Triumph објави нов документарен серијал од четири дела насловен „ALL IN“, кој го прикажува развојот на компанијата во светот на off-road мотоциклизмот, од првичните планови во 2018 година до првите успеси во меѓународните шампионати.
Серијалот нуди детален увид во процесот на создавање на сопствени модели за мотокрос и ендуро, воспоставувањето на програмите за тестирање и изградбата на специјализирана дилерска мрежа, со придонеси од клучни фигури како Рики Кармајкл, Иван Сервантес, Џони Вокер, Џордон Смит и Микел Харуп.
Првата епизода беше објавена на 3 септември, додека преостанатите три се планирани за емитување во текот на октомври, ноември и декември.
Преглед на епизодите
Секоја од четирите епизоди се фокусира на различен аспект од развојот и натпреварувачката програма на британскиот производител:
- Епизода 1 (Without Compromise): Ја обработува одлуката за влез во off-road сегментот, почетниот развој на мотоциклите и подготовките за натпреварување на највисоко ниво.
- Епизода 2 (Winning Mindset): Се фокусира на резултатите во мотокрос и Supercross, како и на учеството во MX2 Светското првенство, со приказ на предизвиците и успесите на возачите Гилем Фарес и Камден Меклелан.
- Епизода 3 (Beyond Limits): Го истражува ендуро програмата, каде Пол Едмондсон и Џони Вокер ги анализираат перформансите на мотоциклите во EnduroGP, SuperEnduro и Extreme Enduro конкуренцијата.
- Епизода 4 (Commitment to Performance): Фокусирана е на иднината, односно на континуираните инвестиции во инженерството, развојот и тестирањето со цел надградба на досегашните резултати.

Со оглед на тоа што Triumph релативно неодамна влезе во off-road конкуренцијата, серијалот дава уникатен поглед на тоа како компанијата успеа да премине од немање модерна гама на мотокрос и ендуро модели до директно соочување со етаблираните производители на светската сцена.
Документарецот е достапен за гледање на официјалната off-road веб-страница на Triumph и на нивниот YouTube канал.

Коментари