Орвел ни зборуваше за 1984, јас сега ќе зборувам за 86та.
Тогаш возев 1983 Сузуки RM250, кое претходно го имал легендарниот Вилсон Стефановски. Иако се работи за чистокрвна тркачка мото-крос машина, јас највеќе го употребував за фасцинирање девојчиња пред Пирамида и хулигански изливи, кои понекогаш (можете да замислите) се манифестираа низ ходниците на ГУЦ Здравко Цветковски, у која образовна институција се обидував и некако со 300 муки, конечно ја добив дипломата, у која стои дека сум геодетски техничар.

Али тогаш нешто се деси.
Тоа лето кај Чонгурот од „Австралија“ со таблици ВТ пристигна една прекрасна Нинџа. Кавасаки GPz900R. Тогаш, првпат у живот, у живо видов таков мотор. Тоа е првиот мотор со 16 вентили и две брегасти у глава, водено ладење... 116 коња. И јас тогаш врска немав за сето тоа. Но и -на некој начин- имав. Иако технички сѐ уште не ги разбирав сите тие компоненти, интуитивно и метафизички скроз ги контав. Плус, напишаното DOHC – 16 VALVE на самата машина (ми) делуваше неверојатно кул. Да не зборувам за AVDS-от на предницата...
Во минатата колумна главниот акцент беше потпрен врз моментот на тоталната возбуда за двотактните мотори, но би бил неискрен доколку не признам колку го обожував звукот на анласерот и ставањето во погон на четворотактната машина со само едно притискање на дугмето, лево од рачката за гас.
И кога сето ова ќе се вметне во целиот пакет (звукот на моторот, изгледот на машината... (4 редни цилиндри, 4 карбуратори и двата симетрични ауспуси), зелената светлина навечер од саатите напред) и самата вожња, која како совозач ја почувствував кога Чонгур ме повози по улицата Козле – аутоматски се катапултираш пред портите на самиот рај.
Одеднаш женските од пред Пирамида станаа тотално незанимљиви и се што сакав беше едно вакво Кавасаки и Kelly McGillis.
А рајот беше тука. Иако портите беа затворени. 16,000 германски марки беше превисока сума за штотуку наполнети 18. Но фантазирањето и сонувањето беше (и за среќа сѐ уште е) бесплатно. Топлите летни ноќи ги поминував мечтаејќи и проектирајќи си ја иднината, понекогаш можеби и апла даркерски.
Имено, си замислував... ако Некој, а тоа ќе е самиот ѓавол, ми предложи да добијам и возам ваков GPZ по цена и на сопствениот живот, би прифатил. Во смисла да го возам и по една година доброволно да се откажам од животот. Признавам, како дете си имав одредени, екстремно мрачни фази. Веројатно, сите сме ги имале.
У тој период, можеби ден, два потоа или пред тоа, како што Чонгур се избаци со Гепезето, се појави и Вите; Тоа се деси една ноќ, кај чешмичката на ЈНА, карши црквата (Соборниот Храм), која сѐ уште абер немаше од завршеток со градбата.
Црвено-бела Јамаха FJ1100. Нишка таблица – „понова од нова!“. Вите као Вите. У рамбовка... и фармерки и патики, сомнителен бренд. (Нема ништо пофраерско од гардероба на тебе од укупно 20 евра и мотор со тебе од 20,000 евра.) FJто беше вселенски брод. Брутална бескрупулозна лепотица!
И сега веќе тоа беше тотална дисторзија. Тотален дисконтинуитет на секоја возможна парадигма применлива дотогаш. Како кога гледаш филм со Џејмс Бонд. И тамо има две преубави жени. Едната е неговата партнерка и е the good girl, другата пак е партнерката на антагонистот или пак самата е тоа. И ти врска немаш која да ја одбереш...
Нинџата или FJто...
Нинџата беше побрза... и на старт скоро секогаш ѝ бегаше на Јамахата. А стартот беше на Партизанска, карши сегашна Порта Буњаковец, во смер накај Џорче. Тука се собираше еден значителен број спектатори, сериозно заинтересирани ентузијасти и оваа група беше толку голема што целата страна на булеварот беше окупирана. Инаку, во тоа време по Партизанска ноќно време поминуваше една кола на 10 минути или поретко. А навечер семафорите, сите само трепкаа жуто. На пешачките, се разбира, не ни имаше семафори.
Како секундант на овие тогашни драг-трки се појавуваше извесен Ерол од Џорче со еден GS1000. Сузуки. GSот беше прекрасен црн мат, медмаксовски мотор. Со огромна хромирана машина и 4 у 1 Marving. Ерол го имаше „малку“ уништено моторот и овој детал се адресира на траумата која он и Сузукито ја преживуваат приликом удес.
Напред немаше километртажи, а округлиот фар, некако импровизирано беше закачен за предницата. Оваа пак замараше додека го возиш моторот, односно по подолго управување предизвикуваше болка во едната рака.
Како го дознав ова последново...
Едно послеподне со другар ми Миле Саздов отидовме докај Ерол у Џорче 2. (Во тој период се обидував да ги убедам моите да ми го купат моторов.) Уште непристигнати (бевме со Томосот 15ка SLC на Миле) и не станати од мотор, Ерол, знаејќи дека сум заинтересиран за моторот, ми го даде да го пробам. Само ми кажа: „ајде, знам дека ти е мерак“ и ми го отстапи, станувајќи од него додека Сузукито работеше.
Тогаш првпат во животов се качив на четворотактен, четвороцилиндричен јапански мотор и тоа ни повеќе, ни помалку, туку – иљадарка! Се сеќавам, бев (и ја) у црвена рамбовка со Мики Маус и униформата: фармерките и старките. Едно 86 пати по улицата Радушка од почеток до крај и назад натака-навака... со GSот.
Овие настани засекогаш остануваат во меморијата и никогаш не бледнеат. Живеат... и од време, навреме ги посетуваме. Не можеме да останеме таму, но можеме за кратко да поседиме. И нивната вредност е непроценлива.
Проф. Боби Иванов,
Магистер по Филозофија
Ставовите и мислењата изразени во категоријата Колумни се на авторите и нужно не ги одразуваат официјалните позиции на Мотори.ком.мк
Коментари