(Време на читање: 4 - 7 минути)


Македонскиот мото-пазар од денес е побогат за уште еден производител. ZXMOTO официјално започна со работа во Македонија, со отворањето на официјалниот продажен салон на брендот.

За многумина името ZXMOTO сè уште е ново, но зад него стои една од поинтересните приказни во мото-индустријата во последните години. Компанијата е основана во 2024 година, а само две години подоцна веќе победува во FIM World Supersport шампионатот и се натпреварува директно со Yamaha, Ducati, Triumph, Kawasaki и Honda.

ZX Moto Nov Salon 4Новиот ZXMOTO салон во Скопје (Бул. Србија бр.23, Аеродром)

Официјален претставник на ZXMOTO за Македонија е СТ МОТОРС ДООЕЛ, а директен претставник на брендот е Никола Стерјовски.

ZXMOTO е ново име, но зад него не стојат почетници

ZXMOTO е основан во 2024 година од Zhang Xue, име кое е добро познато во поновата кинеска мото-индустрија.

Zhang Xue претходно беше коосновач на KOVE, компанија која ја започна во 2017 година и во која беше директно вклучен во развојот на повеќе модели, како и во создавањето на тркачките програми со кои производителот стигна до WorldSSP и Dakar.

По заминувањето од KOVE во 2024 година тој започна сопствен проект – Zhang Xue Moto, односно ZXMOTO.

Токму оваа позадина е важна за разбирање на брендот. Иако самото име ZXMOTO е старо само две години, зад компанијата стои тим со искуство во развој на мотоцикли и меѓународен мотоспорт.

Она што веднаш ни го привлече вниманието е фактот што брендот не се обидува само да понуди уште еден достапен мотоцикл, туку развива сопствени платформи, мотори и технологии и паралелно сериозно инвестира во мотоспортни изјави Никола Стерјовски, директен претставник на ZXMOTO за Македонија.

red 1ZXMOTO 500RR

Од нова компанија до победник во WorldSSP за две години

Можеби најсилниот аргумент дека ZXMOTO има далеку поголеми амбиции од вообичаен нов производител е нивната тркачка програма.

Во 2026 година ZXMOTO дебитираше во FIM World Supersport Championship во партнерство со познатиот италијански тим Evan Bros Racing. Боите на EASTROC ZXMOTO Factory Evan Bros Racing ги бранат Valentin Debise и Federico Caricasulo, на тркачката верзија на 820RR.

Резултатите дојдоа речиси веднаш.

На само вториот тркачки викенд од сезоната, во Портимао, Debise победи на двете трки. До летната пауза ZXMOTO веќе имаше шест победи во својата дебитантска WorldSSP сезона.

По осум рунди ZXMOTO беше трет во поредокот на производители, зад Yamaha и Ducati, додека EASTROC ZXMOTO Evan Bros Factory беше втор во тимскиот шампионат. Debise, пак, се наоѓаше на второто место во генералниот пласман кај возачите.

69cbb657a310d68600facfc1Valentin Debise на тркачката верзија на 820RR

А дека темпото не исчезна по летната пауза покажа и последната трка во Magny-Cours. Debise и Caricasulo ги освоија првите две позиции во Superpole – прво квалификациско 1-2 за ZXMOTO – а Debise го заврши викендот со трето место на двете трки.

Особено важна за нас беше нивната тркачка програма и настапот во WorldSSP со 820RR. Тоа покажува дека развојот не се прави само на хартија, туку и во реални тркачки услови.

Стерјовски додава дека токму потенцијалот на компанијата бил една од причините Македонија да стане дел од нивното европско проширување.

Ние во ZXMOTO гледаме бренд кој има потенцијал многу брзо да стане сериозен играч на европскиот пазар и сакавме Македонија да биде дел од таа приказна уште од самиот почеток.

500RR – моделот со кој ZXMOTO сака да се наметне во Македонија

Во македонскиот салон најголем почетен интерес се очекува за ZXMOTO 500RR.

И причината е лесно разбирлива. Во време кога речиси целата средна спортска класа се движи кон двоцилиндрични мотори, 500RR користи 470 cc четирицилиндричен агрегат кој развива 62 kW, односно околу 84 КС при 13.500 вртежи во минута и 46 Nm при 11.500 вртежи.

Станува збор за четирицилиндричен supersport од средната класа, концепт кој денес практично исчезна кај голем дел од производителите. Лесен мотор, високи вртежи, специфичен звук и спортска геометрија – мислам дека тоа е комбинација која многу ќе им се допадне на македонските моторџии.

Мотоциклот има декларирана тежина од 168 kg, upside-down 41 mm целосно прилагодлива предна вилушка, двојни 300 mm предни дискови и еднострана алуминиумска задна вилушка.

Во август 2026 година ZX500RR-A3 го доби и EU Whole Vehicle Type Approval (WVTA), по процес спроведен со TÜV Rheinland, со што моделот ги исполни условите за пласман на пазарите и во Европската Унија.

ZXMOTO накратко

  • Основан: 2024 година, Chongqing, Кина
  • Основач: Zhang Xue, поранешен коосновач на KOVE
  • Прв сериски модел: ZXMOTO 500RR
  • WorldSSP: дебитантска сезона во 2026 со ZXMOTO Factory Evan Bros Racing
  • WorldSSP победи: шест победи во првите осум рунди од дебитантската сезона
  • Пласман: трет производител во WorldSSP по осум рунди од сезоната 2026
  • Тркачки модел: ZXMOTO 820RR-RS
  • Понуда: sport, naked, ADV, motocross, rally и други модели во развој
  • Македонија: официјален претставник СТ МОТОРС ДООЕЛ

820RR покажува колкави се амбициите

Ако 500RR треба да биде моделот кој ќе привлече најголем број купувачи, 820RR е мотоциклот кој најдобро покажува во која насока сака да оди ZXMOTO.

Во неговата основа е 818,8 cc трицилиндричен мотор развиен од компанијата, а платформата служи и како основа за мотоциклот со кој ZXMOTO настапува во WorldSSP.

Покрај стандардниот 820RR, компанијата разви и поспортски RR-R и RR-RS изведби, а истата трицилиндрична фамилија постепено се проширува и кон naked и adventure сегментот.

820RR е моделот кој според нас најдобро покажува каде сака да оди брендот. Трицилиндричен мотор, значително повеќе перформанси и директна поврзаност со развојот што се прави преку WorldSSP.

f0f62dd2860cf7eZXMOTO 820RR

Салон, сервис и резервни делови во Скопје

Новиот ZXMOTO салон во Скопје (Бул. Србија бр.23, Аеродром) е замислен како специјализиран простор за брендот, но од локалниот претставник нагласуваат дека продажбата е само еден дел од приказната.

За нас најважно е клиентот да има комплетна поддршка – од избор и купување на мотоциклот, до редовен сервис, резервни делови, гаранција и техничка поддршка.

Во план се и demo мотоцикли и test-ride настани, со цел потенцијалните купувачи да можат самите да ги испробаат моделите.

Во следната фаза се планира и проширување преку партнери во други градови во Македонија.

Не сакаме мрежа само заради бројка, туку партнери кои ќе можат правилно да го претставуваат брендот и да обезбедат соодветна сервисна поддршка.

ZX Moto Nov Salon 18Моделите кои се изложени во Скопје

Планови и за македонскиот мотоспорт

Со оглед на тркачката ориентација на производителот, интересно е што и македонскиот претставник веќе размислува за вклучување во домашниот и регионалниот мотоспорт.

Нашата идеја не е ZXMOTO да биде бренд кој ќе го гледаме само во салон. Би сакале да го видиме и на локалните и регионалните патеки, а понатаму, доколку се создадат услови, и на европски натпреварувања.

Се разгледуваат можности за поддршка на македонски возачи и создавање racing програма, но без избрзани ветувања.

Мотоспортот бара сериозна техничка подготовка, логистика, тестирање и буџет, така што не сакаме да даваме ветувања само за маркетинг.

Планирано е и присуство на мото-собири, организирани возења, презентации, test-ride настани и track-day активности, како и соработка со домашните мото клубови и организатори.

 white 1ZXMOTO 500RR во бела боја

Не сакаат ZXMOTO да биде препознаен само како „евтин кинески мотор“

Токму ова можеби ќе биде и најголемиот предизвик за брендот на европскиот, а со тоа и на македонскиот пазар.

Кинеските производители со години главно се обидуваа да привлечат купувачи со пониска цена. ZXMOTO сака да оди во поинаква насока – преку перформанси, сопствени мотори, технологија и резултати во натпреварувањето.

ZXMOTO не сака да биде ‘поевтина верзија’ на друг производител, туку бренд со сопствен идентитет.

Од македонското претставништво се свесни дека за тоа нема да биде доволен само добар мотоцикл.

За нас како локален претставник, тоа мора да биде дополнето и со силна сервисна поддршка, достапни резервни делови и коректен однос со клиентите. Ако успееме да го споиме добриот производ со добра локална поддршка, сметам дека ZXMOTO има многу сериозна иднина на македонскиот пазар.

ZXMOTO допрва треба да покаже како неговите мотоцикли ќе се покажат на долг рок и како ќе функционира постпродажната поддршка на европските пазари. Но почетокот дефинитивно привлекува внимание: компанија основана во 2024 година, европско деби на EICMA во 2025, WorldSSP победи во 2026 и сега официјално присуство и во Македонија.

А ако шест победи во дебитантска WorldSSP сезона се некаква најава, ZXMOTO очигледно не дошол само за да пополни уште едно место во каталозите.

Пријавете се на билтенот за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: