(Време на читање: 5 - 10 минути)


Од сезоната 2027, MotoGP влегува во една од најголемите технички промени во модерната историја на шампионатот. Моторите од 1000cc заминуваат во историјата, на нивно место доаѓаат нови 850cc машини, а покрај тоа ќе има и помалку аеродинамика, забрана за ride-height и holeshot уреди, нов добавувач на гуми, 100% нефосилно гориво, крај за wild card настапите во кралската класа...

На хартија, сето ова звучи како рецепт за побавни мотоцикли. Но вистинското прашање е: дали MotoGP 2027 ќе биде побавен само поради помалата кубикажа, или најголемиот удар врз перформансите ќе дојде од забраната на ride-height уредите?

motogp motori 2027

Што точно се менува во MotoGP од 2027?

Најголемата промена е намалувањето на работната зафатнина на моторите. Сегашните MotoGP прототипи користат мотори до 1000cc, а од 2027 максималната кубикажа ќе биде 850cc. Целта е јасна: намалување на максималните брзини, поголема безбедност, помала потрошувачка и технички пакет кој треба да го направи тркањето поконтролирано и поодржливо.

Но тоа не е единствената промена. Новите правила носат и построги ограничувања на аеродинамиката, забрана за ride-height и holeshot уредите, намален капацитет на резервоарот од 22 на 20 литри (со 100% одржливо гориво), намалена ширина на предниот дел од 600mm на 550mm, и поместување на носот на предниот дел за 50mm наназад. Од 2027 ќе има и нов снабдувач со гуми во кралската класа, бидејќи Pirelli ќе го замени Michelin како официјален добавувач за MotoGP.

Дополнително, аеродинамичкиот пакет ќе може да се ажурира само еднаш по сезона, што значи дека тимовите ќе мора внимателно да изберат кога и како ќе го направат тој развоен чекор. Од 2027 ќе бидат забранети и wild card настапите во MotoGP класата. Тоа значи дека тимовите повеќе нема да можат да пријавуваат дополнителни возачи на одредени трки, нешто што досега најчесто се користеше за тест-возачи, развој на нови делови или специјални настапи на домашни патеки.

Што се менува од 2027?

  • MotoGP: од 1000cc на 850cc
  • Ride-height и holeshot уреди: целосна забрана
  • Аеродинамика: помали и построго контролирани аеро-елементи, дозволена една промена по сезона
  • Гориво: 100% нефосилно гориво
  • Резервоар: намален од 22 на 20 литри
  • Преден дел: ширина намалена од 600mm на 550mm, носот поместен 50mm наназад
  • Гуми: Pirelli го заменува Michelin во MotoGP
  • Wild card настапи: забранети во MotoGP од 2027
  • Moto2: останува Triumph 765cc, договор до 2029
  • Moto3: моментално 250cc, се разгледуваат идни промени кон поголема кубикажа

850cc наместо 1000cc – колку ќе изгубат моторите?

Намалувањето од 1000cc на 850cc неизбежно ќе донесе помалку сила. Помал мотор значи помалку вртежен момент и помалку максимална моќност, особено на правците каде што сегашните MotoGP машини достигнуваат неверојатни брзини.

Но приказната не е толку едноставна. Помалата кубикажа може да донесе и одредени предности. Моторот може да биде полесен, со помали внатрешни маси и поинаква испорака на сила, што теоретски може да помогне мотоциклот да биде поагилен при влегување во свиоци и при брзи промени на правец.

Слична логика видовме и во минатото, кога MotoGP премина од 990cc на 800cc. Тогаш моторите навистина изгубија дел од бруталната сила, но добија многу висока брзина низ свиоци. Сепак, разликата во 2027 е што заедно со помалиот мотор доаѓа и сериозно кратење на технологијата која денес им помага на возачите да ја искористат целата сила многу порано и многу поагресивно.

Вистинскиот удар: забрана за ride-height уредите

Можеби најголемата промена не е самото намалување на кубикажата, туку забраната на ride-height уредите. Овие системи во последните години станаа еден од најважните делови од модерниот MotoGP пакет.

Ride-height уредот ја спушта задницата на мотоциклот при забрзување, со што се намалува кревањето на предното тркало и се овозможува возачот порано и подолго да остане на полн гас. На излез од свиок, тоа прави огромна разлика. Без ваков систем, мотоциклот полесно ќе крева предно тркало, електрониката ќе мора повеќе да интервенира, а возачот ќе мора попрецизно да ја дозира гаста.

Токму затоа многумина сметаат дека забраната на ride-height уредите ќе има поголем ефект врз времињата по круг отколку самото намалување од 1000cc на 850cc. Денешните MotoGP мотори можат неверојатно долго да останат на полн гас, делумно благодарение на овие системи. Кога тие ќе исчезнат, забрзувањето на излез од свиоци ќе стане потешко, понервозно и повеќе зависно од десната рака на возачот.

Помалку аеродинамика, помалку стабилност

Аеродинамиката исто така ќе биде ограничена. Во последните години MotoGP мотоциклите добија сè поголеми и посложени крила, канали и аеро-елементи, кои помагаат при стабилност, сопирање и контрола на кревањето на предното тркало.

Со новите правила, аеродинамичките додатоци ќе бидат помали, построго контролирани и со ограничен број на промени во текот на сезоната. Тоа треба да го намали „валканиот воздух“ зад мотоциклот и да овозможи полесно следење и повеќе претекнувања. Во теорија, тоа е добра вест за трките. Во пракса, тимовите сигурно ќе бараат нови решенија во рамките на правилата, па аеродинамиката нема да исчезне, туку ќе стане поограничена.

Pirelli наместо Michelin

Од 2027, Pirelli ќе стане официјален добавувач на гуми и за MotoGP. Италијанскиот производител веќе е присутен во Moto2 и Moto3, а со оваа промена Dorna добива единствена патека на развој низ сите класи.

Промената на гумите секогаш носи непознати. Michelin гумите имаат свој карактер, Pirelli има друг. Возачите ќе мора да се прилагодат на различно чувство на предницата, различна работа на задната гума и различно однесување при трошење. Можно е на почетокот да гледаме поголеми разлики меѓу тимовите, додека сите не сфатат како најдобро да го користат новиот пакет.

Но не мора да значи дека ова ќе биде негативно. Ако гумите се однесуваат поразлично во текот на трката, тоа може да донесе повеќе стратегии, повеќе падови во темпо, повеќе дуели во последните кругови и повеќе непредвидливост.

GPS податоци

За да се израмни теренот уште повеќе, GPS податоците од сите возачи ќе бидат достапни за сите тимови по секоја сесија. Оваа транспарентност им овозможува на послабите тимови и возачи подобра можност за напредок, и тоа со контролирани трошоци. Пристапот до ваков опсег на податоци ќе помогне спортот да стане побезбеден, а истовремено ќе го зголеми нивото на увид достапен за навивачите ширум светот. Новите GPS системи ќе бидат со прецизност до неколку сантиметри, што ќе овозможи анализа на линиите, дистанците и безбедносните аспекти во реално време.

Концесии

Сегашниот систем на концесии, воведен на крајот од сезоната 2023, ќе продолжи и во новата ера. Со воведувањето на новите технички правила во 2027, сите производители ќе ја започнат сезоната во Rank B. Средината на сезоната, во лето 2027, ќе биде првата точка за повторна проценка, кога ќе можат да се движат нагоре или надолу во рангот, зависно од резултатите. Овој реактивен систем значи дека перформансите на производителите ќе се земаат предвид од првиот ден, со цел да се задржи рамнотежата меѓу сите учесници во новата ера на MotoGP.

Колку побавни ќе бидат MotoGP моторите?

Проценките се, од една до две секунди по круг, зависно од патеката, но тоа ќе зависи од многу фактори: карактерот на патеката, развојот на новите мотори, гумите, аеродинамиката и тоа колку брзо фабриките ќе го разберат новиот правилник.

На патеки со долги правци, како Муџело или Катар, разликата може да биде поголема. Токму Муџело е патеката каде што MotoGP ги има забележано највисоките брзини во историјата. Официјалниот рекорд изнесува 366,1 km/h — брзина што Бред Биндер ја постигна со KTM на спринт-трката во Муџело во 2023 година, а подоцна истата бројка ја израмни Пол Еспаргаро, исто така на Муџело, во 2024 година.

Со новите 850cc мотори, помалку аеродинамика и забрана за ride-height уредите, тешко е да се очекува дека вакви бројки ќе бидат лесно достижни. Максималната брзина најверојатно ќе падне, но уште поважно е што ќе се смени начинот на кој мотоциклот забрзува на излез од свиоци. Возачите ќе мора порано да размислуваат за кревањето на предното тркало, за трошењето на гумите и за тоа колку агресивно можат да ја отворат гаста.

На технички патеки, каде што брзината низ свиоци и стабилноста при сопирање се поважни од максималната брзина, разликата може да биде помала. Но едно е јасно: MotoGP од 2027 нема да биде само „истиот шампионат со помали мотори“. Ќе се смени целиот баланс на мотоциклот.

Крај за wild card настапите во MotoGP

Една од поновите и прилично важни одлуки е забраната за wild card настапи во MotoGP од 2027 година. Wild card настапите со години им овозможуваа на фабриките да пуштат дополнителен возач на одредени трки, најчесто тест-возач или домашен возач, кој во реални тркачки услови можеше да проба нови делови, нови идеи или развојни решенија.

Со преминот кон новата 850cc ера, оваа можност се укинува во кралската класа. Тоа веројатно е направено за да се контролира развојот, да се намалат трошоците и да се спречи некои производители преку дополнителни настапи да добијат поголема предност во првата сезона од новиот правилник.

За навивачите, ова има и негативна страна. Wild card настапите често носеа дополнителна приказна во тркачкиот викенд — враќање на познато име, настап на тест-возач кој конечно добива шанса или фабрика што пробува нешто ново. Од 2027, барем во MotoGP, таквите настапи ќе ги нема.

Што ќе се случи со Moto2?

Иако MotoGP ќе се намали од 1000cc на 850cc, Moto2 засега останува со Triumph 765cc трицилиндричниот мотор. Triumph има продолжен договор како ексклузивен добавувач на мотори за Moto2 до 2029 година, што значи дека во оваа класа не се очекува промена на кубикажата заедно со новите MotoGP правила во 2027.

Тоа на прв поглед звучи интересно: MotoGP ќе има 850cc, Moto2 765cc, па разликата во кубикажа ќе изгледа помала од порано. Но во реалноста разликата меѓу двете класи ќе остане огромна. MotoGP мотоциклите се фабрички прототипи со многу посилни мотори, понапредна електроника, подобри сопирачки, поразвиена аеродинамика и далеку поголем буџет за развој.

Затоа Moto2 нема одеднаш да се доближи до MotoGP само затоа што кралската класа ќе се намали на 850cc. Moto2 ќе остане средната класа, со контролирани мотори, различна филозофија и главна задача да ги подготвува возачите за MotoGP.

Што ќе се случи со Moto3?

Moto3 моментално користи 250cc едноцилиндрични четиритактни мотори. Во последниот период се зборува за голема промена во иднина, со можност класата да премине кон поголеми мотори, најчесто спомнувани како 500cc двоцилиндрични машини.

Идејата зад ова е Moto3 да стане пореална подготовка за Moto2. Денешните Moto3 мотори се мали, лесни и бараат специфичен стил на возење, со многу висока брзина низ свиоци и минимално губење на инерција. Поголем мотор би донел повеќе сила, поинакво забрзување и полесен премин за младите возачи кон Moto2.

Сепак, важно е да се нагласи дека најцврсто потврдените промени за 2027 се однесуваат на MotoGP. За Moto3 се разговара за идни промени, но конечната форма, точниот датум и дали тоа ќе биде 500cc двоцилиндрична концепција треба внимателно да се следат преку официјалните одлуки на FIM, Dorna и Grand Prix Commission.

Побавно не значи досадно

Најголемиот страв кај дел од навивачите е дека MotoGP ќе стане побавен и помалку спектакуларен. Но брзината сама по себе не е секогаш тоа што ја прави трката возбудлива.

За гледачите покрај патеката, максималната брзина е спектакл. Кога MotoGP мотор поминува на правец со над 350 km/h, тоа е нешто што не може целосно да се пренесе преку телевизија. Денешниот рекорд од 366,1 km/h звучи речиси нереално за мотоцикл, но за гледачите пред екран најважни се дуелите, претекнувањата, борбата на сопирање, грешките под притисок и неизвесноста до последниот круг.

Ако новите правила навистина донесат помалку зависност од уреди и аеродинамика, а повеќе зависност од возачот, тогаш MotoGP може да стане побавен на штоперката, но повозбудлив за гледање.

Нова ера за MotoGP

Сезоната 2027 нема да биде само техничка промена, туку нова филозофија. Помали мотори, помалку уреди, помалку аеродинамичка слобода, нови гуми, нефосилно гориво и помалку можности за дополнителен развој преку wild card настапи.

Тоа е обид MotoGP да го врати балансот меѓу технологијата и човекот. Прашањето не е само дали мотоциклите ќе бидат побавни. Прашањето е дали ќе добиеме подобро тркање. Ако одговорот е да, тогаш тие една или две секунди по круг никому нема да му недостасуваат.

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: