Американците дефинитивно знаат да спакуваат производ кој ќе ги анимира гледачите и ќе ги полни касите.

King of Baggers

Викендов се извозе првата трка во класата KOB која започна како еден вид на дополнителна содржина во викендите кога се вози Superbike, за подоцна да прерасне во нешто повеќе од тоа. Тоа е првенство во кое учествуваат, во моментов, само два американски бренда и вечни ривали: Harley Davidson & Indian Motorcycles.

По ова можеби сакате да престанате да читате понатаму, но веруваме дека видеото во прилог ќе ви го врати вниманието.

Веројатно е појасно за што се работи. Тешкашите од 260kg, pushrod V2-ки од 2.150cm³ и околу 130HP со околу 180Nm на карактеристично ниски вртежи, веројатно не ветуваат многу на хартија, но токму затоа се и интересни за гледање. Лесно е да се тркате со мотори кои се создадени за трки. Ова е како поблиску до тркање со каравани, комбиња или пикапи.

Ако на тоа додадеме и дека победата викендов на патеката во Дејтона ја зема, во последните метри, познатиот Jeremy McWilliams на свои 57 години, тогаш сигурно мора да вреди да се погледне. Познатиот возач кој зад себе има извозено над 100 MotoGP трки, кој за малку ќе ја донесеше првата победа на Aprilia во најмоќната класа, и кој знаеше неверојанто да пролизгува во кривина е идеален возач за ваков тип на шампионат.

Нам ни е овој тип на забава можеби далечен, но се е до презентацијата и до мајндсетот. Ништо не ни е вродено. Треба некој сето тоа да го спакува и да ви го презентира соодветно, а ако ви е отворен умот за нови нешта, до вас е да го прифатите или одбиете. 

Да упсеете да привлечете публика која ќе ги гледа овие грдосии, (со куфери!?) како „висат” на свиоците, фаќаат заветрина на правците, па и се лактаат, е навистина подвиг.

Секако помага фактот дека ова е уникатна серија во која се присутни двете американски икони со нивните штрака-штрука ве-двојки кои се национална гордост. Правилата се направени на начин кој треба да ги заштити моторите од претерани модификации, за да се задржи оргиналниот дизајн и концепт на моторот. Така се сочувува историјата и автентичноста. Се користат јаглеродни влакна за оклопот наместо фабричкиот, за помала тежина, но не смее да отстапува во изгледот.

Можеби ќе ве привлече, а можеби и не, но еве за крај и кратко видео од минатогодишното финале. Уживајте!

Back To Top