Хорхе Лоренцо ќе се врати на патеката овој викенд и ќе настапи на трката која се вози во Силверстоун.
После четири недели пауза поради повреда, Хорхе Лоренцо е подготвен за настап на Британската Гран При трка. Шпанецот беше надвор од трките откако на патеката во Асен скрши два пршлени.
Поранешниот MotoGP шампион има проблем да се прилагоди на RC213V и се уште не завршил една трка меѓу најдобрите десет возачи иако првите неколку круга од трката во Каталуња покажаа дека има некаков напредок.
Но, на тестот кој се одржа после трката тој повторно падна а немаше среќа ниту на трката во Асен каде што го повреди грбот.

„Многу е добро што повторно се враќам во тимот, помина долго време од трката во Асен“, изјави Лоренцо. „Би сакал да се вратев порано но поради сериозноста на повредата морав подолго време до одмарам.“
„Иако бев надвор од патеката работев напорно за да бидам подготвен за настап во Силверстоун. Сепак, знам дека ќе ми биде потребно време за да ја вратам посакуваната брзина. Задоволен сум што се враќам и што ќе продолжам да работам со тимот. Целта ни е да продолжиме да напредуваме и да дојдеме до посакуваните резултати.“
Во изминативе неколку месеци кружеа голем број на шпекулации во однос на иднината на 32-ве годишниот возач. Некои луѓе велеа дека ќе се пензионира додека пак други сметаа дека ќе премине во Petronas Yamaha. Сепак на крајот најголеми се шансите тој да остане уште една година во HRC.
Неговиот тимски колега, Марк Маркез во моментов е лидер на шампионатот со предност од 58 поени. На патеката во Силверстоун ,Лоренцо постигна една од најважните победи во неговата кариера откако во последниот круг на трката која се возеше во 2013 година успеа да го победи Маркез.

Коментари