Италијанските брендови Moto Guzzi и Napapijri ја претставија специјалната верзија на V85 TT, која се издвојува со уникатен дизајн, дополнителна опрема и детали инспирирани од авантуристичките патувања.
Новиот Moto Guzzi V85 TT Napapijri добива препознатлива комбинација од бела, сина и црвена боја, инспирирана од норвешкото знаме. На резервоарот се наоѓаат графики со карта на светот и географските координати на Нордкап, додека специјалните ознаки на управувачот, ветробранот и седиштето ја нагласуваат соработката меѓу двата бренда.
Мотоциклот го задржува познатиот V2 мотор од 853 cm³ со 80 КС, опремен со варијабилно управување на вентилите. За подолги патувања стандардно се вклучени загревање на седиштето и рачките, прилагодлив ветробран, темпомат и мултимедијалниот систем Moto Guzzi MIA.
Од електронската опрема се издвојуваат четирите режими на возење (Road, Sport, Offroad и Rain), Cornering ABS, контрола на тракцијата и 5-инчен TFT дисплеј. За возење надвор од асфалт предвидени се жичени тркала од 19 и 17 инчи со tubeless гуми, алуминиумска заштита на моторот и штитници за рацете.
Специјалната верзија доаѓа и со патната торба Napapijri Bering Bag, изработена од издржливо памучно платно.
Цената и достапноста на Moto Guzzi V85 TT Napapijri за Македонија засега не се познати.

Коментари