(Време на читање: 4 - 8 минути)


Многу е мала веројатноста да си гледал видеа на тема патувања со мотор, а воопшто да не си го гледал најлегендарниот YouTube канал на темата, на македонски, добро битолски, јазик - Патуваме со Ташето

Благодарност до администраторите (креаторите) на Facebook групата Патувања со мотор и до Ташето кои ни дозволија во целост да го преземеме и објавиме ова интервју кое иницијално беше објавено токму таму.  

1. Кој си ти надвор од моторот? Како би се опишал себеси – што работиш, каде живееш и кога првпат сфати дека моторите не се само хоби, туку начин на живот?
- Обичен млад човек од Битолско кој одамна сфати дека времето е најголемиот луксуз во животот и е нешто што назад не се враќа, па затоа треба максимално да се искористи секој момент, со цел во иднина да имаме само убави спомени на кои ќе се сеќаваме, а не каење и за нешто што сме можеле, а не сме го направиле. Желбата за патување ми се појави на еден необичен начин. Имено кога бев 13-14 години татко ми имаше купено полуавтоматско 50 кубично моторче кое го возев исклучиво за до продавница и за некои семејни потреби низ село, без притоа да имам некаква желба за патување. Меѓутоа една октомвриска ноќ тоа се смени. Заедно со уште 2 другари отидовме на крајот од селото во кое живеам, а 1 километар потаму започнуваше следното село, во тој момент ми се појави огромна желба да го посетам тоа село, бидејќи бевме толку блиску до него, а досега не сум бил таму. Меѓутоа другарите не сакаа, рекоа дека е далеку и иако се обидов да ги убедам да одиме сепак не успеав. Кога се вратив дома ми остана во мисла тоа село скоро цела зима, па наредната пролет го запалив моторчето и отидов до тоа село. Откако го посетив тоа село посакав да го посетам и следното, па потоа и следното и така село по село возев се додека не стигнав до последното кое е на самата граница со Грција, по што започнав со патување до селата од другата страна. Па така од село до село дојдов до тоа да возам од држава до држава, а последната година и од континент до континент.

2. Кој мотор го возиш и зошто баш тој? Кој модел го возиш моментално, како го користиш (туринг, секојдневно, авантура) и што ти значи тој мотор за тебе лично?
- Моментално возам мотор од 300 кубици, од кинеско производство, кој искрено го купив само заради ниската цена, а притоа има доволна сила за да ме носи мене и мојот товар. Воглавно моторот го користам за патувања меѓутоа некогаш и за лични локални потреби. Моторот за мене нема некое емотивно значење бидејќи го гледам само како практична алатка за соло патувања што ми овозможува да го живеам својот сон.

3. Кое ти е најдоброто патување во изминатата година? Каде беше, колку километри, што го направи тоа патување посебно и дали имаш момент што никогаш нема да го заборавиш?
- Тешко е да одговорам на ова меѓутоа ќе го кажам патувањето во Тунис, Северна Африка. Тоа е патување на кое сум посебно горд бидејќи како резултат на добриот план што го направив успеав моите ограничени слободни денови да ги искористам максимално, а притоа да посетам земја која е целосно различна од она што сме навикнати да го гледаме на Балканот и во Европа. Таму го имав и моментот кој мислам дека нема никогаш да го заборавам, а тоа беше кога заглавив во песок, во средината на пустината Сахара, опколен со бесконечен песок. Тоа беше момент кој ме турна до моите граници, психички и физички, а притоа ме направи уште посилен. Тогаш за прв пат осетив дека сум во опасност која можно е да не ја пребродам, но истовремено се помирив со ситуацијата и бев среќен што настана додека правев нешто што од срце го сакав. Но сепак, Господ сакал моментот да има среќен крај, па еве сум сега тука за со насмевка да раскажувам.

patuvame so taseto 1

4. Кои се најчестите ситуации или грешки што ги гледаш на пат? Од искуство – што најчесто им се случува на моторџиите на подолги тури и што би советувал да се избегне?
- Нешто што го забележувам често на моите патувања кај другите луѓе е носење премногу работи кои што не се потребни. Како еден пример ќе го издвојам еден колега Црногорец што го запознав во Тунис. Едниот куфер на човекот беше преполн со храна, поточно суви вакумирани меса (колбаси, печеница и сл..), а тоа е нешто што строго ќе препорачам да не се прави бидејќи секаде ќе најдите ресторани или дуќани што нудат храна и каде можите да јадите. Исто така има луѓе што носат премногу облека.. За мене по 2-3 парчиња од се е целосно доволно, облеката е нешто што можите секаде да го исперите, ако не во машина со прашок, тогаш во мијалник со сапун. Не е тука проблемот само во тежината, која знае да е голем проблем доколку возите помал мотор како што е мојот, туку и тоа што многу помалку организиран ќе ви биди товарот.

5. Што секогаш носиш со себе на мотор? Кои се 5–10 работи што НИКОГАШ не ги изоставуваш, особено за патување од 7–10 дена?
- Работи кои секогаш ги носам на мојот мотор, без разлика дали сум на големо патување или одам на кафе се: Одело за дожд, мастики за гуми (кога имав мотор со внатрешна гума, носев внатрешна гума), алати (клешта, штрафцигер..), компресор и пластични стеги. а оваа година можеби ќе носам и една посебна трака за лепење (duct tape). Додека кога сум на поголемо патување освен тоа, носам и облека, ранец со 2 литри вода и мојата акциона камера.

6. Како се подготвуваш физички и психички за подолг пат? Дали вежбаш, планираш рута, оставаш простор за импровизација и како се справуваш со замор?
- За подолгите патувања, обавезно си правам основен план пред да тргнам кој ми е водилка на моето патување на кој соодветно правам промени за време на патувањето. Многу е полесно да правите промена на тековен план, отколку да смислувате план од 0 додека веќе сте на патување. Физички ве вежбам пред патување, туку тоа што постојано сум на мотор ми ја дава потребната физичка подготвеност, додека психичка подготовка нема. На вашето прво поголемо соло патување сфаќате дали сте психички спремен или не. Ќе имате момент на осаменост кога ќе се запрашате себе си што правите и дали вреди. Тоа е моментот кој или ќе ве уништи и ќе направи да се откажите од патувањето, или ќе ве направи уште посилен и подготвен за уште поголеми предизвици, кај мене случај беше второто.

patuvame so taseto 2

7. Како гледаш на патувањето со мотор – цел или процес? Дали ти е поважно да стигнеш некаде или самото возење, и како ти се сменил тој став со годините?
- Патувањето нема цел, бидејќи со секое патување што го правите, само сакате да патувате уште повеќе. Патувањето е нешто кое пред се треба да го сакате со целото ваше срце, кое треба да го правите заради вас и заради тоа што ве прави подобар и посреќен човек. Ако направите план тогаш ќе имате и цел, меѓутоа таа цел е нештото кое најмногу сакате да го видите и да го доживеете, а не единственото нешто поради кое што сте тргнале на патувањето. Напразно имате цел ако не знаете да уживате во патот до и од целта.

8. Што е „IN“ а што е „OUT“ во светот на моторџиите денес? Кои трендови, навики или стилови ги сметаш за добри, а што според тебе е преценето или опасно?
- Добро нешто што го гледам денес кај нас, е што се повеќе луѓе се инспирираат од моите видеа и се осмелуваат да тргнат на патување, без притоа да се предаваат на стереотипите за тоа дека патувањата се прават само со јапонски или германски мотор.. Незначи дека некој со скап германски мотор ќе има поубаво патување, отколку некој со евтин кинески мотор. Само 10% од патувањето ви го прави моторот, останатите 90% го правите вие, луѓето кои ќе ги запознаете, местата што ќе ги видите и храната што ќе ја пробате.

9. Што би им порачал на оние што сонуваат за прва подолга тура? На некој што планира прво патување од 5–10 дена – која е најважната лекција што треба да ја знае однапред?
- Не одете на патување од 5-10 дена ако притоа не можите да извозите еднодвневна тура низ Македонија од 300+ километри на редовна база. Болката во задникот не се лечи со апчиња туку се спречува со редовно возење и навикнување на вашето тело во седечка состојба на мотор. Кога сте на патување од 10 дена ќе возите скоро секој дневно по 200-500 километри, а доколку немате навика на возење тогаш заморот само ќе станува полош од ден во ден. Познавам луѓе што се откажале од патување заради овие причини и потоа ширеле муабети дека не е убаво да се патува со мотор. Заклучокот е дека не е најпаметно веднаш да се плива во длабокото. Исто така не би препорачал да се оди на поголемо патување без опрема и со мотор што нема визир. Кога ветерот дува во вас и го притиска вашето тело предизвикува сериозен замор, а заморот ќе биди зголемен од звукот од ветерот што ќе го слушате во вашата кацига, затоа е многу важен визирот на моторот и доколку се слуша ветер во вашата кацига, да се стават тампони за уши.

10. Ако мораш да сведеш сè на една реченица – што ти дадоа моторите? Што ти донесе мото животот: слобода, дисциплина, пријателства, мир во глава… или сè заедно?
-Спокој, мир и поинакво гледиште на животот.

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: