Со најновата изведба на сега веќе легендарниот T7, Yamaha дава уште повеќе причини да не погледнете ниту еден друг мотор при изборот.

2022 Yamaha XTZ700D EU Icon Blue Action 004 03

Позицијата која ја ужива сега Yamaha Ténéré 700 на глобалниот пазар дефинитивно не ги става во позиција производителот да се плашат за иднината на овој модел. Иницијално се чекаше долго за да се појави пред неколку години, но откако се појави не престана да ги воодушевува возачите ширум светот. Да, можеби не е рамо до рамо во поглед на најнова технологија и електроника со своите конкуренти, но затоа со цената и перформансите му нема конкурент. 

Притисокот од конкуренцијата е огромен, особено изминатата година кога се појавија поголем број нови мотори чија задача е едноставна, да го симнат T7 од тронот. За одбивање на налетот на сериозната конкуренција Јапонците уште кон крајот на минатата година најавија нова изведба на овој модел. Поголем дел од промените веќе беа очекувани, но сега и официјално моделот 2022 Ténéré 700 World Raid е достапен со сите променети детали. 

500 км без застанување

Главните промени се однесуваат на двојниот резервоар со зголемен капацитет, подолгата суспензија напред и 5 инчниот TFT екран во боја. 

Вкупниот капацитет на резрвоарите за гориво сега изнесува 23 литри кои комбинирани со одличната ефикасност на неприкосновениот CP2 агрегат гарантира досег од 500 километри. Ова ќе им овозможи на авантуритистите да имаат една грижа помалку кога ќе тргнат да освојуваат недопрени делови од нашата планета. 

Сегментот за кој веројатно има најмногу забелешки, предната вилушка, доби подобрување. Сега таму има 43mm KYB суспензија со 230mm од, 20mm повеќе од претходно. Ténéré 700 World Raid доби и нов амортизер на воланот произведен од Öhlins. 

Промени има и во ергономијата, седиштето е повеќе фокусирано за офроуд возење и е поделено на два порамни делови. За малку се пошироки и рачките а новиот TFT екран сега нуди можност и за поврзување со паметен телефон преку блутут врска. Надградба има и кај опциите за регулирање на ABS, ако претходно имаше само копче за исклучување и уклучување сега Yamaha дозволува да се одбере еден од трите различни модови за регулирање ABS во зависност од теренот на кој возите. 

 2022 Yamaha XTZ700D EU Icon Blue Static 013 03

Промена има и кај филтерот за воздух, тој е редизајниран и Euro-5 прилагоден. Моќноста на моторот останува непроменета. 

Моделот официјално е достапен во Европа, а се очекува да биде понуден глобално во текот на следните месеци. По се изгледа Yamaha многу внимателно ги следи потребите на возачите и точно пресметано ги надградува деталите кои се неопходни за да држи чекор со конкуренцијата. Сепак да не заборавиме, филозофијата на T7 која плени голем број купувачи низ целиот свет е едноставноста, издржливоста и довербата на моделот. 

2022 Yamaha XTZ700D EU Icon Blue Action 001 03

Back To Top