Би било одлично кога и кај нас првото саботно утро во мај би се наполниле улиците со звукот на мотори управувани од жени, нели? Тогаш сигурно ќе знаеме дека пристигна International Female Ride Day® (IFRD) – глобалниот ден кога жените возачи се здружуваат со една единствена, силна порака: „Жените возат, и тоа гласно и видливо.“

Настанот годинава се одржува на 2 мај 2026 и го одбележува значајниот јубилеј, 20 години од своето прво организирање, трансформирајќи се од едноставен повик „JUST RIDE!“ во најпрепознатливиот синхронизиран светски мото‑ден посветен на жените.
Како започна движењето – кратка историја на IFRD
Ова глобално движење почна во 2007 година, создадено од канадската мото‑инструкторка и пионерка Вики Греј, основачка на Motoress. Нејзината цел беше да создаде ден кога жените ширум светот ќе излезат на мотор без формалности, без правила и без докажување – едноставно да возат. Концептот многу брзо стана глобален и денес е прифатен во над 120 земји, претворајќи се во симбол на женската сила, храброст и присуство во моторциклизмот.
Во изминатите две децении, IFRD значително придонесе за зголемување на видливоста на жените моторџики, охрабрувајќи илјадници нови возачки да го направат првиот чекор. Овој ден ги поврзува жените од сите возрасни групи и стилови на возење, од улични моторџики до офроуд ентузијастки.
Темата ја слави енергијата и напредокот што жените го создадоа – од учество, до влијание врз целата индустрија. Жените одамна не се „новите“ во светот на моторите. Тие активно ја обликуваат неговота сегашност и иднина, придвижувајќи го со сопствениот ритам и автентична сила.
Што ќе се случува оваа година
- групни возења низ градови и рурални подрачја
- собири во мото‑клубови и дилерства
- тренинзи, skills‑клиники и track-сесии
- офроуд авантури и адвенчр средби
- мали локални ридиња со уникатен стил
Иако активностите се разнолики, суштината останува иста: секоја жена, каде и да е, само да вози и да ја направи својата страст видлива.
Овој глобален синхронизиран ден повторно ќе ги наполни социјалните мрежи со фотографии, видеа и инспиративни приказни споделени со хаштаговите #IFRDWomenAccelerate и #InternationalFemaleRideDay, продолжувајќи ја традицијата која повеќе од две децении создава видливост и поврзување меѓу жените моторџики.
Зошто IFRD е важен и денес
Иако на површина изгледа како уште едно возење, IFRD оди многу подлабоко. За многу жени, особено оние кои штотуку влегуваат во светот на моторциклизмот, овој ден е симбол на припадност, охрабрување и слобода. Секоја жена што излегува на мотор на IFRD станува пример – икона на својата локална заедница, нечија инспирација, доказ дека светот на две тркала е отворен за сите кои сакаат да го почувствуваат.
Што (ќе) се случува во Македонија?
Иако, пред некоја година по иницијатива на Bikers Garage имаше настан за да се одбележи овој ден, сепак тие иницијативи не добија голема поддршка и како што досега дознаваме, оваа година не е во план никакво одбележување.
Ако го земеме предвид малиот број на жени возачи на мотори во Македонија, не е ни чудно што нема голем интерес на темата. Но веруваме дека ситуацијата може да се подобри само ако активно се промовира културата и се разбиваат стереотипите. Затоа можеби еден ваков ден на кој жените возачи ќе се охрабрат заедно да "свртат" круг и да ја покажат својата независност и слобода би можел да поттикне други жени да се одлучат за возење мотор во иднина.


Коментари