Овој викенд, MotoGP ни приреди трка која ќе влезе во оние трки на кои се навраќаме години подоцна, трка за паметење.

23 enea bastianini 63 francesco bagnaia ds 5118.gallery full top lg

Оваа трка на патеката во Малезија ни приреди едно финале пред финале. Иако влеговме со 14 бода разлика меѓу фаворитите и 4 потенцијални кандидати за титула, а излеговме со разлика од 23 бода и само 2 кандидати, беше далеку од едноставна и предвидлива трка. Средната класа беше подеднакво возбудлива, додека најмалата класа понуди висока возбуда, но исходот секако не влијае на титулата која е веќе освоена.

MotoGP 

Од каде да почнеме? Имаше толку случувања уште пред да се изгаснат црвените светла за старт на трката што не знаеме дали сето тоа би го собрало во еден текст или ќе да се напише цел еден серијал. Би можело секако и серијал, но еве да се обидеме да ги наведеме поентите.

Тренинзите беа изполнети со падови, но и со механички кварови кои веќе го најавија испаѓањето на еден од конкурените за титула. Aleix Espargaro беше посочен како премногу гласен во критиките кон својот тим за неподготвеноста да се конкурира за освојување на титулата. И точно е дека како се ближи крајот на сезоната, тимот во кој никој не би се кладел пред сезона, почна да губи кондиција и да бледее во перформасите, а со тоа и да паѓа во еланот по кој беа препознатливи.

Старата излитена фраза дека е полесно да се качиш на врвот отколку да се одржиш на него, како да е измислеа за оваа ситуација. Неколкуте грешки на тимот, како и по некоја на возачот, дополнети со неискуството во справување во вакви ситуации си го направија своето. Проблем со менувачот на едниот мотоцикл, и проблем со моторот на другиот мотор беа последните удари кои ја запечатија борбата за титула на тимот од Ноале, а со тоа и крај на остварување на сонот на Espagrago да стане шампон во кралската класа. Некој ќе рече дека секако беше далеку со една победа, на спрема 7 победи на Pecco или 3-те победи на Fabio, но вкупните бодови и константноста освојуваат титули. Тоа не носи и до вториот кандидат кој отпадна од играта. Enea Bastianini има дури 4 победи, но ете веќе не е во конкуренција за освојување на титулата, благодарение на исто толку незавршени трки! А зошто тогаш Pecco не е веќе шампион? Па обидете се на 7-те победи да ги одземете 5-те испаѓања од трка и ете ја равенката.

Толку е чудна оваа сезона со многу грешки на фаворитите, што многу е веројатно ова да беше последна шанса за титула за Espargaro, со оглед на неговата возраст и евентуалната конкурентност на Aprilia во идните сезони, додека пак оваа трка послужи и за поставување на нештата за следната сезона во фабричкиот тим на Ducati! Што не враќа на оваа трка. Не беше ова само трка за титула. Никако. Имено со освојување на втората позиција, Pecco ќе имаше повторно висока предност од 18 бода наместо 23 во поглед на Fabio, а Enea секако ќе испаднеше од конкуренција со евентуалните 37 бода разлика, и со тоа ќе беше и намален ризикот од потенцијален контакт и губење на предноста од 14 бода. Но тука се работеше и за покажување на тоа кој е во моментов подобар, а со тоа и добивање на психолошка предност за следната година кога двајцата алфа мажјаци ќе ја делат гаражата. Само да не ја делат како Lorenzo и Rossi од времето на нивниот “прв брак” во 2008-ма! Сите индикатори одат во тој правец. Од притисокот кој му го нанесуваше на неколку наврати (месец и пол) помладиот предизвикувач во оваа трка, но и преку целата сезона. Дуелите започнаа неофицијално со онаа победа на Bagnaia во Франција, кога Pecco направи неизнудена грешка и падна веднаш по губењето на првата позиција. Тоа беше јасно покажување на слабост од страна на лидерот во шампионатот, и дополнителна причина за победа на оваа трка.

Pecco сега едноставно покажа шампионски менталитет и она што е најважно, покажа способност за учење од грешките или справување со демоните, ако сакате, а со тоа и созревање во еден врвен возач и евентуален шампион. Секако дека не е сеуште готово, но разликата од 23 бода е единствено премостлива со пад на Италијанот или освојување на помалку од 2 бода и задолжителна победа на Французинот во Валенсија. И двете варијанти се можни, па нема да носиме заклучоци сеуште.

Ако судиме според она што се случуваше на тренинзите се е можно иако не би посакале кикс од ниеден од учесниците. Па така еден навидум наивен пад на Fabio во FP3, како последица имаше скршен прст на левата рака.

И покрај тоа успеа да се избори со моќните италијански мотори и да заврши како трет со само 2.8 секунди заостанување и тоа на патеката која според конфигурацијата одговара на Ducati! И ова дефинитивно беше шампионско возење од страна на Французинот ако се земат сите фактори предвид.

А што се случуваше напред? Лудница. Скоро и да заборавивме дека на почетокот на трката, првата позиција од квалификации успеа да ја задржи Jorge Martin дури цели 6 круга пред да падне без никаков притисок од друг возач. Шпанецот ќе мора да се прибере и да пристапи кон трките на сосема поинаков начин. Брзината е очигледна, но мора да ја ефектуира во трка.

А зад него се одвиваше тивка, но долга трка меѓу двајцата Италијани кои се гонеа немилосрдно на италијанските мотори, но во различни тимови. Во боксот на фабричкиот тим беше како во кошница за пчели. Во атмосфера како од филмот Ангели и Демони, сестрата и девојката на Pecco кршеа прсти и изговараа молитви на италијански јазик, шефовите дебатираа нервозно како старите свештеници додека исчекуваат прогласување на новиот папа, шетајќи од место до место. Дали да се издадат наредби? Сепак се работи за различни тимови, не? Тука се во прашање и обврските кон спонзорите, бонуси за возачите, етика и осуда или симпатија од страна на фановите и што уште не.

Згора на тоа и Enea имаше теоретска можност за освојување на титулата доколку победи, но и доколку Pecco заврши надвор од бодови. Можеби и тоа беше неговата тактика со аплицирање на постојаниот притисок? Како и да е не можеше да биде понеизвесно и фала им што не дојде до моментот на одлучување на резултатот преку тимски наредби. Можеби е најразумно решение, не е секако и најнеспортско. Замислете колку ќе беа ограбени фановите од интересна трка доколку од почетокот се знаеше исходот на трката договорена меѓу тимовите и возачите на Ducati? И на крајот на краиштата дали ќе вредеше исто победата на Pecco во такви услови? И зошто воопшто би му попуштил Enea кога навистина имаше математички макар и теоретски шанси за титула? Ова е врвен спорт во кој сепак индивидуалците решаваат со својата умешност или со својата понекогаш глупава грешка. Сепак се луѓе и затоа го сакаме овој спорт кој не остава често без здив, но затоа не прави да се чувствуваме живи и да заборавиме на сите проблеми на овој свет. Бар за миг!

А нападите на Enea беа јаки, но чисти и може да се гордее со понуденото. Сепак цело време зборуваме за притисокот на двајцата најдобри, а го занемаруваме притисокот под кој возеше Италијанот кој не е член во академијата на Rossi. Момчето треба да внимава да не си го закачи на врат гневот на Ducati за кој веќе потпиша договор, гневот на академијата, но и на цела Италија доколку случајно биде директно одговорен за губење на титулата на Pecco! Тоа е голем товар со кој успеа да се носи Ѕверот. На крајот од трката беше видно незадоволен, можеби заради сето погоре напишано, што не му дозволуваше да ризикува уште повеќе. Можеби ќе дознаеме во некои идни негови мемоари, но тогаш веќе ќе зборуваме за историјата, а од овие двајца не очекува уште многу повозбудлива иднина.

Pecco од друга страна не покажа ни трунка нервоза и на крајот дури и шеговито замавна накај главата на Enea, сакајќи да покаже дека нема за што да му замери. Не знаеме што навистина мислеше и чувствуваше внатре во себе, но ако беше поинаков исходот можеби и ќе дознаевме…

За останатите едноставно би кажале дека Espargaro успеа да дојде едвај до 10-тото место, со оглед на малкуте извозени километри заради бројните кварови е максимумот и може да биде задоволен од целата сезона. Како што кажа самиот на две трки пред крај се коментира за борба на шампионска титула на Aleix и Aprilia, за што треба да бидат горди и да се вратат уште појаки.

Останува уште финалето за кое се надеваме дека ќе биде барем волку возбудливо.

Moto2

Средната класа ни беше увертира за кралската класа и ја подигна летвицата за возбуда кога по стартот во оној карактеристичен за оваа патека прв и втор S свиок дојде до контакт меѓу Alonso Lopez, Acosta и Chantra, од кој најдебелиот крај го извлече Тајланѓанецот со мотор врз него. Сите ја продолжија трката, што е освежување по неколкуте црни недели кои ги имаше мотоспортот. За среќа и останатите опасни инциденти поминаа без сериозни последици. И ако минатиот викенд Јапонецот Ogura беше скоро невидлив заради слабата форма, сега како да си ги заменија местата со конкурентот Fernandez. Ама буквално. Додека Fernandez се бореше да освои што е можно повеќе бодови и по стартот во првиот свиок влезе како единаесетти, Јапонецот тргна од првата позиција и беше постојано втор. И ова ќе беше идеално за Ogura, ако останеше задоволен со 20 бодови, но откако на 6 круга нападна во првиот свиок и ја одзема првата позиција на дотогаш водечкиот Arbolino, па направи грешка и ја изгуби во истиот круг, не продолжи да вози разумно. Во претпоследниот круг во последниот свиок се обиде уште еднаш да ја врати првата позиција, но сега претера и ја изгуби контролата и падна. Залудни беа обидите да се врати во трка, додека покрај него помина конкуентот Fernandez, кој малку по малку успеа да дојде до четвртата позиција и да ја намали разликата на 9.5 бода на трка пред крај. И ова финале вреди да се гледа!

Moto3

Овде е веќе се решено. Новиот шампион Izan Guevara веќе се вози со малата единица до неговиот број и за малку ќе победеше на оваа трка да не беше грешката на Sasaki која за малку ќе ги однесеше и двајцата надвор од патеката. Овој инцидент конечно им отвори и пат на останатите за борба за победа и за вицешампионската позиција. Засега води Garcia  кој заврши трет пред дуото од тимот на Max Biaggi, McPhee кој ја вози претпоследната трка заради старосната граница и Sasaki кој успеа да остане на моторот по контактот со Gueavara. 

Одморете 2 недели пред последната трка и лудото финале во Валенсија.

Back To Top