Разговаравме со Михаил Стојковски, младиот член на Ендуро Тим Водно – Скопје кој годинава стана шампион во класата МХ85 на престижниот Алпе Адриа шампионат.
Кој е Михаил Стојковски, кажи ни нешто повеќе за себе, колку години имаш и од кога возиш мотор?
Живеам во Скопје, поточно во Радишани. Ученик сум во ООУ „Ацо Шопов“, деветто одделение и имам 14 години. Мотор возам веќе 6 години.
Стана шампион во престижниот Алпе Адриа во класата МХ85, што значи ова за тебе?
Алпе Адриа за мене е големо искуство. Конкуренцијата е многу поголема и среќен сум што успеав да завршам прв.
Каков е планот за следната сезона, дали преминуваш во поголемата класа?
Наредната сезона почнувам да возам во поголема класа – 125. И кај нас конкуренцијата таму е поголема, па ќе треба уште повеќе да тренирам.

Која е разликата во конкуренцијата во шампионатите?
Разликата не може да се спореди. Алпе Адриа има многу повеќе возачи, а и патеките се побрзи и мораш брзо да ги научиш затоа што најчесто ги возиш за прв пат.
Од каде доаѓа најголемата поддршка?
Моите родители ми се најголемата поддршка, а татко ми најмногу. Заедно тренираме, тој исто така се натпреварува, а тренираме и со другите од клубот.

Колкаво е влијанието на твојот татко во развојот на твојот талент?
Татко ми има големо влијание, тој ми покажува каде се линиите и како да бидам побрз.
Кој е твојот идол во мотокрос светот?
Мојот идол е татко ми.
Која патека досега ти била најтешка за возење?
Најтешка патека за мене досега била во Романија, на песок.
Каде би сакал да настапиш?
Омилена патека ми е Кортен во Бугарија.
Дали бројот со кој настапуваш (238) има некакво посебно значење за тебе?
Роден сум на 23.08, па затоа го возам тој број.
Со каков мотор ќе те гледаме следната сезона, дали е технички подготвен за нова титула?
Новиот мотор е KTM 125 и е подготвен од страна на татко ми. Следната сезона ќе настапуваме на четири шампионати: македонскиот, српскиот, Алпе Адриа и БМУ.
Што би сакал да додадеш, а заборавивме да те прашаме?
Изминатата година извозев 24 трки во Македонија, Србија, Босна, Бугарија, Романија, Хрватска и Грција. Би сакал да ги поканам сите деца што имаат желба да возат да дојдат на Зајчев Рид и да видат како тренира нашиот клуб.





Коментари