Зошто. Ќе го чуете г-динот Гајдов како често пати се повикува на ова прашално зборче и оди толку далеку, да го толкува како фундаментално филозофско прашање. Не сум сигурен дали е навистина така, секако се согласувам дека разлогот за одреден феномен е клучен за откривање на неговата мисија.
Во нашиов еснаф, во нашава култура, мотоциклистичката, често пати се истакнува истово прашање. И сите ние се обидуваме да нашиот одговор е што попрецизен, што поблизок до вистината. Но вистината, како највисок степен на вредноста (па така и во мото-(суп)културата), останува не-целосно откриена.

Пред некоја година мислам дека во Соединетите Држави се сними и мотоциклистички документарец насловен „Зошто возиме“.
И иако можеби е клише и ветво сево ова, во оваа моја прва колумна, за овој ценет сајт, која ја пишувам по понудата од сопственикот и уредник, Баже и јас ќе се „закачам“ за „зоштото“. И ќе се обидам да го допрам и потоа презентирам вистинскиот одговор.
Но со една забелешка. Одговорот на прашањето – зошто возиме, ќе е зачинет со прилично продорен зачин, кој во својство на адитив ќе се обиде да ја искристализира проблемската поставка и како рафиниран дериват да го објасни новонастанатото прашање: зошто возиме двотактни мотори кои понекогаш се постари и од 40 години.
Мотор првпут возев во 4то одд. Еден мој комшија купи нов Томос Аутоматик, зелена Кавасаки боја. Го излажав дека знам да возам и ми даде едно крукче. Тоа крукче сепак не ми остана во пријатно сеќавање, дека со Аутоматикот се утепав.
Врска немав од возење, впрочем и како воопшто поим би имал кога не сум возел никогаш претходно. Имав одредено теориски опсервирано сознание, кое се испостави дека е погрешно; размислував: кај моториве кога кочиш, непотребно е да се одземе гаста, едноставно „он“ у таа прилика, од нужен разлог, ќе мора да застане.
Овие мои сознанија, како што посочив, беа погрешни од причина што вистиносната вредност ја црпеа врз погрешни премиси, следствено, конклузијата искочи погрешна и затоа сето ова резултираше со „сочен“ пад, у кој заработив неколку длабоки резови и модрици, за среќа, немав ниту една скршена коска.
Скоро две години имав страв од возење мотор, сѐ додека еден мој пријател не почна да го краде Пухчето на татко му и он на него, а јас на мојот точак-тробрзинец, почнавме секојдневно тоа лето да идеме во маалото кај Песталоци и бркаме женски.
Тогаш... во епицентарот на целата таа атмосфера... во еден партикуларен миг, одредена сијаличка во мојот ум, во неговиот најскриен агол се упали и остана да свети и ден, денес.
Таа сијаличка тогаш ми „објасни“ дека за да фатиш женска, (ќе) е обврзувачки да ја повозиш до некоја клупа у парк и потоа, уз чоколадно блокче (еурокремче) да се обидеш да ја бакнеш. Но претходно, едноставно - мораш да ја повозиш! (...) И така јас со Пухчето на другар ми почнав да градам свој возачки стил, стил, кои никако не е одвоен од животниот.
Значи... се работи за страст. Се работи за еросот. Се работи за непосредноста... за искреноста. За конзистентноста, автентичноста и... ако сакате – вистината.
Се работи за мирисот на Кастролот. Кастролот R30, кој за прв пат го почувствував кога почнав да одам да гледам сојузен шампионат на Југославија, во Краљево, Пожега, Бања Лука...
Двотактниот мотор најнепосредно ти го пренесува чувството на контакт со патот и/или патеката. И сите оние компоненти од машината (како да) те „маваат“ додека ти ја одвртуваш рачката за гас.
Нема никаква тампон зона меѓу тебе и асфалтот. Меѓу твојот ум и тркалата. Звукот кој искача кога спушташ надоле во пониска брзина, низ меѓугаста и ударот на торкот, е најубавата мелодија некогаш слушната. Оваа мелодија во комбинација со самото забрзување, погледот на стрелката на обртомерот и самиот мирис, од нужен разлог ја креираат катарзата, која на највозвишен начин те шалта во еден поубав свет. Во светот на бајките.
Зошто возам двотактен мотор од осумдесеттите? Затоа што секогаш кога сум на него, имам чувство дека сум со мојата прва љубов – девојката со која бев кога имав 17 години – и дека го доживувам моментот на нашиот прв француски бакнеж. И тоа не е сè. Тогаш... односно сега, додека го возам, повторно ја имам неа, а таа е потполно иста. Никогаш не остарела, ги има истите димензии и е поубава од било кога.
Ова веројатно е најдобриот опис на тоа „зошто“.
Проф. Боби Иванов,
Магистер по Филозофија
Ставовите и мислењата изразени во категоријата Колумни се на авторите и нужно не ги одразуваат официјалните позиции на Мотори.ком.мк
Коментари