Паузата помеѓу последниот тест на патеката Лосаил и почетокот на новата МотоГП сезона ја искористивме да направиме ексклузивно интервју со возачот на Yamaha Tech 3, Колин Едвардс.

Колин е роден на 27-ми февруари 1974 во Хјустон, Тексас. "Тексашко Торнадо" е Американски професионален тркач кој во својата кариера има освоено две шампионски титули во Светскиот Супербајк, а од 2003 год. се натпреварува во нај престижниот светски шампионат - МотоГП.

Неговата професионална кариера започнува во 1992 година и тоа со пет победи од девет трки, притоа освојувајќи ја титулата во класата AMA 250cc. Веднаш потоа се сели во АМА Супербајк шампионатот каде во следните две години завршува како 6-ти и 5-ти.

Во 1995 доби понуда да вози за тимот на Јамаха во Светскиот Супербајк, но успесите дојдоа многу подоцна, а врвот го достигна во 2000 и 2002 кога ги освои шампионските титули. Од 2003-та се пресели во МотоГП каде сеуште вози.

Дека се работи за вистински тркач потврдуваат и победите на трката "8 часа Сузука" од која има три златни медали, во 1996 со Норијуки Хага, 2001 со Валентино Роси и 2002 со Даиџиро Като. Двапати ги претставуваше САД на "Куп на нации" вклучувајќи го настапот во 2002 кога САД беа победници. Освен занимацијата со трките, Едвардс во Август 2010 го најави својот камп за тренинг на моторциклисти кој се простира на површина од (81,000 m2).

Едвардс на патеката Лосаил во Катар на последниот предсезонски тест

-Како стојат работите со тренинг кампот, кажи ни нешто повеќе
Големото отворање на кампот е закажано за 24-ти март и многу сум возбуден за тоа. Едвај чекам да видам како ќе изгледа сето тоа, и какви ќе бидат коментарите на луѓето. Кампот ми е замислен како место на кое луѓето ќе си ги подобрат моторџиските способности, но местото има и многу забавни содржини па така ќе можете и да пукате со пушка, да возите картинг, да играте пеинтбол или да возите крос. Јас го нарекувам "Дизниленд" за моторџии.

-Зошто бројот 5?
Тоа е долга приказна. Всушност до 1998-ма возев со #45, а бидејќи на крајот од сезоната завршив како петтопласиран го променив бројот во 5. Сепак тоа беше во деновите кога возев во Супербајк шампионатот. Во МотоГП во 2004-та повторно завшив како петтопласиран и го направив истото, го заменив бројот 45 со 5.

-Со новиот M1 извозе неколку навистина брзи кругови на тестирањата на Сепанг и Лосаил, мислиш ли дека моторот конечно го има она што ти треба за да се покажеш во вистинско светло?
Новиот мотор е одличен, многу многу подобар од оној во 2010 год. Шасијата, електрониката...едноставно се е подобрено. Сепак ние сме сателитски тим, што значи дека од сам почеток на патеката ќе има барем два мотора кои ќе бидат подобри од мојот. Од друга страна, ова е најдобриот сателитски мотор кој сум го возел во овој тим.

-Твое предвидување за МотоГП? Кој ќе биде шампион и каде се гледаш себе си на крајот од сезоната?
Во МотоГП мислам дека Стонер ќе го има главниот збор, во Мото2 Ианон, а во класата 125 Терол е човекот. За мене посакувам да бидам во првите 5. Тоа ќе биде одлично достигнување.

-Се чини дека ти беше единствениот тимски колега на Валентино Роси кон кој "Докторот" се однесуваше со почит. Каков беше вашиот однос?
Валентино е лесен човек, помеѓу нас немаше никаква игра со умовите. Според мене тој е еден од најдобрите тимски колеги кој може некој возач да го има. Од самиот старт во тимот на мене ми објаснија каква улога имам, и нема ништо лошо тука. Го прифатив тоа, си ја знаев улогата и функциониравме одлично. Со Роси се знаевме од претходно, од времето кога возевме Хонди.

-Трка која ќе ја паметиш цел живот?
Втората трка на патеката Имола во 2002, кога се тркавме со Трој Бејлис за шампионската титула.

-Дали би се вратил во WSBK?
Па..можно е. Доколку ми заврши овдека ангажманот, а сеуште имам желба за возење и притоа ми понудат некоја добра зделка тогаш да, би се вратил.

-Tech3 е задоволен од твоите резултати, но дали ти си задоволен од резултатите и од тимот?
2009-та да, одлично беше, 2010 не, с*ање година која се надевам нема да се повтори. Тимот инаку е одличен, се работи за група од прекрасни луѓе.

-"Сузука 8 часа", тешко ли е да се тркаш?
Тоа е болка во задникот! Неверојатно тешка трка. Возиш по 4 часа со тимскиот колега, прво ти па тој, и на таква трка се е можно. Првата победа во 1996 со Хага не требаше да ни припадне нам но сепак се случи тоа. Долга приказна која за да ја скратам ќе кажам... беше прекрасно!

-Кој ти го даде надимакот?
"Cycle News" во Америка беше првото списание кое ме нарече "The Teenage Terror of Texas", потоа кога пораснав и не бев веќе тинејџер надимакот се претвори во "Texas Tornado", име кое ми остана до денешен ден.

-Дали мислиш дека МотоГП ќе биде по атрактивно за гледање во 2012 со мотори од 1000цц?
Да, доколку ја тргнат целата електроника од нив, но бидејќи нема да го направат тоа...навистина не знам што да очекуваат ниту возачите ниту фановите. Во однос на возачите мислам дека оние со помала конституција ќе имаат проблем со големите машини, а што се однесува до публиката, се надевам дека нема да се промени, одлична е.

-Пред неколку години планираше да ја продолжиш кариерата во САД, што те предомисли?
Што ме предомисли... "AMA" се претвори во "DMG" и прозорот кој ми беше отворен наеднаш се затвори. Во моментов не планирам ништо, едноставно уживам во трките. Сеуште се чувствувам мотивирано, и сеуште чувствувам дека сум брз..

-Имаше една позната изјава за Алекс де Анџелис дека е "магаре" заради инцидентот на една трка. Каков е вашиот однос сега?
Никаков

-На твитер објави фотографии од лов на кој видовме многу мртви птици, дали си пасиониран ловџија?
Пасиониран ловџија... сум ловџија но не сум пасиониран како некои од моите пријатели. Имам многу поголема желба да пукам отколку да ловам животни, затоа и во кампот изградив стрелиште со должина од 500 метри.

-Каков мотор возиш кога си надвор од патеката?
Ленд Ровер?...се шегувам но јас навистина немам мој приватен мотор кој го возам низ град. Избегнувам да возам мотори кога не сум на патеката, се случува само да се качам на кросот кој го возам во кампот и тоа е се.

-Што треба да се случи за да се пензионираш?
Добро прашање..ха...што треба да се случи да се пензионирам, веројатно тоа ќе се случи кога ќе ја загубам мотивацијата. Мислам дека за секого важи тоа, ако не си мотивиран можеш да си одиш дома.

-Твојата порака до македонските фанови?
Колку и да изгледаат некои работи тешки во животот, никогаш не се откажувајте од соништата.

Back To Top