1. Кој стои зад МАРК?
Зад МАРК, или поточно M*A*R*C (Macedonian Adventure Ride Camp) стојат двајца “доволно луди” мото-ентузијасти кои делат иста пасија за возење мотори и организирање настани.
Ако треба да откриваме идентитети, настанот го организираат Дарко Булдиоски (јас) и Диме Стојчевски (Че). Но, поважно од имињата е нашето искуство, професионалноста и тимовите со кои со години наназад реализираме различни проекти на македонскиот пазар.

2. Што ве инспирираше?
Да бидеме искрени, идејата постои подолго време, и тоа не само кај нас двајца туку и кај голем број наши пријатели. Конкретната инспирација или поточно пресвртна точка беше посетата на неколку вакви ADV настани. Кога човек учествува, вози и ужива на некој ваков настан, веднаш потоа почнува да размислува на следно возење, на следна дружба и на следна дестинација. Адреналинот се крева, а муабетите и плановите не застануваат.
Од друга страна, зголемената популарност на т.н. adventure мотори и нивната сѐ поголема достапност сериозно нѐ охрабри поконкретно да размислуваме за еден ваков настан. Бројот на нови моторџии значително се зголемува, а понудата за различни стилови на возење не е лесно достапна за сите.
Потребата на пазарот ја гледаме, желбата исто така, но често за да се направи првиот чекор треба и малку дополнително охрабрување. Затоа е тука МАРК.
3. Која е целната група?
Секој што е спремен и вози мотор, буквално! Нормално, примарната целна група се возачи на ADV и ендуро мотори, но програмата на самиот настан е планирана да овозможи учество за сите. Значи добредојдени се комплетните офроуд почетници но и оние малку поискусните. Секако, ќе има што да возат и оние кои нема да сакаат да си го испрљаат својот мотор. Нема други никакви ограничувања, најважни се желбата и доброто расположение.

4. Што можат да очекуваат учесниците?
Незаборавно искуство. Знам, звучи како клише, ама ова го кажувам врз основа на моите претходни искуства од слични настани. Учесниците дефинитивно можат да очекуваат да извозат многу повеќе отколку што мислат дека можат. Може да очекуваат да си ги поместат своите лични граници, да ги победат стравовите и значително поопуштено да возат офроуд.
Секој ден ќе користиме полигон каде искусни инструктори ќе работат со возачите на различни техники на офроуд возење. Без разлика дали возите тешки или лесни adventure или ендуро мотори, нашите искусни инструктори ќе посветат доволно внимание и ќе го следат вашето возење на полигонот и на самата тура во текот на денот.
За да се чувствуваат сите учесници побезбедно, ќе имаме и медицинска екипа и теренска екипа кои ќе се грижaт секој учесник да го заврши овој настан со насмевка на лицето.
Покрај самото возење, кое секако е сржта на ваквите настани, во план се и многу едукативни, забавни и промотивни содржини.
5. Какви се плановите за во иднина?
Иднината на која сега сме максимално фокусирани е 5 - 7 јуни 2026 година кога во кампот Љубаништа го организираме нашиот прв настан. Плановите за понатаму се амбициозни, но сосема реални. Секако би сакале да организираме и други слични настани. Во план се и пократки пред сè едукативни сесии, но и организирани тури за затворени групи на домашни или меѓународни возачи.
6. Кои компании го помагаат настанот?
Рано е за официјални најави на партнерства, иако веќе имаме договорено неколку. Дел од локалните импортери и продавачи на мото опрема веќе се запознаени со нашите планови. Она што можам гордо да го кажам е дека сите до еден безрезервно ја понудија својата поддршка. Нас ова особено нè охрабрува затоа што и тие јасно го гледаат потенцијалот на овој сегмент од мото индустријата и се подготвени активно да учествуваат во развојот на пазарот.
Здравје, на почеток на 2026 година, ќе се фалиме и со официјалните партнерства.

7. Колку е тешко да се организира ваков настан во Македонија?
Искрено, не знаеме. Немаме конкретно искуство со организација на ваков тип на настан, но затоа веќе активно комуницираме со организаторите на другите слични настани на кои веќе бевме и се обидуваме да собереме колку што е можно повеќе искуства и совети за МАРК. Веќе имаме договорено партнерства и конкретни соработки со пријатели од соседството што секако ќе ни помогнат многу во организацијата.
Она што знаеме со сигурност е дека треба многу да се внимава на деталите. Безбедноста на учесниците е приоритет бр. 1, а ние сме подготвени во ниедно сценарио да не направиме никакви отстапки и компромиси кога станува збор за безбедноста на учесниците. Се друго ќе си дојде на свое место на 5-ти јуни во Љубаништа.
8. Дали очекувате учесници од странство?
Веќе можам да ги споделам првите потврдени учесници. Секако, мислам на пријателите со кои заедно возевме на настаните во Австрија, Црна Гора, Србија. Да, очекуваме учесници од странство, првенствено од соседните земји како Србија, Грција, Бугарија, Црна Гора, Албанија… но ќе се потрудиме да донесеме и некои од подалеку.
Бидејќи станува збор за прв ваков настан во Македонија и ќе биде релативно краток, па затоа не очекуваме многу гости од подалечни земји. Секако во иднина тоа ќе се менува, а ќе се потрудиме и за оваа година да имаме некој специјален гостин од некоја подалечна земја. Сè во свое време, како што вели народната.

9. Кажете ни повеќе детали за настанот.
Настанот ќе се одржи од 5 до 7 јуни 2026 година. Централна локација е кампот Љубаништа, Охрид. Во рамките на овие три дена главниот дел од програмата ќе понуди три сегменти:
- Практична едукација за возење офроуд на специјално дизајниран полигон;
- Офроуд возење во природа по претходно дефинирани патеки/рути и
- Асфалтни тури до претходно договорени дестинации.
По денови планот сега за сега изгледа вака:
- Петок: пристигнување, кратко ориентациско возење/едукација. Официјално отвoрање со презентации и теоретска едукација
- Сабота: Практична едукација за офроуд возење + возење во природа (офроуд и асфалт), и вечерна забава (презентации, интерактивни игри и забава)
- Недела: Практична едукација за офроуд возење и кратка офроуд/асфалтна тура и заминување
Конкретните детали, темите, презентациите и предавачите ќе бидат објавувани на marc.mk и на нашиот официјален Инстаграм канал (@marc.advcamp).
Настанот ќе биде од комерцијален карактер, што значи дека ќе се плаќа котизација за учество. Во план е да понудиме две опции за котизација. Едната опција ќе вклучува комплетна влезница која покрај учеството на самиот настан и пакетот за добредојде ќе вклучува и сместување и храна во кампот Љубаништа. Другата опција ќе биде без сместување и храна. Цените за котизациите и самата регистрација ќе ги објавиме на почетокот на 2026 година. Дотогаш, сите заинтересирани може преку marc.mk да се претплатат за да ги добиваат навремено сите известувања.

10. Колкав потенцијал има во Македонија за настани од овој тип?
Ние веруваме дека потенцијалот е огромен. Како што напоменав бројот на мали, средни и големи ADV мотори се зголемува рапидно. Нашата целна публика не е само Македонија туку и учесници од целиот регион па и пошироко. Во тој поглед потенцијалот навистина може да е голем. Но, веќе напоменав, приоритет број еден е безбедноста и задоволството на учесниците, па затоа планираме да го ограничиме бројот на учесници.
Свесни сме дека одговорноста е голема. И за нас, нашите партнери и за поголем дел од учесниците, ова ќе биде прво искуство од ваков тип. Токму затоа не сакаме да бидеме алчни и да загриземе повеќе отколку што може да соџвакаме.
Ако учесниците од првиот настан се задоволни, тие самите ќе ни помогнат да го израснеме МАРК во периодот кој следува!
За теренските предиспозиции и местата каде може да се вози и ужива во прекрасна природа во Македонија, мислам дека нема потреба да спомнувам, така?
11. Што би додале, а заборавивме да ве прашаме?
Па не прашавте што би им препорачале на заинтересираните учесници? :D.
Јас би им рекол: искористете ја зимава да ја обезбедите соодветната опрема, доколку ја немате, сега има убави попусти. Потоа планирајте на пролет да имате соодветни гуми за да возиме заедно на МАРК.
За сите дополнителни прашања, партнерства и споделување на искуства, стоиме на располагање на
*Фотографии: @_stavro

Коментари