(Време на читање: 1 - 2 минути)


Во процесот на освојување три титули во Светскиот Супербајк шампионат, Топрак Разгатлиоглу стана препознаен како уникатен, дури „генерациски“ талент. Возач способен да ги однесе моторите кои не би требало да бидат на врвот на подиумот до светска титула.

Сега се наоѓа во најдоброто што постои од трките – MotoGP. Тридневниот тест што неодамна заврши во Сепанг откри значајни пречки со кои ќе се соочи додека се обидува да го најде својот пат кон врвот оваа година. Тој е тимски колега на Џек Милер во тимот на Прамак Јамаха.

toprak-yamaha

За него, главната промена е преминот од Пирели гумите во Светскиот Супербајк кон Мишелин гумите што се користат во MotoGP. По три дена тестирање во Сепанг, Разгатлиоглу беше разочаран што заврши со 19‑то најбрзо време – најбавен од возачите на Јамаха.

Јамаха оваа година користи целосно нов мотор базиран на V4 агрегат, по долгогодишна употреба на конфигурација со реден четирицилиндричен мотор. Новиот мотор, секако, има свои „детски болести“, но Разгатлиоглу е единствениот возач на Јамаха кој никогаш не се натпреварувал со Мишелин гуми.

Тој ги објасни своите тешкотии вака:

„Пирели [во Супербајк], кога ќе почувствуваш пролизгување, лесно се контролира. Но кога Мишелинот ќе почне да пролизгува, не престанува.“

„Треба да возиш како во Moto2 и многу нежно да го отвораш гасот, затоа што оваа гума е многу чувствителна. Се обидувам да се адаптирам на тоа, тимот постојано ми вели ‘вози мазно’, но да се каже е лесно!“

„Многу е тешко да чекаш долго пред да го отвориш гасот, затоа што во Супербајк секогаш ја користам задната гума за вртење. Секогаш ја користев задната гума за пролизгување, исправување и добра акцелерација, но MotoGP е спротивно.“

Неговиот тимски колега Милер дополнително го објасни однесувањето на Мишелин гумите:

„Тоа е најголемата работа со Мишелинот – еднаш кога ќе почне да пролизгува, не престанува до петта или шеста брзина. Продолжува да пролизгува и на права линија.“

Милер додаде дека Дукати најдобро се справува со овој проблем со гумите. Изгледа дека се работи за комбинација од карактерот на моторот (V4 конфигурацијата треба да ѝ помогне на Јамаха во овој поглед) и електронските опции на контролата на пролизгување.

Шампионатот MotoGP 2026 ќе има уште една тренинг сесија овој викенд на патеката Чанг Интернешнл во Тајланд, пред отворањето на сезоната на истата патека следниот викенд.

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: