Помалку време во сообраќај, пониски трошоци, полесно паркирање и речиси половина милион работни места. Новата европска студија покажува дека мотоциклите се многу повеќе од хоби и забава.
За нас, моторџиите, предностите на возењето мотоцикл одамна се познати. Но, сега тие добија и конкретна потврда преку голема европска студија, презентирана на конференцијата MOTONOMICS во рамките на EICMA 2026 во Милано, на која присуствуваше и редакцијата на Motori.com.mk.
Истражувањето „The Economic Importance of Motorcycles to Europe“, изработено од Oxford Economics по нарачка на Европската асоцијација на производители на мотоцикли (ACEM), покажува колку моторите се значајни не само за возачите, туку и за економијата, вработувањето и секојдневниот сообраќај.
Милиони Европејци секојдневно избираат две тркала
Според истражувањето, на европските патишта има околу 42 милиони мотоцикли, а дури 6,4 милиони луѓе секојдневно ги користат за одење на работа.
Причината е едноставна: помалку изгубено време и пониски трошоци.
Студијата покажува дека патувањето до работа со мотоцикл трае во просек околу една третина пократко отколку со автомобил, додека годишната заштеда по возач изнесува околу 580 евра.
И паркирањето е значително поедноставно. За еден мотоцикл во просек се потребни 2,9 квадратни метри простор, наспроти 11,5 квадратни метри за автомобил. Практично, на место за еден автомобил можат да се паркираат четири мотоцикли.
Што ако повеќе луѓе почнат да возат мотор?
Еден од најинтересните делови на истражувањето се однесува на можните придобивки доколку само 5% од луѓето кои со автомобил одат на работа се префрлат на мотоцикл.
Според проценките, на европско ниво тоа би значело:
-
28 милиони заштедени денови во сообраќај годишно.
-
3,9 милијарди евра помали трошоци за користење возила.
-
2,6 милиони тони помалку емисии на CO₂.
-
124 квадратни километри ослободен простор за паркирање.
Дополнително, претходни истражувања за сообраќајот во Белгија покажуваат дека замената на 10% од автомобилите со мотоцикли би можела да го намали времето изгубено во сообраќајни метежи за дури 40%.
Се разбира, станува збор за проценки и сценарија, а не за резултати кои автоматски би се постигнале во секој град. Сепак, тие јасно укажуваат дека мотоциклите можат да бидат дел од решението за сè поголемите сообраќајни проблеми.
Зад моторите стои огромна индустрија
Истражувањето покажува дека мотоциклистичкиот сектор во Европската Унија и Велика Британија во 2024 година придонел со 35,1 милијарди евра во бруто-домашниот производ. Истовремено, секторот поддржувал 481.600 работни места и генерирал 20,6 милијарди евра даночни приходи.
Но, ова не се само фабриките што произведуваат мотоцикли. Во пресметките се вклучени продажбата, сервисирањето, резервните делови, заштитната опрема, мотоспортот и големите мотоциклистички настани.
Само кацигите, опремата и заштитната облека придонесуваат со 5,7 милијарди евра, додека мотоспортот, саемите и другите настани со уште 2,7 милијарди евра. Интересно е што во оваа пресметка не е целосно опфатен мотоциклистичкиот туризам, кој има големо значење за хотелите, рестораните и локалните бизниси, особено во руралните и планинските региони.
Тоа значи дека вистинскиот придонес на моторите веројатно е уште поголем.
Европските производители се соочуваат со нови предизвици
На конференцијата се разговараше и за иднината на европската мотоциклистичка индустрија, особено за сè посилната конкуренција од азиските производители. Во 2025 година европскиот извоз на мотоцикли и сродни производи се намалил за 22%, додека увозот продолжил да расте.
Меѓу учесниците на завршната дискусија беа Маркус Флаш, директор на BMW Motorrad и претседател на ACEM, и Клаудио Доменикали, извршен директор на Ducati. Пораката од конференцијата беше дека Европа мора да создаде услови за домашните производители да продолжат да развиваат нови технологии и конкурентни мотоцикли, но и дека мотоциклите треба да добијат посериозно место во транспортните политики.
Мотоциклите заслужуваат поголемо внимание
Она што за моторџиите претставува слобода, практичност и задоволство, за градовите може да значи помалку метеж, помалку зафатен простор и поефикасен транспорт.
Токму тоа беше и една од најважните пораки од MOTONOMICS на EICMA 2026.
Мотоциклите не се само средство за рекреација, ниту луксуз резервиран за викендите. За милиони луѓе тие се секојдневен превоз, а за европската економија важен сектор кој заслужува да биде сфатен сериозно.

Коментари