Ми стигна конечно новата Vanucci од Louis јакна од Германија и бев пресреќен. Профи кожна со пластики и штитници. Беше зима, почеток на 2005. Планот беше да ја сефтосам тоа лето на моето прво ФИМ Рели.
Јамахата беше стара само 10тина години и имаше околу 10,000 километри поминато. Претходната година со неа бев на Сèгрчкото рели Панелениа кое се одржуваше доле на Пелопонез, околу 1,000 км јужно од Скопје. Бев и на неколку мото-собири во Србија (Обреновац, Дивчибаре...), но на ФИМ сè уште немав отидено.

Ми делуваше прилично возбудливо целиот тој филм и имав амбиција да се посветам на таа активност и да почнам редовно да партиципирам на овие фестивали, кои се „под капата“ на Светската мотоциклистичка федерација.
Од поискусните мотоциклисти имав слушано секакви стории поврзани со овој настан. Самата помисла, пак, дека најмалку две недели (ќе) си на пут и ти и твојот мотор (ќе) сте (нај)главните протагонисти, а сè друго е секундарно, ме исполнуваше со голем восхит и специфичен морален елемент.
Имено, ќе дојдат твоите најблиски пред Соборниот храм, за да те испратат; свештено лице ќе се помоли за твојот пат да е безбеден и лесен, а самото тоа, што си член на Македонската ФИМ Репрезентација и со своите тим-другари тргате во заеднички поход, (ќе) е повеќе од доволен разлог да чувството на возвишеност те прати 24/7.
А походот се викаше Естонија. 3,000 километри во еден правец. Планот е да се вози до Варна и од Варна на фери до Одеса, Украина. Потоа, на автопатот кон Киев, па Белорусија (Гомељ), Русија (Псков) и конечно – Тарту, Естонија.
Македонската ФИМ Репрезентација 2005 беше составена од 10 возачи: Ѓорѓи Несторовски – Зрно (капитен) Gold Wing, Петар Пројковски 1985 Honda VF750F, Мите Вегов Gold Wing, браќата Боби и Игор, Игор на нов Gold Wing, Боби на ново BMW (исто као Gold Wing). Потоа, Новица Yamaha DragStar (така мислам, некоја голема беше), па Мики Ивановски со една Хонда (Shadow, мислам), исто, као чопер нешто и Зоран Наумовски – Зоки Бурек, со својата Honda CBR1000F. Јас со мојата 1994 Yamaha FZR1000 и се разбира, Васил Николовски со своето легендарно 1974 BMW R60.
Со Васил претходно, на нашите симпозиуми во Орман, во моментите кога летното сонце полека попушташе со зрачење екстремна топлина и се симнуваше позади планината, на Запад, имавме релевантни разговори во врска со ФИМ Рели фундаментите.
Теориски имав скоро сѐ опсервирано и разработено. Васил ми зборуваше за неговото прво ФИМ Рели у Холандија, 1971ва, ми зборуваше за самиот старт. За 1976та и ФИМот у Романија.
За Jawите со кои се одело во тоа време на ФИМ. За моментот кога Мирче кај Миладиновци ја губи радилицата... и ништо не им преостанува на останатите, освен да се обидат да му помогнат да ја најде.
Па сите заедно во околните ниви ја бараат. Всушност на Мирче му испаѓа резервната радилица, која у торба му стои закачена за седиште.
Или пак за Коле Кучкарот, кога се губи и го бара патот за Беч (Виена). И тој кога прашува за патот, вели Беч, али ова звучи Печ и оние на кои наидува, го усмеруваат во Печ, Маѓарска, така да он место Виена, Австрија, стигнува во Унгарија, во градот Печ. И се чуди што го снашло.
Тоа време, Васил веќе имаше 15тина фимови. Но Естонија 2005 нему, му носеше особен сентимент. Она кое следеше, како што ми велеше, му беше од посебна привлечност, зошто требаше да се вози кроз неговите омилени земји од Источна Европа.
Ми зборуваше за неговиот трип до Одеса, СССР, како штотуку запишан студент на Економскиот факултет во Скопје, со крос мотор. Ми зборуваше за ова негово патување, во кое испреплетени беа подвигот, авантурата и се разбира – лудоста.
За тоа време јас се припремав технички и финансиски, а и се обидував да си го прилагодам својот mind set... да ја одберам оптималната мапа и во својот ум да го вметнам вистинскиот software.
Естонската виза веќе беше извадена и фигурираше во мојот плав пасош. Мислев на Joey Dunlop и на тоа дека државата во која неговиот овоземски живот заврши, а јас никад не сум ја посетил, е мојата следна дестинација. Мислев на EKV и на Јесен.
Васил, пак, застапуваше теза дека со оној, со кој (ќе) патуваш, потребно е да најмалку 10тина дена пред стартот, секојдневно заеднички работиш на логистиката, односно – се дружиш.
Конечно, настапи денот D.
… To be continued -продолжува-
Проф. Боби Иванов,
Магистер по Филозофија
Ставовите и мислењата изразени во категоријата Колумни се на авторите и нужно не ги одразуваат официјалните позиции на Мотори.ком.мк
Коментари