(Време на читање: 2 - 4 минути)


Првиот септемвриски викенд ќе биде исполнет со мото настани, како на домашен терен, така и на европските тркачки патеки. Од 4 до 6 септември низ Македонија ќе се вози традиционалното Мото рели Македонија – Независност, во сабота во Скопје ќе се одржи Vespa Grand Prix, во Прилеп е Bike2Beer Party, а на Slovakia Ring тројца македонски натпреварувачи ќе се борат за бодови во FIM Europe Cup, Alpe Adria и BMU Европскиот шампионат.

moto nastani

772 километри низ Македонија на Рели Независност

Најголемиот домашен мото настан викендов започнува во петок, 4 септември, кога од Плоштад Македонија во Скопје ќе стартува 35. издание на традиционалното Мото рели Македонија – Независност.

Учесниците ги очекуваат три дена и вкупно 772 километри низ Македонија.

Првиот ден се вози од Скопје преку Тетово, Гостивар, Маврово и Дебар до Струга, во должина од 205 километри. Во сабота следува најдолгата етапа од Струга преку Охрид, Ресен, Битола, Прилеп, Кавадарци, Неготино и Гевгелија до Дојран, долга 272 километри.

Последниот ден учесниците од Дојран преку Струмица, Берово, Виница, Кочани, Пробиштип, Кратово и Куманово ќе се вратат во Скопје. Последната етапа е долга 295 километри, а финишот на Плоштад Македонија е предвиден меѓу 17:30 и 18:30 часот.

Повеќе информации и целата рута за Мото рели Македонија – Независност 2026

80 години Vespa ќе се слават во Скопје

Саботата носи уште еден интересен настан, овој пат во Скопје.

На големиот паркинг кај СЦ „Борис Трајковски“, спроти базенот, од 10:00 часот ќе се одржи Vespa Grand Prix Skopje, а поводот е големиот јубилеј – 80 години Vespa.

Покрај дружењето на љубителите на италијанската икона, настанот ќе има и натпреварувачки дел. Vespa возачите ќе се натпреваруваат во споро возење, Gymkhana на специјално подготвен полигон и најбрзо возење на 60 метри.

Влезот за посетителите е бесплатен, а организаторите обезбедуваат и посебен паркинг за оние кои ќе пристигнат со мотор.

Повеќе информации за Vespa Grand Prix Skopje

Bike2Beer Party во Прилеп

За оние кои саботата ќе бидат во Прилеп, Sons of Thunder MC Macedonia организира Bike2Beer Party во Mother Chapter Club House.

Забавата започнува во 17:00 часот, а организаторите најавуваат и кампинг за оние кои планираат да останат до следниот ден.

Повеќе информации за Bike2Beer Party

Кочоски, Бузалковски и Мијалков во борба за европски бодови на Slovakia Ring

Додека низ Македонија ќе се вози и слави на две тркала, сериозна тркачка акција ќе има и на Slovakia Ring, каде од 4 до 6 септември се одржува нов тркачки викенд од Alpe Adria International Motorcycle Championship, заедно со трките од FIM Europe Cup и BMU Европскиот шампионат.

Според информациите со кои располагаме, Македонија на Slovakia Ring ќе ја претставуваат Синиша Кочоски, Христијан Бузалковски и Петар Мијалков, сите во класата Superstock 1000.

Тројцата на Slovakia Ring пристигнуваат со бодови во сите три шампионати, а особено интересна е ситуацијата во FIM Europe Superstock 1000 Cup.

По досегашните четири тркачки викенди, Христијан Бузалковски е трет во генералниот пласман со 89 поени, додека Синиша Кочоски е веднаш зад него, на четвртото место со 88 поени. Само еден поен ги дели двајцата македонски натпреварувачи во борбата за европскиот подиум.

Лидер во шампионатот е Бартош Морански со 170 поени, додека второпласираниот Јан Дамонд има 100. Тоа значи дека Бузалковски заостанува само 11, а Кочоски 12 поени зад второто место во генералниот пласман.

Петар Мијалков е седми во FIM Europe Cup со 48,5 поени, со што Македонија пред Slovakia Ring има тројца натпреварувачи меѓу најдобрите седум во европскиот Superstock 1000.

Одлична е ситуацијата за македонските возачи и во Alpe Adria STK1000 шампионатот. Синиша Кочоски во моментов е четврти со 62 поени, Христијан Бузалковски е шести со 58 поени, додека Петар Мијалков е на 15. место со 24,5 поени.

Во BMU Европскиот шампионат, Кочоски го зазема шестото место со 63 поени, Мијалков е деветти со 50, а Бузалковски десетти со 45 поени.

Со оглед на позициите во генералните пласмани, Slovakia Ring ќе биде особено важен викенд за македонските возачи. Бузалковски и Кочоски се директно во борба за европскиот подиум, а второто место во FIM Europe Cup е на дофат пред почетокот на трките.

Slovakia Ring воедно е претпоследната станица во овогодинешниот BMU календар, по што останува финалниот викенд на A1 Motor Park во Бугарија на крајот од септември.

Викенд во знакот на моторите

Од туристичко рели долго 772 километри, преку прослава на 80 години Vespa и мото забава во Прилеп, до борба за европски бодови на Slovakia Ring – од петок до недела љубителите на мотоциклизмот ќе имаат што да следат.

На Motori.com.mk ќе ги следиме настапите на македонските натпреварувачи на Slovakia Ring, а по завршувањето на трките ќе ги објавиме и нивните резултати.

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: