Патувањето со мотор околу светот за многумина е животен сон. И најчесто – да, ваквите авантури поминуваат без проблеми, со незаборавни средби, нови култури и приказни што се раскажуваат цел живот. Но, како што покажува најновиот случај од Иран, понекогаш работите можат да тргнат во сосема неочекувана и драматична насока.

Британските мото-патници Крег и Линдзи Форман се осудени на 10 години затвор од ирански суд под обвинение за шпионажа, откако биле уапсени за време на нивното патување околу светот кон Австралија.

foreman couple 2

Двојката била уапсена на 3 јануари 2025 година, а повеќе од 13 месеци поминале во притвор пред да им биде изречена пресудата. Според нивното семејство, случајот се смета за еден од најсериозните политички мотивирани притвори на британски државјани во Иран.

Пресудата била донесена по рочиште одржано во октомври минатата година пред судијата Аболгасем Салавати во 15-тиот огранок на Исламскиот револуционерен суд во Техеран. Салавати претходно бил санкциониран од Велика Британија, САД и ЕУ поради наводни прекршувања на човекови права и водење судски процеси кои биле критикувани поради недостиг на фер постапка.

foreman couple 3

Според нивниот син Џо Бенет, судењето траело само три часа, при што на обвинетите не им било дозволено да изнесат одбрана. „Моите родители добија 10 години затвор без да им биде овозможено да се бранат. Постојано ги негираа обвинувањата и не сме виделе никакви докази за шпионажа“, изјавил тој, изразувајќи сериозна загриженост за нивната здравствена и психолошка состојба.

Форман влегле во Иран на новогодишната ноќ во 2024 година со валидни визи, лиценциран водич и однапред одобрена маршрута. Планот бил да поминат само пет дена низ земјата, продолжувајќи кон Австралија. Поминале низ Табриз, Техеран и Исфахан, а последната планирана станица им била Керман на 4 јануари 2025 година – но таму никогаш не пристигнале.

Последната објава на социјалните мрежи била ден претходно, по што нивните телефони замолчеле и не се појавиле во хотелот. Иранските државни медиуми го објавиле нивното апсење речиси шест недели подоцна.

foreman couple 5

Семејството тврди дека за време на трансферите биле со врзани очи и раце, имале ограничен пристап до правна помош и поминале долги периоди во изолација. Линдзи моментално се наоѓа во женскиот дел на затворот „Евин“, објект кој често е предмет на критики од организациите за човекови права, додека Крег е задржан во политичкото одделение на истиот затвор.

Во јануари 2026 година, 45 пратеници и членови на Домот на лордовите потпишале писмо со кое бараат британската влада поактивно да се вклучи во случајот. Петицијата за интервенција на Вестминстер се приближува до 64.000 потписи.

Потсетник за сите што планираат RTW авантура

Случајот на Форман е потсетник дека, иако најголемиот дел од мото-патувањата низ светот минуваат без проблеми, геополитичките тензии, локалните закони и односот кон странски државјани можат драстично да ја променат ситуацијата.

Пред патување низ земји со зголемен политички ризик, секогаш е препорачливо:

  • детално да се информирате преку официјални извори,

  • да ја проверите актуелната безбедносна состојба,

  • да пријавите патување во амбасада доколку тоа е можно,

  • и да имате јасен план за итни ситуации.

Авантурите се дел од мото-културата, но информираноста и претпазливоста се исто толку важни колку и добрата опрема.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: