Педро Акоста е еден од најголемите таленти што MotoGP ги има видено во последната деценија. Според информациите во шпанските и светските медиуми, од 2027 тoj ќе стане дел од фабричкиот тим на Ducati. Младиот Шпанец, кој веќе во својата дебитантска сезона покажа зрелост и брзина на ниво на најдобрите, ќе се приклучи на Марк Маркез – создавајќи една од најсилните и најатрактивни постави во модерната историја на шампионатот.
Според информациите, Ducati одамна го сакале Акоста како долгорочна инвестиција и наследник на генерацијата што моментално доминира. Иако повеќе тимови се обидоа да го привлечат, фабричкиот проект на Ducati бил пресуден фактор за неговата одлука.
Со доаѓањето на Акоста, Ducati ја зацврстува стратегијата за иднината, комбинирајќи искуство и титули од Маркез со свежина и агресивен стил на возење на младиот шампион. Очекувањата се дека ова дуо ќе биде сериозна закана за конкуренцијата, особено со оглед на тоа што и двајцата се познати по својата борбеност и способност да извлечат максимум од моторот.
Иако 2027 изгледа далеку, трансферот веќе предизвика големо внимание во падокот. Многумина веруваат дека ова може да биде почеток на нова доминација на Ducati, но и период исполнет со интензивна внатрешна конкуренција – нешто што често создава спектакуларни трки.
Секако, како што се очекуваше, по инфорамцијата за трансферот на Фабио Квартараро во Honda сега уште повеќе се отвараат прашањата за следните рокади. Каде ќе оди Пеко? Кој ќе остане или дојде со Квартараро? По се изгледа претстојниве неколку недели, пред почетокот на новата сезона ќе донесат одговор за прераспределбата на позициите за 2027 година.
Следнта година, ќе донесе сама по себе огромен број промени во поглед на самите мотори, аеро пакетите и електорниката, па самите тимови брзаат да го решат прашањето во поглед на возачи затоа што ќе треба да ги тестираат новите машини во текот на оваа година.
Кој е следен голем трансфер?


Коментари