Иако викендов во Мизано ја видовме првата победа на актуелниот шампион, сепак титулата е далеку од одбранета.

Трка 1 

По квалификациите, а и тренинзите, се очекуваше повторно израмнета борба меѓу најбрзите тројца. И навистина така започнаа првите неколку круга во кои ја гледавме вообичаената слика од првите 3 тркачки викенди досега. Како од катапулт исфрлен, Toprak ја презеде првата позиција од полситерот Alvaro Bautista и се обидуваше да наметне брзо темпо со кое едноставно ќе и избега на црвено зелената потера. Зад него Шпанецот на Ducati и Rea на Kawasaki почнуваа полека да градат позиција за да го стигнат Турчинот. Прв напад имаше Шпанецот со тоа што се обиде да го престигне актуелниот шампион со длабоко сопирање по целната рамнина, нешто што е специјалност токму за Raz. Секако дека нападот не само што не помина успешно туку ја изгуби и позицијата од Rea со кој продолжија да ги менуваат позициите. Во меѓувреме Toprak немаше видно побрзо темпо за да направи пробив и на крај мораше да се предаде на упорниот Rea, а за кратко и на Bautista. Шпанецот се чини го има комфорот да не оди преку границата, за разлика од неговите лути конкуренти, и мирно го чека моментот во кој може да нападне без преголем ризик. Иако најчесто претекнуваше во брзиот незгоден десен свиок Curvone со брзини околу 270 km/h, сепак само ја користеше најголемата моќ на Ducati Paigale V4R, односно брзината која е сепак поголема и од YZF R1 и од ZX-10RR кои пак имаат свои јаки страни. Иако беше на врвот повеќе од половина трка, сепак 6 кратниот шампион мораше да потклекне под моќта на Ducati и да ја препушти првата позиција. Ова требаше да биде и конечниот поредок што се однесува до првите тројца: Bautista, Rea и Toprak. Но не мислеше така моторот на Yamaha кој се предаде на 7 круга пред крај, а со тоа и драстично се намалија шансите за одбрана на титулата. Од тука натаму се што требаше да направи Шпанецот беше да го донесе моторот до целта и да ја преземе победничкиот низ од Rea. Како трет заврши Michael Ruben Rinaldi (Aruba.it Racing – Ducati) со што им донесе дополнителна радост на домашните навивачи, и донекаде покажа дека тимот треба и понатаму да смета на него. Не знаеме дали еден тркачки викенд може да смени нешто, затоа што покрај бледите досегашни резултати, шансите за неговиот отказ се се поголеми заради гласините кои го спомнуваат Danilo Petrucci како негов наследник. Не помогна ни добрата форма на Axel Bassani (Motocorsa Racing) кој беше пред неговиот сонарoдник на скоро ист мотор. Вторите возачи на Kawaski и Yamaha, Lowes Locatelli, завршија пред двоецот на Honda Vierge и Lecuona разделени со уште една Yamaha на Американецот Gerloff кој се врати од непријатна повреда на коленото. Првото BMW M1000RR заврши со скоро пола минута заостанување зад првиот, со што се докажа дека сепак моторот е главниот проблем за фрустрациите на Британецот Redding, кој беше најбрз од колегите од BMW.

Superpole трка

По измените на софтверот на моторот на Razgatlioglu конечно имавме можност да го видиме стариот возач кој доминира на патеката. Се работи за електронски сетап кој му дозволува поголемо чувство при моторното сопирање, кое е неопходно за неговиот најголем адут моќното сопирање. Очигледно дека со ова се мачи од почеток и се надеваме дека ќе се вклучи активно во борбата за врвот и покрај бодовниот дефицит. За победата секако помогна и фактот што се работи за скратена трка во која Шпанецот со Ducati нема време да ја развие трката според карактеристиките на моторот, и да победи како во првата трка. Ако не може да победи, секако може да ја освои втората позиција и да се насмее на крајот. Сепак на Alvaro му одговара повеќе да победи Турчинот отколку Ирецот, со што само ја зголемува предноста. И ова е можеби најголемата разлика на Bautista во однос на формата и менталитетот кој го имаше пред 3 сезони кога сакаше да победи по секоја цена, што на крај го чинеше и титула. Некако сега делува многу посилен ментално и тешко дека може да ја повтори истата грешка иако сме далеку од крајот на сезоната. На Rea му остана само да продолжи да собира бодови и да се надева на евентален проблем на италијанскиот мотор. А возачите на Honda по коцката да ги користат специјалните квалификациски гуми на Pirelli, кои имаат одлични перформанси во првите кругови, сепак успеаа да ги постигнат најдобрите резултати во оваа сезона, а Vierge по вторпат излезе како победник во меѓу тимскиот дуел со Lecuona. 

wsbk misano rossi

Трка 2

Старт по редоследот од кратката суперпол трка, и уште една бркотница на најдобрите тројца. Напред Toprak, по него Bautista, па Rea кој прво мака мачеше со се подобрите возачи на Honda. Како да не му беше доволно тоа, па по првите неколку круга откако се виде дека не може да ги следи Toprak и Alvaro, 6-кратниот шампион се најде зад одличниот Rinaldi кој минатата година токму тука го имаше најдоброто издание до сега со 2 победи и едно второ место. Очигледно дека домашната публика и фактот што му се клати столчето на кое седи, допринесоа за ваков резултат. А напред се случуваше веќе познатото сценарио во кое Bautista го чека моментот во кој може да нападне без преголем ризик и да избега кон уште една победа. А Турчинот? Поранешниот каскадер возеше токму така. Каскадерски. Силните сопирања кои го фрапираа и Andrea Dovizioso кој ја следеше трката на самата патека, а со воодушевување ги следеше и легендата Valenitno Rossi кој живее на 15 минути од патеката Marco Simoncelli. За се поголемата популарност, покрај присуството на овие двајца, како и на коментарите на Marc Marquez кој ја фалеше возачката способност на Toprak на минатата трка кога успеа да се извлече од пад во стилот на 7 кратниот шампион, говореше и бројката на публика од 66.000 гледачи присутни за целиот викенд! Ако ја споредиме бројката на публика со онаа на трката во MotoGP во Муџело каде присуствуваа 74.078 гледачи за целиот викенд, што е скоро за половина помалку во однос на минатата година, тогаш треба да им е јасно на DORNA дека причините не се поврзани со пандемија и општата криза. Едноставно трките во двете категории се подеднакво полни со неизвесност и возбуда, и веројатно високата цена на билетите беше одлучувачка за релативно слабата посетеност. 

Да се вратиме на трката во која Турчинот се обидуваше на секој начин да ја одржи во живот шансата за победа, но почна да пролизгува скоро во секоја кривина и ги потроши џокерите за напуштање на патеката, па на крајот мораше да му ја предаде првата позиција на Bautista. Rinaldi го пополни третото место на подиумот, а Rea немоќен остана на четвртата позиција. Еден незгоден инцидент ја одбележа втората трка, кога со брзина од околу 260 km/h излета, до тој момент одличниот, Vierge и заврши тркалајќи се во пекочната стапица, држејќи се за дланката. Епилогот се неколку скршени коски, но како што кажа и самиот, можеше да биде многу полошо. 

Следува подолга летна пауза во која повредените ќе имаат повеќе време за залечување на повредите, додека пак победените ќе можат да проверат каде има простор за подобрување. Следна станица е Велика Британија на преубавата патека Donington Park.

Back To Top