Од насловот може многу малку да се прочита за тоа низ што сè поминаа италијанскиот производител и шпанскиот возач по патот до првата победа во MotoGP.
Долг и трнелив беше патот, кој некако заедно го изодеа Aprilia, поддржан од специјалистот за скутери Piaggio, и човекот кој за малку не го освои неславниот рекорд од 200 настапи во MotoGP без ниту една победа. Другиот неславен податок е дека беше единствениот возач на гридот, кој не победил на ниту една трка во ниту една класа во светскиот шапионат!
Aleix Espargaro за малку и немаше да ја дочека оваа победа ако во 2020 година останеше на одлуката да се повлече од MotoGP и да си ја бара среќата во некоја друга категорија, или струка генерално. За среќа блиските како и новиот тимски шеф Massimo Rivola кој дојде од редовите на Ferrari F1 тимот, го разубедија да остане и да верува.
Овој GP викенд започна некако необично заради целиот хаос причинет од задоцнетиот транспорт, но самодовербата со која зрачеше постариот Espargaro, не “нафура” сите да ја гледаме трката со некоја старвопочит и исчекување на исполнување на бајката за првата победа.
Како да падна во втор план и слабата форма на Yamaha и Quartararo кој се чини со надчовечки напор ги одржува во живот шансите за титула додека неговиот колега се дави во поредокот, “трапавоста” и изгубеноста на фабричкиот тим на Ducati и нивните возачи кои делуваат како сега да влегуваат во MotoGP, одличниот Jorge Martin кој конечно се врати на позиција која ја очекувавме од почеток, третата позиција на човекот кој сфати дека мора да заврши трка за да освои подиум, најдобрата позиција на Maverick Vinales кој е веројатно пресреќен со одлуката да се приклучи кон новиот проект, особено по формата на неговиот поранешен тим, и сигурно дека помина скоро неприметен фантастичниот настап на почетникот Marco Bezzecchi кој заврши и пред Enea и пред колегата Marini кој по третата стартна позиција се изгуби во поредокот, повратникот Taka кој со нов негативен тест беше најдобра Honda на 12-та позиција... Сè падна во втор и трет план по фантастичниот викенд на Aprilia и Espargaro.
А како започна? Пред 6 сезони кога тимот, кој во тој момент се викаше, Aprilia Racing Team Gresini го повика талентираниот и вреден, но недокажан возач, Aleix да се приклучи во проектот, започна долгиот процес на остварување на целта да се створи конкурентен мотор способен за остварување на високи цели. Хибридот на фабрички мотор раководен од приватен тим, веројантно и не можеше да даде повеќе резултати. Да, победата не е само резултат на резделувањето на овој сојуз, туку на долгогодишна работа, но ако ја земеме предвид и победата на тимот на Gresini Ducati тогаш очигледно двете страни направиле одлична работа.
А викендот започна со набиениот распоред и маратонскиот пренос кој бараше солидна кондиција за следење на сè што се случува на патеката и вон неа. Едно беше јасно. Aleix беше фокусиран и полн со (оправдана) самодоверба. Знаеше точно со каков потенцијал располага моторот и контролирано го вадеше максимумот. Дури наоѓаше време да и намигне на камерата за време на паузите во боксот, како да сакаше на сите да им каже – почекајте ќе видите!
Во првата тренинг сесија заврши на првата позиција. Во втората тренинг сесија заврши на првото место, а веднаш зад него, како потврда за одличната форма на италијанскиот мотор, се пласираше колегата Vinales! Помладиот колега, за чие доаѓање во тимот кумуваше токму Aleix, беше пресреќен кога на минатиот warm up во Индонезија успеа да најде сетап кој му донел една цела секунда во однос на претходно постигнатото време. Очигледно е направен голем чекор, па завршеното седмо место не ја отсликува неговата трка ако се земе предвид дека до 2 круга пред крај беше на високата петта позиција од која и стартуваше.
Победата не беше лесно извојувана, ако се земе предвид фактот што Martin беше доволно брз, па се изменуваа на првата позиција и на неколку наврати Aleix се обидуваше да го претекне, по што завршуваше длабоко во свиокот, сцени кои дополнително не креваа од стол и ни го дигаа пулсот.
На крај беше тешко и да се добие интервју од Aleix, разбрливо, заради сите оние најблиски со кои сакаше да ја сподели радоста по телефон, а и лично. Неговиот брат Pol, кој заради освоената титула во Moto2 влезе во највисоката класа како подобар од двајцата браќа, дојде да му честита на својот брат иако не му беше до честитање. Pol испадна од трка и на крај мораше да се радува со неговиот брат за неговиот успех. Дали беа солзи радосници и беа солзи заради уште една пропадната шанса, само тој знае. Помладиот брат беше во слична ситуација и по првата победа на тимот на KTM во MotoGP, кога во истата трка го заврши настапот со пад, додека неговиот руки тимски колега Brad Binder победи во Чешка. Следната сезона по 4 години го замени моторот со овој на Honda и иако по првата трка во која водеше се до неколку круга до крајот, повторно влезе во лоша серија на резултати. Некогаш знае да биде суров мотоспортот.
За крај мора да се напомене и дека победата на Aliex & Aprilia, беше извојувана во директен дуел во нормални временски услови, против Ducati кој е главен претендент за титулата, Suzuki кој по титулата во 2020-та е секогаш во врвот, против далеку побогатиот KTM, против ланскиот шампион Yamaha и гигантот Honda и еден куп сателитски тимови кои возат скоро фабрички мотори!
На сето ова ќе го додадеме и фактот што до сега првите тројца кои се качија на подиумот се различни на сите 3 трки! Иако предвидувавме неизвесност на почетокот на сезонава, секако никој не се надеваше на ваков исход.
Интересни беа и трките во пониските класи во кои веќе се издвојуваат фаворити за освојување на титулата, но за тоа во некоја друга прилика.
Едвај ја чекаме следната трка во COTA која доаѓа за 4 дена и, веруваме, ќе донесе нови изненадувања!