случува во сабота? Тука веќе приказната станува уште поинтересна.
Зошто „непријателски линии“? Безеки е омилен победник кај навивачите, но во Херез ќе го пречекаат над 100.000 шпански фанови кои ќе навиваат за своите херои – а еден од нив ќе ги носи истите бои како и Безеки. Враќањето на Хорхе Мартин во врвна форма е една од најголемите приказни на сезоната. По златото во Sprint трката и уште еден подиум во неделната трка во Тексас, светскиот шампион од 2024 пристигнува во Андалузија со самодоверба до плафон. Безеки можеби ги доби сите три Гран При трки досега, но #89 заостанува само четири поени во генералниот пласман. Битката помеѓу ѕвездите на Aprilia повторно ќе се разгори во шпанската катедрала на MotoGP – и двајцата ќе влезат со мети на грбот.
Во американскиот огранок на Aprilia, неделата заврши со скршени срца. Аи Огура (Trackhouse MotoGP) беше на чекор до својот прв MotoGP подиум, но технички проблем го сопре токму кога мирисаше на историја. Светскиот шампион во Moto2 од 2024 ќе сака да ја повтори брзината во Херез. Од другата страна, Раул Фернандез ќе брка подиум на домашен терен по стабилен, но тивок викенд на COTA.
Акоста и KTM
Бразил можеби не му донесе поени за насловни страници, но Педро Акоста (Red Bull KTM Factory Racing) во Остин повторно беше оној стариот – брз, агресивен и гладен. Да, чекањето по неделна победа продолжува, но Акоста беше најдобар од „останатите“ зад Априлија, а ќе славеше и двоен подиум ако не беше казната за притисок во гумите по Спринтот. Заостанува 21 поен зад Безеки, а првиот неделен подиум во MotoGP во Херез е цел што ја гледа јасно.
Светлата страна на казната? Енеа Бастијанини (Red Bull KTM Tech3) беше тој што се дојде до бронзата. „Ѕверот“ повторно беше на подиумот во Остин – дали таа форма ќе продолжи и во Херез? Бред Биндер (Red Bull KTM Factory Racing) заврши 12-ти во САД, па Јужноафриканецот се надева дека враќањето во Европа ќе му донесе пресврт.
За жал, веќе е јасно дека Маверик Вињалес (Red Bull KTM Tech3) нема да се врати овој викенд. Целта е Ле Ман, откако ја пропушти и трката во Остин поради проблеми со рамото. Tech3 ќе настапи само со Бастијанини, бидејќи повредата на раката го исфрли од игра и резервниот возач Пол Еспаргаро.
Во потрага по одговор: Марк Маркез и Дукати
Кој би помислил дека Марк Маркез (Ducati Lenovo Team) ќе дојде на домашниот Гран При само со два медали од спринт, а без ниту еден неделен подиум? Но токму таму се наоѓа #93. Заостанува 36 поени зад Безеки пред четвртата рунда, а по драмата во Остин, седумкратниот светски шампион во MotoGP ќе брка прва ГП победа во 2026. Последен пат победи во Херез во 2019 – дали е време за нов пресврт?
Ниту од другата страна на гаражата не цветаат рози. Иако освои сребро во саботата, Франческо Бањаја (Ducati Lenovo Team) имаше тежок неделен настап и влегува во Херез како деветти во генералниот пласман. А ова е патека на која победуваше три години по ред – 2022, 2023 и 2024. Повторување? Би било совршено, но реалнта цел е подиум.
Водечкиот Дукати во Херез е Фабио Ди Џанантонио (Pertamina Enduro VR46). Тој не заврши под шестото место во неделните трки оваа сезона и беше најдобар Дукати на последните две Гран При трки. Продолжување на тој тренд ќе биде тешко со оглед на Марк Маркез, историјата на Бањаја и Алекс Маркез (BK8 Gresini Racing MotoGP), кој победи тука лани. Но Диџа е во форма – и тоа се гледа.
Алекс Маркез е осми во генералниот пласман пред враќањето на местото на својата дебитантска победа од соништата. Без подиум во 2026, #73 ќе бара оживување во Шпанија – исто како и Франко Морбидели (Pertamina Enduro VR46), кој беше само 14-ти во Остин.
Три-неделната пауза добро им дојде на некои, меѓу кои и Фермин Алдегер (BK8 Gresini Racing MotoGP). Осмото место во Бразил и 11-то во Остин се солидни резултати за „Руки на годината“ во 2025, кој сега се враќа на домашен терен, сè уште закрепнувајќи од зимската фрактура на фемурот.
Ветувачки знаци во HRC
Жоан Мир (Honda HRC Castrol) беше на чекор до подиум во Спринтот во Остин, а и во неделната трка имаше потенцијал за големи поени. Но на крај – нула. Лука Марини собра солидни поени, особено со петтото место во Tissot Sprint, а напредокот на HRC е видлив. Јохан Зарко (Castrol Honda LCR) исто така освои поени во Спринтот пред да отпадне во неделата, додека новајлијата Диого Мореира (Pro Honda LCR) го продолжи својот 100% неделен поенски рекорд со уште едно 13-то место. Херез носи нов предизвик – и надеж дека Honda конечно ќе се врати во борбата за подиум.
Напорната работа продолжува во Јамаха
Позитивната вест од Остин? Топрак Разгатлиоглу (Prima Pramac Yamaha MotoGP) конечно се запиша на табелата. P15 не е резултат за славење, но е чекор напред во трансформацијата на YZR-M1 со V4 мотор во конкурентна машина.
Фабио Куартараро (Monster Energy Yamaha MotoGP) минатата година беше на пол позиција и заврши втор во Херез. Би дал сè за повторување. А можеби и ќе има магија – ова е негова патека. Алекс Ринс (Monster Energy Yamaha MotoGP), подиумски во 2019, и Џек Милер (Prima Pramac Yamaha MotoGP), победник во 2021, останаа без поени во Остин. Искуството го имаат – време е да го претворат во резултат.
Херез: непријателска територија за некои, дом за други
А за сите нас - класика. Ридовите ќе одекнуваат од звукот на MotoGP додека спортот се враќа на една од своите најсвети сцени. Подгответе се за викенд што ќе вреди секоја секунда.


Коментари