(Време на читање: 2 - 3 минути)


Ознаката „M“ на BMW долго време е синоним за врвни перформанси во автомобилскиот свет, а во последните години успешно се етаблираше и во гамата на BMW Motorrad со моделите M 1000 RR, M 1000 R и M 1000 XR. Иако германскиот производител сè уште официјално не го потврдил моделот, новите шпионски фотографии од развојните центри на компанијата укажуваат дека пристигнува M 1300 GS, кој ќе биде нов предводник во сегментот на авантуристичките мотоцикли.

Прототипот на новиот модел, кој е снимен од фотографот Бернхард М. Хоне, се наоѓа во напредна фаза на тестирање. За разлика од некогашната верзија R 1250 GS HP, која главно се потпираше на козметички измени, претстојниот M 1300 GS претставува сериозен дизајнерски потфат насочен кон подобрување на теренските способности.

bmw m 1300 gs adventure motorcycle 1024x682Фото: ADV Pulse

Фокус на теренски перформанси

Најзначајната промена кај овој примерок е преминот кон комбинација од предно тркало од 21 инч и задно тркало од 18 инчи со жици, што јасно укажува на намерата на BMW да го позиционира M моделот како машина со уште поголеми можности за возење надвор од асфалтот. Прототипот е опремен со гуми Metzeler Karoo, а видливи се и подолг од на суспензијата, засилена и ревидирана поддршка на задната вилушка, како и M сопирачки со препознатливата сина завршница. За разлика од верзијата R 1300 GS Adventure, се очекува M моделот да го користи помалиот резервоар за гориво од стандардниот R 1300 GS, со цел да се заштеди на тежина и да се подобри распределбата на масата.

bmw m 1300 gs adventure motorcycle 2 1024x787Фото: ADV Pulse

Погонски агрегат и технички детали

Воденo-ладениот боксер агрегат од 1300 кубика останува речиси непроменет во однос на стандардниот R 1300 GS. Неговиот вртежен момент од 149 Nm при 6.500 вртежи е повеќе од доволен, а инженерите би можеле да извлечат дополнителна моќност над сегашните 147 КС при 7.750 вртежи, иако тоа не е неопходно со оглед на очекуваното намалување на тежината преку употреба на материјали како титаниум за издувниот систем. Шпекулациите вклучуваат и ревидирано седиште и преработена задна рамка, а не би било изненадување доколку се отстранат предните и задните радарски единици за дополнително намалување на тежината.

bmw m 1300 gs adventure motorcycle 3 1024x994Фото: ADV Pulse

Позиционирање на пазарот

BMW очигледно цели кон тоа M 1300 GS да биде најагресивната теренска варијанта во GS семејството, претворајќи го од класичен патнички ендуро во машина со високи перформанси способна за секаков терен. Како и кај останатите M модели, се очекува овој мотоцикл да биде на врвот на боксер гамата, како по способностите, така и по цената. За споредба, моделите M 1000 XR и M 1000 R се за околу 7.300 до 11.000 евра поскапи од нивните најблиски варијанти, што сугерира дека и M 1300 GS би можел да следи слична ценовна разлика.

Пред пристигнувањето на M моделот, BMW наводно подготвува благо освежување на стандардниот R 1300 GS, што би можело да се случи уште на почетокот на есента. Иако официјален датум за лансирање на M верзијата сè уште нема, европските медиуми известуваат дека премиерата пред почетокот на сезоната 2027 е многу веројатна.

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: