Деновиве беше објавена соработката помеѓу увозникот на Триумф за Македонија и Христиан Илиоски - Кико.
Во време кога македонскиот мотокрос сè погласно чекори на меѓународната сцена, една партнерска соработка најавува ново поглавје за спортот кај нас. Triumph Македонија и еден од најуспешните домашни мотокрос натпреварувачи, Христиан Илиоски, ги здружуваат силите во заедничка мисија – да го подигнат македонскиот мотокрос на повисоко, професионално и препознатливо ниво. Преку поддршка што доаѓа во вистински момент за спортист кој со години вложува пожртвувана работа и постојани резултати, и преку визија на компанија која сака да направи разлика во спортот, оваа соработка претставува силен исчекор кон нови успеси, нови предизвици и нови победи.
„По неколку успешни години, нормално е да се истрошиш и финансиски и секако во мотокросот, но, еден телефонски разговор беше доволен. Така се роди успешната соработка со Triumph. За мене тоа значи дека тешкиот пат кој го поминав низ годините се исплатеше, од сега, на едно повисоко ниво, ќе работиме со заеднички сили со Триумф. Јас сум многу среќен. Со многу пожртвувана работа, со верба, со благослов, спорска среќа и одличната техничка подршка од Тriumph, ќе бидеме максимално посветени на успешна сезона. Ќе учествувам на трките од БМУ Европскиот Шампионат, домашниот шампионат и онаму каде што ќе се створат услови и буџет за плус некоја трка. Оваа сезона ќе имам дополнителна поддршка од Министерството за спорт, низ годините ја имам поддршката од Конти Хидропласт, Димитар Манџуков, Вулко (Прилеп) за гуми, и се надевам на уште некој спонзор. Секогаш кога ќе се создаваат услови јас од даденото го извлекувам максимумот, со многу пожртвуваност и работа. Планот за сезона 2026 се: Со добрата техничка поддршка која се обезбеди, на ред се зимски подготовки и многу тренизи. Успехот ќе дојде со многу работа, се надевам дека ќе котирам добро. Конкуренцијата е голема, ќе видиме на првите трки каков резултат ќе донесам, но ќе работиме постојано, бидејќи секогаш може од добро подобро. Со преставниците на Triumph Скопје Македонија ќе создаваме нови искуства и победи за развој на мотокросот во нашата држава.“ - изјави Илиоски за мотори.ком.мк
„Со оваа соработка сакавме да направиме разлика, да направиме една иницијатива која ќе ја подигне свесноста за квалитетните мото крос натпреварувачи кои доаѓаат од нашата земја, во надеж дека тркачките тимови од самите производители ќе го препознаат нашето залагање. Го одбравме најдобриот мото крос натпреварувач од Македонија, Христиан Илиоски. Исклучителен спортист со долгогодишно искуство и стотици освоени титули на трките во земјава и странство. Triumph, преку нашата компанија Мото Групација реши да му подари најнов најсовремен мото крос мотоцикл на Илиоски. Во развојот на овој модел TF450-X учествуваше самиот великан на мото крос шампионатите Ricky Carmichael, а денес со истиот модел се натпреваруваат добро познати имиња на светската мото крос сцена како Austin Fokner, Jordon Smith и Mikkel Haarup. Веруваме во нашиот избор, од срце му ја посакуваме секоја освоена титула на Илиоски оваа сезона. Истовремено се надеваме дека и други увозници на мотоцикли во Македонија ќе се одважат и ќе решат да помогнат македонските мото крос шампиони да заблескаат во полн сјај“ - изјави Давид Јегени, еден од сопствениците на Тriumph (Мото Групација).
Се надеваме дека ќе имаме шанса да пренесеме што е можно повеќе вакви успешни приказни, македонскиот мото спорт го заслужува тоа! На Кико му посакуваме да се покаже во полн сјај, спортска среќа и само гас, а на момците од Триумф Македонија, капа доле.


Коментари