Маверик Вињалес, возачот на Red Bull KTM Tech3, ќе го пропушти претстојниот викенд на патеката Силверстоун, каде се вози 12-тата рунда од MotoGP шампионатот. На негово место, боите на тимот ќе ги брани тест-возачот Пол Еспаргаро, откако Вињалес одлучи да се фокусира на целосно закрепнување од повредата здобиена на патеката Захсенринг претходно оваа година.
Иако Вињалес помина низ хируршка интервенција и интензивна рехабилитација, дополнителните прегледи во Red Bull Athlete Performance Centre по летната пауза покажаа дека сè уште не е подготвен за натпреварување. За Еспаргаро, ова е враќање во позната средина, бидејќи токму со тимот Tech3 го имаше своето деби во кралската класа во 2014 година и за нив има извозено 70 трки.
Проблеми со повредата на Вињалес
Маверик Вињалес се соочува со тежок период по инцидентот што се случи претходно во сезоната 2025. И покрај тоа што првичната операција беше успешна, возачот не успеа да ја врати целосната сила во левата рака, што го принуди на дополнителни медицински испитувања.
За време на летната пауза, постојано баравме причина зошто не ми се враќа силата во надворешната ротација на левата рака, иако внатрешната ротација значително се подобри во изминатите неколку месеци. Дополнителните медицински тестови покажаа дека, иако мојот супраспинатус е целосно заздравен, имам и мала пукнатина на инфраспинатусот за која не знаевме до минатата недела. Сега работиме на најдобриот план за закрепнување. Не е најдобрата вест, бидејќи вториот дел од сезоната почнува сега. Не знам колку време ќе биде потребно, но како и секогаш, ќе вложам сè во ова закрепнување.Маверик Вињалес, возач на Red Bull KTM Tech3
Еспаргаро повторно во гаражата на Tech3
Пол Еспаргаро, кој ја освои титулата во Moto2 во 2013 година, веќе го менуваше Вињалес и во претходниот период кога Шпанецот беше отсутен поради повреди. Иако признава дека ситуацијата е специфична, тој е подготвен за предизвикот.
Имам измешани чувства за ова. Од една страна, ми е жал, никогаш не е убаво да се качиш на моторот во ваква ситуација, кога возачот е повреден и не може да се трка, особено кога станува збор за Маверик. Тоа е навистина штета. Од друга страна, тркањето ми е во крвта. Се тркам цел живот и многу ми недостига, па ова е одлична можност и за мене. Целата кариера сум со Tech3 и се чувствувам како дел од семејството, па секогаш ми е пријатно кога се враќам во оваа гаража. Ќе ми треба малку време за повторно да се адаптирам на категоријата, бидејќи главно го тестирав RC16 за новиот проект и подолго време не сум возел мотор од 1000 кубика, но по неколку сесии ќе бидам подготвен. Со нетрпение очекувам да се тркам и да го дадам најдоброто за да му донесам на Tech3 добри резултати.Пол Еспаргаро, тест-возач на KTM
Тимскиот менаџер Николас Гојон ја потврди одлуката и истакна дека тимот целосно го поддржува Вињалес во неговиот процес на рехабилитација.
Ова очигледно не е веста што сакавме да ја соопштиме по летната пауза и целиот тим многу жали за Маверик, но Пол е дел од семејството на Tech3 долго време и секако е вистинската замена во овие околности. Му посакуваме на Маверик брзо закрепнување и се надеваме дека ќе го видиме повторно на моторот на следната трка во Арагон.Николас Гојон, тимски менаџер на Red Bull KTM Tech3

Коментари