Христиан Илиоски ја заврши сезоната 2026 со две шампионски титули, а Triumph Motorcycles покажа колку е важно домашните компании да застанат зад македонските натпреварувачи.
Христиан Илиоски ја заврши сезоната 2026 како шампион во БМУ европското првенство во мотокрос и како државен шампион на Македонија, настапувајќи со Triumph TF 450-X.
Успехот е пред сè резултат на талентот, напорната работа и посветеноста на Кико, но во оваа приказна свое место има и Triumph Motorcycles Macedonia, компанија која застана зад македонскиот натпреварувач и му даде поддршка кога му требаше.
Успешна сезона за Христиан Илиоски и Triumph
Во објавата посветена на македонскиот шампион, Триумф Македонија со гордост ги истакна неговите резултати, нагласувајќи дека Илиоски во текот на целата сезона го претставувал брендот со професионалност, посветеност и одлични настапи.
Неговите две титули доаѓаат во историска година за британскиот производител. Гилем Фарес ја освои светската титула во MX2 категоријата, додека Triumph го освои и шампионатот кај производителите во истата класа, само три години по влегувањето во ова натпреварување.
Но, за нас особено значење има успехот на македонскиот возач, кој покажа дека и натпреварувачите од Македонија можат да постигнуваат врвни резултати на регионалната мотокрос сцена.
Поддршка која заслужува јавно признание
На Motori.com.mk со години ги следиме успесите, но и предизвиците со кои се соочуваат македонските мотоциклисти. За настапи на натпревари надвор од Македонија не се доволни само талентот и желбата за победа. Потребни се финансиски средства, квалитетни мотоцикли, опрема, резервни делови, транспорт и многу часови работа.
Токму затоа сметаме дека Triumph Motorcycles заслужува безрезервна пофалба за поддршката на Христиан Илиоски.
Убаво е да се види кога една компанија не се ограничува само на продажба на мотоцикли, туку активно придонесува и за развојот на спортот. Ваквата соработка е добар пример како интересите на еден бренд и амбициите на домашен натпреварувач можат да се спојат во успешна приказна.
Се надеваме дека и други компании ќе го следат примерот
Македонија има талентирани мотоциклисти во повеќе дисциплини, од мотокрос и ендуро до брзински мотоциклизам. За жал, многумина од нив се соочуваат со ограничени финансиски можности, а голем дел од трошоците за настапи паѓаат врз самите возачи и нивните семејства.
Затоа се надеваме дека примерот на Triumph Македонија ќе биде поттик и за други компании, увозници, дилери и претставници на мото-брендови во нашата земја.
Не мора секоја поддршка да значи голем спонзорски договор. Понекогаш помошта со опрема, резервни делови, транспорт или трошоци за учество на натпревар може да направи огромна разлика за еден возач.
Секое вложување во македонските натпреварувачи е истовремено вложување во иднината на македонскиот мотоциклизам!
На крајот, уште еднаш упатуваме честитки до Христиан Илиоски за освоените титули, а до Triumph Motorcycles Skopje искрена пофалба за нивниот придонес.
Се надеваме дека во иднина ќе имаме сè повеќе вакви примери, повеќе компании кои ќе им помагаат на нашите возачи и, секако, уште повеќе македонски шампиони!

Коментари