ТТ патеката во Асен уште еднаш беше сцена на врвен спектакл во WorldSBK шампионатот, викенд во кој Николо Булега ја потврди својата доминација и ја одбележа холандската рунда со три победи и историски резултати.
Драматична прва трка
Првата трка започна во суви услови, но средината донесе краток дожд што целосно ја промени динамиката. Икер Лекуона стартуваше агресивно и го презеде водството уште од првите свиоци, додека Булега трпеливо го следеше ритамот. Сепак водечкиот во шампионатот, изби напред и одржуваше констатна предност се додека патеката стана лизгава. Тогаш предноста што Булега ја имаше се стопи, а Лекуона успеа накратко повторно да се избори за лидерската позиција. Дуелот меѓу двајцата тимски колеги од Aruba.it Racing – Ducati беше жесток, но пресудниот момент дојде неколку круга пред крајот, кога Булега нападна во првиот сектор и ја врати контролата на водството. Тој ја мина целта прв, пред Лекуона и одличниот Сем Лоус, кој повторно беше константен во борбата за подиум. „Мислев дека ова е мојата шанса, особено кога почна дождот, но Николо беше беспрекорен кога беше најважно“, изјави Лекуона по трката, додека Булега кратко додаде: „Условите беа тешки, но знаев дека морам да останам смирен“.
Целосна контрола во суперпол трката
Неделното утро ја донесе Суперпол трката од десет круга, во која Булега уште од стартот го наметна своето темпо. Лекуона повторно се обиде да го следи, но не успеа сериозно да се приближи, а Сем Лоус зад нив возеше интелигентно за уште еден подиум и добра позиција за втората трка. Со оваа победа Булега стигна до 12 последователни триумфи и се доближи чекор до апсолутниот рекорд во шампионатот. „Секогаш е посебно да се победи во Асен, овде мотоциклизмот има душа“, рече Италијанецот, додека Лоус нагласи дека „чувството да се стартува викендот со две подиумски трки е одлична награда за целиот тим“.
Дефинитивен печат за доминација
Кулминацијата дојде во втората трка, каде што почетокот навести поинаков расплет. Лоус стартуваше брилијантно и накратко го презеде водството, но дуелот меѓу Булега и Лекуона повторно брзо дојде во фокус. Клучниот напад се случи во третиот круг, кога Булега закочи подоцна на влезот во свиокот 16 и од таму постепено почна да ја гради својата предност. Темпото што го наметна беше недостижно, а Лоус повторно се задоволи со третото место по стабилна и зрела трка. Победата му ја донесе на Булега и бројката 13, со што се израмни со рекордот на Топрак Разгатлиоглу за најмногу последователни победи. „Ова звучи убаво, можеби е ерата на Булега“, насмевнат изјави лидерот во шампионатот, додека Лоус додаде: „Три подиуми на едно место – тешко е да се посака повеќе од тоа“.
WorldSBK караванот се сели во Унгарија, каде што од 1 до 3 мај возачите ќе се соочат со нов предизвик и ќе се обидат да ја прекинат победничката серија на Булега. Motori.com.mk ексклузивно ќе биде на патеката во Балатон ринг и ќе известува за настаните во живо. Следи не на Instagram за повеќе детали од тој натпреварувачки викенд.


Коментари