Дали некој навистина ја очекуваше Yamaha повторно на врвот, како и просечните Suzuki и Aprilia, нервозната Honda, солидните Ducati и победничкиот KTM?

oliveira indonesia 2022

Што се случи во период од 2 недели? Како успеаа да се променат до толку работите? Веројатно одговорот на овие прашања е малку покомплексен, но една променлива најмногу влијаеше на исходот. Високите температури на кои наиде MotoGP во Индонезија го натераа производителот на гуми Michelin да се одлучи на промена на конструкцијата и тимот на гумите. Заради топлината на пневматиците се јавуваат промени кои се јавуваат на во облик на плускавци, што во основа ги прави гумите невозливи, а со самото тоа и небезбедни. Тука нема компромис. Над 300km/h и небезбедни гуми се рецепт за катастрофа. Промовираа гума која е стара 4 години како концепција, но има поцврст каркас, односно конструкцијата на гумата, и нешто послаби перформанси, но затоа е поотпорна на високата температура и плускавците. Едноставно звучи? Сè додека не се извози во реални услови. Другата компонента за салтото во поредокот е делумното обновување на патеката и променливите временски услови. 

„Забавата” започна со првите тренинзи

Па да видиме како се одвиваа квалификациите и да се обидеме да разбереме што се случуваше. Заради специфичноста на викендот до сега, ќе ги разгледуваме тренинзите во кои се одигруваше целата “забава”.

FP1. Тука работите сеуште делуваа до некаде “нормално”. Pol, Miguel, Marc, Franco, Johann, Aliex, Brad, Enea, Pecco, Joan, Jack и т.н. Fabio е дури 16-ти додека почетниците се на дното. На измиената патека се возеше на тесна тркачка патека која овозможуваше притискање до крајните граници. Ниските температури овозможија користење на меки и средно меки пневматици и сѐ наликуваше на вообичаен викенд. 

FP2. Повисоките температури овозможија користење и на тврдите гуми. Тука некаде веќе почнаа да се мешаат работите. Како да паднаа во вода предсезонските тестирања на кои возачите и тимовите во 3 дена собираа податоци, но со сосема поинакви пневматици. Заради фактот што одредувањето на поредокот, односно квалификациите директно во Q2, се одредуваат според собраните постигнати времиња во FP1, FP2 и FP3, оние што испаднаа во надвор од најбрзите 10 можеа само да се надеваат на добри временски услови во FP3 за да имаат некаква шанса за понатаму. А кои беа тие што испаднаа по FP1 & FP2? Настрана оние кои беа за очекување дека ќе испаднат, останатите места ги пополнија Pecco, Marc, Pol и Joan Mir!

Додека Bagniana и покрај лошиот резултат беше полн со самодоверба затоа што му се врати чувтството со моторот и конечно знае во кој правец се движи, наместо да експериментира делови како во претходниот викенд. Тоа е добар знак. Возач со самодоверба е брз возач. Останатите не беа толку среќни. Сите се аспиранти за титула и оваа позиција е срамотна за сите. Сесијата се заврши со падови на Marc и Enea. Одиме на трета шанса? Не баш.

FP3. Дождот ги поштеди во третата сесија, но врнежите на половина час пред стартот на сесијата, ја оставија релативно накисната со мокри делови. Тука гледавме класичен дуел меѓу специјалистите за вакви услови Miller и Marquez постариот. Се менуваа на врвот додека најбрзите времиња паѓаа се пониско и пониско, но не доволно ниско. Иако монтираа гуми за суво, температурите беа премногу ниски за подобрување на вкупните постигнати времиња. 

FP4. Ова е времето за сетап за трка наместо за квалификации и тука може да се наговести евентуалниот поредок во трка. Ќе користиме уште еднаш просечни времиња по круг за да добиеме некаква појасна слика. Далеку од јасна, но сепак.

Q1. Ги набројавме главните јунаци кои се бореа за квалификации во Q2. Додека Pecco фокусирано поставуваше најдобри времиња, Marc газејќи преку границата на перформансите падна и додека моторот сеуште се тркалаше во песокот, тој трчаше по резервниот. Менторот Alzamora го презема на скутер и сопирајќи дури го допре ѕидот на гаражата во обидот да го врати на вториот мотор што побрзо. Френетична атмосфера. Лудило! Оваа сцена не дека не сме ја гледале и порано кога е Marc во прашање. Едноставно човекот не сака да остави ништо на случајноста. Секоја секунда е важна и на таа посветеност не може скоро никој да му парира. На резервниот мотор запона да го гради квалификациониот круг и претекнуваше сѐ пред себе. Тука ја направи и втората грешка и уште еднаш падна, разбивајќи го и вториот мотор.

Тука беше крајот на шасните за понатаму. Никако не му одговараше новиот пневматик. Истото може да се каже и за неговиот тимски колега кој немаше баш пофални зборови за промената која ја направи Michelin и ја сосема ја смени “плочата” од минатиот викенд. Едноставно нивниот нов мотор е конструиран околу новата гума и овој изменет пневматик им прави огромен проблем.

Joan Mir делуваше непрепознатливо и тој имаше пад, па на крај изјави дека не верува дека ќе ја заврши трката заради веројантоста дека повторно ќе паѓа. 

Понатаму одат Pecco и почетникот FabioDi Giannantonio кој го постигна најдобриот резултат во руки таборот. 

Q2. Тука видовме поредок кој потсетува на минатата сезона кога шампионот вадеше чудесни кругови во квалификациите кои воедно го донесоа и до титулата. Fabio на врвот, по него Martin кој иако стартува од врвот не беше задоволен од неговиот настап, па Zarco кој делуваше задоволен, па Brad Binder кој покажува конзистентност и заедно со Enea покажуваат сериозно моќна двојка. Pecco успеа да се квалификува на последен во вториот ред што му дава одлична шанса за напад на врвот, а по него следат одличниот Oliveira, Rins кој возеше навистина “ватрено”.

По нив доаѓаат Jack, веќе стандардниот Aliex, одличниот Di Gia и несреќниот Morbideli кој и покрај одличните времиња постигнати на припремите не успеа да врзе круг, па “одозгора на тога” (како што би рекол еден наш политичар) доби и казна заради небезбедна проба за старт на крајот од сесијата. Веднаш дигна рака за признавање на вината и не се бунеше за казната.

Вреди да се спомене и успехот на новиот тим CFMoto во Moto3 со кој Carlos Tatay успеа да дојде до првата пол позиција пред, Diogo Moreira и локалецот Mario Aji кој успеа дополнително да ја израдува локалната публика.

Во класата Moto2 својата прва пол позиција ја освои Британецот Jake Dixon, пред Augusto Fernandez и сонародникот Sam Lowes.

Ако продолжат променливите услови и утре имаме дожд, сето ова ќе го заборавиме затоа што ќе има повторно мешање на картите. Ако се вози на суво не очекува неверојатно интересна трка преполна со фаворити на врвот. Некако и не очекуваме ништо помалку! (Овој текст беше напишан пред трката, но заради технички причини не се објави на време, затоа и го пренесуваме интегрално)

Дали трката ќе одговара на непредвидливоста на квалификациите?

Пред секоја трка се вози загревачката сесија на која се прават последните промени во сетапот на моторот и вообичаено се бира компонентата на пневматици која ќе се користи во трка. Токму тука се случи и четвртиот пад на Marc викендов. Овој пад беше прилично страшен и сличен на падот на Pol Espargaro од минатата сезона во Валенсија. Катапулт исфрлањето од седиште, попознат како highside, се јавува во моментот кога задната гума веќе не може да се справи со моќта на моторот, попушта за момент и пролизгува, по што се движи околу вертикалната оска на моторот, за одеднаш за фати контакт и да го исфрли возачот, додека продолжува со опасните пируети кон песочната стапица. Според тоа како неконтролирано се префрлаа екстремитетите околу телото на Шпанецот, можеше да се заклучи дека се работи за кратко губење на свеста. 

Ваква повреда се јавува како последица на јак удар во главата, а е знак за потрес на мозок, по што се јавува потенцијална многу поголема повреда од евентуално повторување на ударот. Затоа со право беше решено од сите засегнати страни да не се натпреварува на трка. Ако се земат предвид последните повреди на Marc и можноста за повторување на истите, сосема е оправдана паузата. Со ова повторно излегуваат на површина проблемите кои ги имаше Honda минатата сезона со унифицираниот софтвер на Magneti Marelli. Оваа година големиот напредок се должи и на фактот што најдоа добар сетап за да се избегне и непредвидливото пролизгување со подобра контрола на ESP системот. Тоа е тенка граница на која се балансира помеѓу безбедноста и перформансите. Со промената на конструкцијата на гумата за оваа трка сето тоа падна во вода. А Marc не знае поинаку да пристапи кон трките и често влегува во максимален ризик. Тоа го прави тоа што е на крајот од денот, 8-кратен шампион, но се надеваме дека нема да плати превисока цена.

Инаку трката со сите одложувања заради условите кои најмногу му одговараа токму на Marc кој требаше да стартува како 15-ти, кончено стартуваше по поредокот од квалификациите. И додека сите очекуваа процедурална трка на Ducati, нешто необично се случуваше на врвот. Главниот збор го играа, очекувано Jack Miller и Zarco на Ducati, но неочекувано друштво им правеа актуелниот шампион Quartararo и човекот кој ја заврши предвреме првата трка Miguel Oliveira. Не се раскажуваат претекнувањата лесно затоа што беа исполнети со многу потскокнувања од седиште на возачот, синхронизирани со потскокнувања на авторот на текстов, а верувам и на сите оние кои ја гледаа трката. Тука се вбројуваа и дуелите меѓу Fabio и Jack кои завршуваа со неколку контакти, па се доведува до прашање другарството на овие двајца. На крај Fabio докажа зошто е шампион и успеа да го освои второто место, што не беше за очекување ако се знае историјата на Yamaha на дожд. Zarco со многу внимателност го претекна фабричкиот Ducati и заврши како трет. Зад Jack се наредија другарчињата од Suzuki Alex & Joan, кои одат рака под рака на последните трки, секако пониско отколку што очекуваа, но сепак освоија солиден број на бодови. Осамено извозе Franco на седмото место дури 21 секунда зад победникот, но сепак собра солидно искуство на новиот мотор.

2022 1500 motogp 02 ina mgp day04 race edit hs.big

Иако целата трка интелигентно ја контролираше Забарот од Португалија, не фалеше возбуда и тоа неочекувано истата се одвиваше од 8-15-тото место. Таа група на возачи приреди по неколку претекнувања во круг, особено при крајот на трката кога почетникот Darryn Binder на неколку наврати ја предводеше колоната и се претркуваше со сите, вклучително со неговиот брат, па на некој начин си го исполни сонот. Со тоа докажа и дека не случајно се наоѓа тука, особено заради фактот што остана на патеката и не однесе некој надвор од неа заедно со себе. Среќата го прати храбриот, па на крај ја освои 10-тата позиција, убедливо пред останатите почетници. Брат му Brad на KTM, ја предводеше групата низ целта на 8-то место, пред Aleix на Aprilia. Многу значајно за конечниот пласман во кој одлучува секој еден бод. Enea не се снајде баш најдобро заради малото искуство на дожд и претпазливоста да не се згреши. На крајот од крупата завршија останатата половина браќа Espargaro, Marquez и Marini заокружени со непријатното изненадување Pecco Bagnania. Pol веројатно е среќен што замина од Индонезија со 4 бода и со главата на рамења, по опасните пролизгувања на неговиот RC213V. Додека кај Јапонците беше евидентент проблемот со моторот, за слабиот резултат во трка, Pecco не го впери прстот во моторот или во тимот туку едноставно по она пролизгување во првата кривина, не само што изгуби позиции и време туку и чувство за предницата на моторот. Останатите позиции се очекувани за натпреварувачите кои се наоѓаа на нив, но последното разочарување беше паѓањето на Jorge Martin, кој како фаворит веќе фати еден лош низ на резултати, овој пат заради сопствена грешка. 

Уште еднаш да повториме, нè очекува многу тесна борба за врвот и секоја грешка скапо се плаќа. Нова победа за KTM дополнително ги комплицира работите и за очекување е скороо сите производители да се качат на највиското скалило на некоја од слените трки. 

Во најслабата класа, според снагата на моторите, убедливо победи Dennis Foggia на Honda, со што го потврди квалитетот кој го гледавме минатата сезона, додека победникот на минатата трка, сонародникот Migno ни крив ни должен ја заврши предвреме трката додека се наоѓаше на висока позиција и тоа во последниот круг. Втор заврши се подобриот Guevara на GasGas, додека пак трет заврши полситерот Tatay на CFMoto со што до негде го потврди добриот резултат од квалификациите.

Средната класа ја одбележа првата победа на Тајланѓанецот Somkiat Chantra кој имаше своја публика, но и неверојатниот камбек на Celestino Vietti кој по падот во поредокот на почетокот на трката успеа да заврши втор и да се избори против секогаш борбено расположениот Aron Canet.

Следна станица е патеката Termas de Río Hondo во Аргентина. Кој ќе чека 2 недели?

Back To Top