Тешките временски услови на зимските тестови им зададоа сериозни главоболки на повеќето WSBK тимови оваа година. По тестовите едно е јасно, Николо Булега и Сем Лоус влегуваат во сезоната со поинакви, но еднакво интересни очекувања.
Николо Булега: „Новиот Ducati е неверојатен, но сè уште е рано за заклучоци“
Иако беше најбрз на последните денови од тестовите во Портимао и Херез, Булега смета дека ограничениот број суви кругови не дозволува да се извлече конечен заклучок за новиот Panigale V4 R. „Мислам дека новиот модел на Ducati Panigale V4 R е неверојатен. Можеме да направиме чекор напред, но за момент е прерано да кажам,“ изјави тој за WorldSBK.com, додавајќи дека зимските тестови биле погодени од лошо време.
Италијанецот дополнително нагласи дека се надева повторно да блесне на својата омилена патека: „Пристигнувам на Филип Ајленд, моја омилена патека, и се надевам дека ќе бидам брз како лани ако не и уште повеќе.“
Иако минатите две години беше меѓу фаворитите за титула, Булега одбегнува притисок: „Не знам дали сум фаворит оваа година и не сакам да размислувам за тоа. Секој шампионат е различен, има нови возачи и нови производители. Сакам само да бидам брз на секоја трка.“
Сем Лоус: „Стартниот викенд може да биде супер интересен“ по хаотичните тестови
Од друга страна, британецот Сем Лоус влегува во сезоната со комбинација од оптимизам и фрустрација поради тоа што најголемиот дел од тестовите поминаа под дожд.
„Мислам дека ќе биде важен тест, многу важен за многу возачи… Австралија е многу поинаква, па можеби првата рунда ќе донесе поинакви резултати. Може да биде интересно,“ изјави Лоус по првиот ден во Портимао.
Тој признава дека сè уште му недостасуваат кругови за да се навикне на Ducati Marc VDS моторот, но е смирен: „Фрустрирачки е, но само од возачка перспектива – за да се вратам во ритам. Имам целосна доверба во мојот тим и Ducati; новиот мотор е многу силен.“
Лоус истакнува дека последниот тест на Филип Ајленд пред почетокот на сезоната ќе биде клучен: „Убаво би било да направам уште неколку кругови пред да се качам на авион за Австралија, но гледаме напред.“
Што следува во WSBK?
Следниот голем момент е финалниот претсезонски тест на Филип Ајленд, кој според двата возачи ќе игра клучна улога поради ограничениот број на тестови во Европа. Првата рунда на сезоната традиционално започнува токму таму, а со оглед на: новиот Ducati на Булега, адаптацијата на Лоус на Marc VDS Ducati, променливите зимски услови и поголемиот број нови возачи во шампионатот, сè упатува на тоа дека WSBK 2026 ќе започне бурно и со многу можни изненадувања.



Коментари