Кинескиот производител CFMOTO преку својата европска подружница Helmsmen Europe ја презеде мнозинската контрола над германската инженерска компанија Kalex, купувајќи 51% од акциите, што веднаш предизвика силни реакции во тркачките кругови.
Според објавите, новото раководство ќе вклучува високи претставници од CFMOTO, меѓу кои и вицепретседателот Zhiyong Chen, додека поранешен шеф за развој на мотори во KTM, Sebastian Sekira, е именуван за дел од управувачкиот тим, додека ко‑основачите на Kalex ќе го задржат преостанатиот удел и оперативната улога во компанијата.
Kalex е практично влијателна сила во Moto2, од почетокот на деценијата, со доминација во конструкторските пласмани и со голем дел од возачите кои користат нивни шасии. Контролата над таква техничка база значи и контрола над еден од клучните елементи на средната класа.
За тимовите во Moto2, трансакцијата носи и надеж и неизвесност. Од една страна, поддршката на голем производител како CFMOTO може да донесе дополнителни инвестиции во истражување и развој и да обезбеди стабилност во производството, а од друга страна секоја промена во сопственичката и управувачката структура може да отвори прашања за условите на соработка и приоритетите во развојот.
Стратешки, купувањето на Kalex се чита и како логичен чекор во пошироката амбиција на CFMОТО да се позиционира поцврсто во светските трки; стекнувањето на инженерско знаење и европска оперативна база ја олеснува потенцијалната патека кон влез во MotoGP, но реализацијата на таква цел бара дополнителни ресурси за развој на конкурентен мотор, електроника и комерцијални партнери.
Во тркачките кругови и меѓу снабдувачите веќе се слушаат различни реакции, од внимателен оптимизам до резерва поради можни промени во динамиката на снабдување; вниманието сега е насочено кон официјалните соопштенија за инвестиционите планови и конкретните чекори на интеграција кои CFMOT и Kalex ќе ги преземат во наредните недели.


Коментари