(Време на читање: 3 - 5 минути)


Првите мотоцикли се појавија кога луѓе со инженерска наклонетост го земаа тогашниот „безбеден велосипед“, во рамот вградија едноцилиндричен мотор, додадоа резервоар за гориво и кожен погонски ремен – и така започна мотоциклизмот.

Возењето на тие први машини беше целосно ангажирачко и во секој поглед целосно рачно искуство. Гасот, активирањето на свеќичката, подмачкувањето на моторот – па дури и педалирањето при искачување по рид – сè беше директно управувано од возачот.

Колку поинаку стојат работите денес.

Мотоциклите го следеа патот на своите роднини со четири тркала кон сè поголема технолошка сложеност, нудејќи зачудувачка и импресивна палета на безбедносни, перформансни, комфорни, удобносни и „инфозабавни“ функции. Колку и да се неверојатни некои од овие технологии, сепак ништо не доаѓа без одредена цена.

Gold Wing display

Пресметување на скриените трошоци на технологијата

Одредувањето на цената што ја плаќаме за технолошката поддршка на современиот мотоцикл може да се подели во две големи категории: да ги наречеме „можеш ли?“ и „дали треба?“

Првата се однесува на ограничувањата што технологијата ги наметнува врз можноста возилото да се одржува во целосно исправна состојба и колку долго може безбедно да се користи. Втората е повеќе интелектуално, дури и филозофско прашање: дали како мотоциклист треба да споделиш или целосно да му ја препуштиш контролата на одредени функции на електронска автоматизација?

Еден неодамнешен тест на новиот BMW R 1300 RT е добар пример за тоа колку далеку замина технологијата кај денешните мотоцикли. Ова не е критика кон RT – напротив, тој е симбол на високо способната и исклучително рафинирана туристичка машина. Системи, како динамичката контрола на пролизгување (DTC), ме имаат спасено барем еднаш од многу сериозна несреќа.

Но, земете го следново предвид: пет режими на возење, автоматско прилагодување на предоптоварување и амортизација на суспензијата, автоматизирана спојка, активен адаптивен темпомат, автоматско сопирање пред судир, па дури и систем што го подига задниот дел од мотоциклот кога ќе препознае дека се обидувате да го поставите на централна ногарка.

И да не се сфати дека само BMW го турка овој тренд – доволно е да се погледне најновата патентна пријава на Honda за сензори за мртва зона кои не само што предупредуваат, туку и автоматски го корегираат правецот на мотоциклот за да избегне опасност.

BMW front radar

„Софтверски дефинирани“ возила

Мотоциклите со вакво ниво на електронска автоматизација во техничкиот жаргон се нарекуваат „софтверски дефинирани возила“. За разлика од класичните мотоцикли, чиј одзив е одреден од чиста механика – карбураторски млазници, издувни цевки, замајци, сајли за гас, брегасти осовини и облиците и масите на тие делови – однесувањето на модерното возило во голема мера е производ на софтверски код.

Со продажбата на ваков мотоцикл, производителот всушност го започнува животниот циклус на развој и одржување на софтвер кој потенцијално никогаш не завршува. Историски гледано, мото-индустријата нема големо искуство во долгорочна софтверска поддршка, ниту пак во заштита од безбедносни пропусти.

Класичен проблем со возливоста порано се решаваше со подесување – или замена на млазница. Денес, софтверските дефинирани мотоцикли бараат ажурирање на цели системи, целосни регресивни тестови и сертифициран дилер кој ќе ја изврши постапката.

Мислите дека можете сами? Обидете се – и ќе ја изгубите гаранцијата, или уште полошо, мотоциклот може да стане нефункционален.

Колку долго ќе трае и колку ќе чини одржувањето?

Електронски управуваните компоненти носат нови прашања за сервисирање. Споредете класични, целосно механички амортизери со електронски управувани системи кај современите туристички мотоцикли.

Целосен ремонт на класични амортизери – со замена на заптивки, масла и пружини – чини под 400 евра. Истата интервенција кај електронски управувана суспензија, поради дополнителната сложеност и потребата од сензори и електромеханички делови, лесно надминува 1.800 евра.

Истото важи и за безбедносните системи. Радари и LIDAR‑сензори, неопходни за модерните системи за избегнување судири, значително ја поскапуваат дури и баналната штета. Замислете висококласен европски туристички мотоцикл каде мал пад што деформира неколку носачи на пластиките, бара повторна калибрација или целосна замена на сензорот.

1953 BMWВо минатото беше по едноставно

Инфозабава што ја губи целта

Инфозабавните системи – поврзување со паметни телефони, гласовна команда, навигација, меѓусебна комуникација и музика – се покажаа како најпроблематичниот дел од целата приказна. Речиси секоја рецензија на туристички или спортско-туристички мотоцикли во последниве години содржи сериозна критика токму за нивната нестабилност и сложеност.

Причината е јасна: се интегрираат системи што се развиваат надвор од контрола на производителот – Android, iOS, различни верзии на Bluetooth, разни производители на слушалки – а сето тоа мора да функционира на хардвер кој е засекогаш фиксен од денот на излегување од фабрика.

Оперативниот систем на еден телефон живее една година. Централната единица на мотоциклот – десет.

Допирни екрани таму каде што не треба

Се повеќе мотоцикли, дури и авантуристички модели, доаѓаат со големи чувствителни екрани на допир. Тешко е да се разбере логиката зад поставување кревок и скап екран на возило што реално е дизајнирано да паѓа. Уште потешко е да се оправда употребата на интерфејс што бара тргање рака од управувачот, специјални ракавици и не нуди никаква потребна повратна информација.

Автомобилската индустрија веќе полека се враќа кон физички копчиња. Мото-индустријата, сè уште не.

KTM 390 Adv R NM

Дали технологијата нè штити или нè лишува од вештина?

Системите како ABS и контрола на пролизгување без сомнение имаат вредност, особено за нови возачи. Но, тие истовремено посредуваат меѓу возачот и машината. Наместо директна контрола, вие испраќате барање кое компјутерот одлучува дали ќе го одобри.

За мене, сржта на мотоциклизмот е токму одговорноста. Знаењето дека само твојата вештина те држи исправен.

Изборот е ваш

Не сум против електроника. Сум за свесен избор.

Колку повеќе технологија – толку поголеми трошоци, пократок животен век, помалку можности сам да работиш на мотоциклот и поголемо отуѓување од самото возачко искуство.

Некои регулативи го одземаат изборот. Сè друго – инфозабава, радари, допирни екрани, адаптивни системи – е токму тоа: избор.

Вие ги носите одлуките. И вие ги прифаќате последиците.

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: