По неколкуте комбинаторики за тоа како би можело да се заврши финалето, сепак на крајот победи најверојатното сценарио.

63 francesco bagnaia ds 9177 1.gallery full top lg copy

Долгата сезона во MotoGP дојде до својот крај. Оваа 2022-та година ќе биде запаметена по многу нешта. Многу победи, но и многу грешки, особено кај аспирантите за титула во класите MotoGP и Moto2. Веројатно најубедлива сезона имаше шампионот во Moto3 Izan Guevara кој иако ја освои титулата пред 3 трки, сепак се бореше до крајот на оваа финална трка и ја заврши со стил, откако ја доби во последниот свиок! Ќе читаме за ова момче уште многу години. Но да одиме по ред!

MotoGP 

Откако го помина цел викенд во грч, Pecco Bagnaia сепак на крајот направи она што беше доволно за да ја освои својата прва титула во кралската класа.  Воедно ова беше и првата титула по 50 години на Италијан на италијански мотор по Големиот Giacomo Agostini на MV Agusta! 

И да ова е првата возачка титула по 15 години за Ducati, од онаа веќе легендарна на Casey Stoner во 2007-мата година! Продолжуваме со рекордите и ќе кажеме дека ова е и прва титула која е освоена со рекордни 5 откажувања во 5 трки во кои паѓаше Италијанот. 

Исто така ова е првпат да се освои титула по бодовен дефицит од 91 бод! Дали има потреба да кажеме дека ова е прв Италијан по легендата Valentino Rossi кој освоил титула? 

Сите овие постигнувања ќе треба да му легнат на Pecco Bagnaia во следниот период, за да сфати во каков момент живее.

Дали можеше да ја прослави титулата во подобар стил со повисок резултат или со евентуална победа? Веројатно можеше, но нели го направи токму тоа кога победи на минатата трка во Малезија во неверојатно тешки услови и голем притисок? И во Сепанг можеше да калклира со сигурен резултат и да се помири со второто место, но замислете во тој случај каква ќе беше оваа трка? 

Да не беше оној контакт на почетокот на трката, и тоа токму со најголемиот конкурент Fabio, можеби и ќе понудеше повисоко темпо новиот шампион, но тоа е веќе историја.

Реалноста е дека Fabio го немаше потребниот алат за да се бори за победата на оваа трка, а и во поголемиот дел од сезоната, па чесно е да се каже дека и Fabio Quartararo и Francesco Pecco Bagnaia ја заслужија подеднакво титулата, но Yamaha дефинитивно не ја заслужи титулата, па по одлично завршената домашна работа на Ducati, ова е најправедниот исход.

Јапонците треба добро да се замислат и да се откријат повторно за да продолжат да се натпреваруваат на нивото кое го подигна Ducati, па и Aprilia, во последните неколку години. 

За слабиот менаџмент на Yamaha, покрај неможноста на Fabio да ја одбрани титулата, сведочи и “откачувањето”на RNF тимот кој преоѓа на моторите на Aprilia.

Веќе во вторник не очекува дел од одговорот на ова прашање кога на патеката во Валенсија ќе се прибуваат новите компоненти и мотори за следната сезона. Она што го знаеме од претходниот тест е дека првата верзија од новиот мотор е веќе значително помоќна, но дали е доволно моќна кога и останатите тимови ќе ги покажат новите верзии?

Да се вратиме на оваа трка, во која по стартот и првичниот дуел меѓу конкурентите, се одвиваше релативно мирно за Fabio кој постојано се обидуваше да ги стигне првите четворица, но на крајот можеше само да го задржи четвртото место што е сигурно максимумот за Yamaha. Следната Yamaha, онаа на Morbideli, заврши на десеттото место, што е за волја на вистината еден од подобрите резултати на Бразило Италијанот во оваа мачна (за него) сезона. 

Додека Fabio имаше релативно мирна трка, Pecco полека тонеше и беше претекнуван и од Binder, Oliveira и Mir, но и од оние за кои се сметаше дека ќе му чуваат грб, како на пример Marini и не толку пријателски настроениот Bastianini. 

Сепак на крајот деветтото место му беше повеќе од доволно за освојување на титулата.

А кој победи? Да, за жал, целиот фокус кој беше насочен кон освојувањето на титула, го фрли во сенка одличното возење на Alex Rins кој и донесе уште една победа на Suzuki во нивната последна сезона во MotoGP. Човекот водеше од стартот и не ја испушти победата во ниту еден момент, пред моторите на Ducati кои беа неприкосновени фаворити пред трката. Неверојатно високо темпо и конктрола на емоциите кои на крајот го совладаа и го фрлија во солзи. Шпанецот е свесен дека со овој мотор можеби и замина последната шанса во скоро време да се закити со нова победа, заради ситуцијата во која се наоѓа Honda во моментов, но и заради фактот што сепак ќе вози за сателитски тим. Зад него со огромна брзина наближуваше Brad Binder кој сепак не успеа да победи, нешто што му беше цел не само заради високото темпо туку и заради фактот што победувал во секоја сезона од 2017 година наваму. За малку. Ќе завршеше пред идниот тимски колега Jack Miller кој заврши во песокот на 5 круга пред крај и ја заврши неславно кариерата со Ducati. Затоа пак Австралиецот им приреди журка во боксот на италијанскиот тим кога со мегафон во едната рака и пивпо во другата ги забавуваше сите присутни.

Потоа је префрли забавата на патеката каде што возеше вилјушкар со онаа препознатлива црвена перика како последен од редот мајмунлаци што им ги прередуваше на Италијаните.

Полситерот Martin заврши како трет со што го заокружи подиумот со барем едно Ducati. Marc Marquez кој важеше за фаворит пред трката ја заврши прерано кога падна при влез во осмиот свиок, место на кое паднаа многумина возачи во пониските класи…

Веројатно е среќен што заврши оваа сезона, по многу нешто тешка за него, и едвај ја чека новата верзија на моторот која би требало да му одговара повеќе за следната сезона. Сличен крај имаше и неговиот веќе бивши колега Pol, кој нешто порано се отпиша од Honda фрлајќи ја по којзнае кој пат во песокта. И помладиот Binder, како и помладиот  Marquez ги ракршија моторите за последен пат. 

Можеби најтажен крај имаше Aleix Espargaro кој ја заврши трката во боксот откако му откажа љубов неговата сакана Aprilia. Со тоа го изгуби и третото место во генералниот пласман. Замислете каква несреќа ќе беше да се бореше за титулата токму во оваа трка? Очигледно е дека тимот на Aprilia не е сеуште подготвен за борба за титулата, затоа што со проблеми на предниот дел од моторот се откажа и Maverick Vinales, па ја изгубија и втората позиција во конструктори и третата позиција кај тимовите. Навистина горчлив крај.

Во вторник е веќе најавениот тест кој ќе ни даде нешто повеќе информации за следната сезона и ќе ни ги покаже новите “брачни другари” Jack и Red Bull KTM, A.Marquez и Gresini Ducati, Oliveira и Raul со RNF Aprilia, P. Espargaro и Augusto со GasGas, Rins со LCR Honda, Mir со Repsol Honda и на крај Enea со шампионсиот тим на Lenovo Ducati!

Moto2

Ако во помалата класа беше се решено одамна, тогаш покрај очекуваниот расплет во кралската класа и оваа средна класа чекаше разврска за во шампионатот. И двајцата претенденти стартуваа одлучно и храбро за пласман кој ќе им гарантира титула. Додека на Augusto Fernandez му беше доволно да го следи Ogura и да заврши веднаш зад него за освојување на титулата, на Јапонецот не му беше лесно затоа што мораше да ја премости разликата од 9.5 бода. На неколку пати разликата меѓу двајцата беше 0.5 бода! До толку беше тесна и возбудлива борбата за титула. А кој му опонираше најодлучно на Јапонецот? Во ниеден момент не му парираше Fernandez, туку неговите сонародници Lopez и Acosta. И ако од вториот како тимски колега тоа и се очекуваше, Alonso се чини изгоре во желбата да победи и на моменти претеруваше во желбата за што на крајот плати со испаѓање од трка во прашината надвор од патеката. И кога се чинеше дека Јапонецот има реални шанси да оди на победа, возејќи на втората позиција, во четвртиот круг едноставно попушти под притисокот и падна во осмиот свиок со што заврши неговата сезона и шансата за освојување на титулата. По неколку круга и неговиот колега Chantra на скоро идентичен начин ја заврши и неговата трка за очаен крај на сезоната на Honda Team Asia. Ќе беше некој утеха за Јапонците ако барем во оваа категорија успеаа да имаат шампион, ако истото не им успеа во MotoGP или во Moto3. 

На крајот Acosta кој имаше чисти, но остри дуели со Ogura, и беше веројатната причина за испаѓање на Јапонецот од трката, заврши како прв пред неговиот колега и нов шампион Augusto, и Италијанот Tony Arbolino кој водеше во првиот дел од трката.

Којзнае дали ќе има втора можност за освојување на титулата Јапонецот во следната сезона во која влегува уште поискусен фантастичнит Acosta, но и доаѓаат новите таленти од Moto3 Guevara, Foggia, Garcia и останатите веќе искусни постоечки противници.

Moto3

Да не се повторуваме, во класата во која веќе се беше решено присуствуваме на една интересна борба, но само на двајца, за разлика од веќе вообичаената хајка на дузина возачи. Од почетокот на трката, од самиот старт напред се одвоија Izan Guevara следен од Deniz Oncu. И така 22 круга. Турчинот го следеше Шпанецот и се чинеше во моментите кога беше побрзо намерно не го напаѓаше чувајќи се за финишот. И навистина тоа се чинеше како најпаметна опција особено ако знаеме дека досега Турчинот ги губеше нервите секогаш кога беше најпотребно и ја испушташе победата во неколку наврати. И сега на неколку моменти кога ќе направеше мала грешка, знаеше да мафта со главата во разочарување, па дури и да гестикулира со раката на стартно целната рамнина, што ги оставаше неговите пријатели и колеги во боксот во недоумица што сака да каже со тоа.

А во бокстот беа неговиот брат и победник на оваа трка од пред 5 години Can Oncu, шампионот од WSBK Toprak, неговиот менаџер и ментор Kenan Sofuoglu, кои беа веројанто и понервозни од него, очекувајќи ја првата победа.

И откако нападна во последниот круг со едно брилијанто касно кочење, сепак новиот шампион докажа зошто стана шампион кога во последниот свиок му врати со завземање на друга линија на движење, додека Oncu мораше да брани агресивно сечејќи го остро свиокот по што имаше помала излезна брзина. Ќе мора да учи уште малку, но најваѓно од се да научи да си го контролира темперамнетот и да се фокусира на возењето. А Guevara нема што да учи веќе во оваа класа. Неговата траекторија е само нагоре.

Ние ќе се дружиме и понатаму со вестите кои ќе следат во следните денови и месеци до почетокот на новата сезона во MotoGP, 75-та по ред!

Back To Top