Често мотоциклистите уживаат да патуваат во групи што го зголемува задоволството. Сега би сакал да опишам една потенцијална опасност за возење во (големи) колони, на големи брзини и особено со нагла промена на брзината. Ако првиот нагло забрза и направи растојание, вториот после него за да го стигне забрзува повеќе од првиот и на поголема брзина, третиот за да го стигне претходниот забрзува уште повеќе и така во колона секој нареден забрзува повеќе од тој пред него.
![]()
Ако колоната е голема, брзината и забрзувањето се големи, последните во колоната треба да возат со огромни брзини за да ги стигнат другите. Обратно, ако првиот на голема брзина нагло кочи и успорува, вториот после него реагира можеби една секунда подоцна па така има помало растојание за кочење и мора појако да кочи, третиот исто и така секој нареден во колоната треба да кочи со поголема стапка на успорување од претходниот дотаму да последните во колоната може да немаат простор за кочење.
Потенцијална опасност или хазард
Мотоциклизмот е вистинско уживање и често се практикува во помали или поголеми групи. Сега би сакал да опишам една потенцијална опасност за возење во бројни групи на големи брзини и особено опасен момент при нагла промена на брзината кај водачот на колоната.
Групата да речеме има десет мотоцикли кои возат во колона по еден, водачот излегува од кривина со 40 км/ч на прав пат и нагло забрзува на 80 км/ч и прави растојание од вториот. За да го стигне, вториот забрзува понагло од него и дур да го стигне вози со брзина да речеме пет километри на час повеќе од првиот. Третиот за да го стигне вториот ја зголемува брзината и така секој нареден вози побрзо од претходниот. Со само пет километри на час зголемување на брзината на секој нареден мотоциклист, десетиот, за да ги стигне, едно време треба да вози со 50 км/ч побргу од првиот, во случајов со 130 км/ч. Ситуацијата може сериозно да ескалира ако брзините и колоната се поголеми, особено ако забрзувањето и успорувањето се нагли. После, на голема брзина ако водачот на колоната нагло кочи, тој после него треба да кочи уште понагло и така секој нареден има помалку време и простор за реакција и може да биде доведен во ситуација да нема простор за кочење.
Превенција и мерки за ублажување на ризикот
Во колона најбитно е да се „тргнува полека“ односно одложено бавно да се забрзува и да се вози со брзина прилагодена на колоната и патот. Водачот треба да биде запознат со прогресивното забрзување и успорување и да има предвид што се случува со сите, до последниот во колоната. При потреба од кочење односно намалување на брзината водачот треба да почне многу порано и успорувањето да го прави побавно отколку кога вози сам. Колоната треба да оди со константна брзина и помала од вообичаено кога одите сами, без чести и нагли промени на брзината. Првите треба да имаа предвид дека последните во колоната имаат „одложена реакција“ односно невозможно е да ги следат без задоцнување. Навидум секој треба да го прати тој пред него, на забрзување без да прави растојание, на кочење да реагира веднаш - не после една секунда, но во реалноста е поинаку- оној што е испред на ретровизор го следи тој задсебе. Ако првиот забрзува или вози пребрзо, немојте да го следите, возите си прописно и тој претходниот нека чека.
Еве како би изгледале некои правила за возење во групи и колони:
- При зголемување на брзината, водачот тоа го прави одложено и со мала стапка на забрзување. Одложено значи барем пола од колоната да излегла од кривината па тогаш да почне полека да забрзува. Истото важи на поаѓање, тргнува полека и вози бавно додека поголемиот дел од колоната не се вклучи во соопраќај и потоа бавно забрзува.
- Кога ќе се создаде потреба од намалување на брзината водачот тоа го прави многу порано отколку кога е сам и бавно ја намалува брзината.
- Репер ти е генерално тој зад тебе, а не тој пред тебе, ако заостанува, го почекуваш.
- Возиш максимум со брзина што самиот сметаш дека е прикладна за тебе и тој пат. Ако тој пред тебе забрзува, а ти сметаш дека веќе возиш со максимална брзина при која се чувствуваш сигурно - не забрзуваш. Тој што е пред тебе кога ќе види дека се зголемува растојанието, ќе намали.
- За водач на групата обично се бира искусен мотоциклист што има осет за колективот и знае кое темпо да го применува со своето возење, следејќи го темпото на оние зад него.
- За секој случај, во колона мотоциклите се распоредени во „цик-цак“ еден зад друг. На пример: третиот позади првиот на десниот дел на лентата, а четвртиот позади вториот на левиот дел од лентата. Меѓу првиот и вториот (и сите последователни) се остава растојание за цело потребно кочење. Тоа значи дека помеѓу два мотоцикли кои се непосредно, во иста оска еден позади друг има двојно од потребниот пат за кочење.
- Се вози со прилагодена брзина, да било кое потребно кочење не дојде баш така нагло.
- Кога возиш, го следиш однесувањето на неколку возила пред тебе, не само тој пред тебе, така да помалку ќе ти дојде ненадејно било што.
- Се договараме за чекање на одредени пунктови и се делиме во помали групи, не мора цела колона еден зад друг цело време да се вози, туку да се прави простор некој да ја претркува колоната по сегменти, со простор помеќу нас моторите.
Еве еден пример:
Ако во колона од десет мотоциклисти еден зад друг што возат со 100 км/ч што е 27,7 метри во секунда, при нагло кочење секој нареден реагира само една десетина од секунда подоцна, десетиот реагирал цела секунда подоцна од првиот, тоа значи дека има речиси 30 метри помал простор за кочење.
Влатко Поповски

Коментари