Ако до пред некоја трка можеше да се каже дека овој шампионат се решава во изедначена борба меѓу Rea, Toprak и Bautista, сега веќе јасно се одвојува фаворитот.
Си биле Турчин, Британиец и Шпанец и влегуваат на патеката со Yamaha, Kawasaki Ducati и…и толку е вицот. За жал, или за среќа, останатите учесници во шампионатот се со споредни улоги, а овие тројца продолжуваат со доминацијата и овој викенд.
Race 1
Ако до скоро можеше да се каже дека тројцата најдобри имаат подеднакви шанси за освојување на овогодинешната круна, веќе станува збор за еден очигледен фаворит во форма на Alvaro Bautista, кој покажува дека е идеален возач за супериорниот Ducati Panigale. Колку и да е побрз неговиот мотор на правците, толку е и инфериорен во свиоците во однос на ZX-10RR и YZF R1 и сепак треба да се има ладна глава и да се извози до крај за да се победат величини како Toprak и Rea кои ни ја пружија до сега можеби најинтересната сезона во WSBK минатата година. Тогаш знаеше да им украде по некој победа Scott Redding, но ова што го покажува Шпанецот оваа сезона е застрашувачки.
Ако на стартот на трката се понадевавме дека можеби Rea ќе ја прикине сушата од победи, со стартување од пол позиција, сепак немаше среќа. Оваа трка беше скратена заради сударот во класата SSP300 во кој тешко се повреди младиот (22) Холанѓанец Victor Steeman, по што следеше долг прекин заради специфичноста на повредата и транспорт со хеликоптер до најбликсата болница. Да се надеваме дека младиот возач ќе помине со што е можно помали повреди.
Затоа и бројот на кругови наместо 20 беше скратен на 14 круга со што се сменија и стратегиите и приодот на возачите кон трката на оваа преубава патека.
Затоа и по стартот, откако јурнаа напред Rea, Toprak, Lowes, Bassani, па Баутиста, се понадевавме дека конечно ќе се намали бодовната предност на Шпанецот и ќе се врати неизвеснотса во шампионатот, но залудно. Еден по еден ги нижеше противниците додека напред форсираше Британецот, во обид да избега од Toprak, но залудно. Предноста од 6 десетинки, колку што беше во еден момент, почна да се троши како што се трошеа и неговите пневматици, и по 5 круга Rea ја изгуби првата позиција на крајот од стартно целната рамнина, каде по касното сопирање, специјалноста на Toprak, беше претекнат во еден остар, но чист маневар.
Британецот повеќе немаше можност ни да возврати за првата позиција, а набрзо му беше во опасност и втората позиција кога на 5 круга пред крајот, исто така на правецот, но наместо на сопирање сега при забрзување го “прелета” Bautista. Навистина не може да се употреби друга компарација од споредбата со авионските забрзувања, затоа што е очигледна супериорноста на V4-ката на Ducati во однос на сите останати. Залудно беше негодувањето на Rea кое во моментот на претекнување го манифестираше со мафтањето на главата. Едноставно таа е ситуацијата во моментов. И ако Toprak успева до некаде да пружи соллиден отпор на шпанско-италијанската победничка комбинација, Британецот веќе не може никаде да се наметне, а е постојано веднаш зад најбрзите двајца. Дури 2 круга траеше отпорот кој му го пружи шесткратниот шампион, на предизвикувачот, но на крајот морааше да се задоволи со уште едно трето место на подиумот. Сето ова му помогна на Toprak да се одвои напред и да победи со 6 и пол десетинки пред Bautista.
На крај од трката Турчинот покажа емптатија кон повредениот колега и не сакаше да слави за победата додека не се знае судбината на младото момче.
Superpole Race
Оваа кратка трка тргна по распоредот на квалификациите што значеше повторно прва позиција за Британецот. Ја изгуби од Турчинот веќе во првиот свиок по стартот, и го имаше веднаш зад грб Шпанецот кој е познат по потешките стартови, но сега со полесен мотор веднаш почна да ја напаѓа првата позиција и веќе на почеток од вториот круг ги претекна и двајцата главни конкуренти во еден замав. Веднаш се обиде да врати Турчинот и веќе во четвртиот свиок ја врати првата позиција во еден храбар и технички тежок напад. Ова беа позициите до 4 круга пред крајот кога повторно на стартно целниот правец нападна Шпанецот, но на сопирање повторно затвори Турчинот. Неверојатен е во тоа колку добро чувство за сопирање има Toprak.
Следниот круг реприза и повторно касно сопирање кое за малку не го исфрли Alvaro од седиште, заради не можноста да му парира. Немаше никаков контакт меѓу двајцата, едноставно физиката си го направи своето затоа што дојдоа до крајните граници.
Ова веројатно беше и сигнал за Шпанецот да се повлече и да се задоволи со освоените бодови за второ место затоа што очигледна беше надмоќта и пред се посветеноста и одлучноста на Toprak да ја брани позицијата. На крајот влегоа во целта со разлика од 0.123 секунди! Rea повторно трет со засотанување од една и пол секунда.
Race 2
Во втората трка се стартува по пласманот од Superpole трката, па Toprak конечно стартуваше со мала предност како прв. Rea имаше подобар старт од Bautista и се најде зад Турчинот. За кратко го претекна и се чинеше дека ова е негова трка. Во вториот круг во деветиот свиок кој потсеќа на скокалница, Bautista за малку ќе изгубеше контрола заради силното протресување, и за малку изгуби приклучок со првите двајца, но не и позиција. Високото темпо траеше 6 круга по што Британецот ја изгуби првата позиција во веќе вообичениот прв свиок по моќното сопирање од страна на Toprak. Беа изедначени во следните 2 круга и Британецот успеа да врати на истото места и да го победи барем во еден напад Турчинот. Водството му траеше само 2 круга по што Шпанецот најпрво го помина Турчинот за подоцна да го преземе и водството на крајот од долгиот правец. На 7 круга пред крај Toprak го нападна Шпанецот и му го одзема за кусо водството со агресивниот напад во 12-тиот свиок, но Alvaro успеа да врати на правецот…
Ова беше и последниот обид и конечно кршење на отпорот, што значеше и уште една победа за зголемување на предноста пред конкурентите во генералниот пласман.
Едноставно само грешка на Bautista (и тоа неколку) може да го оддалечи од титулата во оваа сезона. Следуваат уште три трки до крајот на сезонава, односно уште 6 трки и 3 спринт трки за конечното финале!