Нов патент од Априлија укажува на тоа дека аеродинамичните „Leg Wings“ од MotoGP во иднина би можеле да ги видиме на сериски произведени мотори. Решението има за цел подобра аеродинамика при возење и дополнителна стабилност во кривина.
Априлија продолжува да ја пренесува тркачката технологија на мотоцикли за возење по улица. Откако предните крилца од MotoGP одамна го најдоа својот пат во сериското производство, производителот сега се занимава со уште еден, досега малку познат аеродинамичен елемент. Објавениот патент прикажува таканаречени Leg Wings, кои досега се гледаа само на актуелните GP мотоцикли, но во изведба наменета за секојдневна употреба.
Патентно решение за сериска примена
Деловите прикажани во патентот се големи аеро-површини кои се наоѓаат веднаш зад стапалата и потколениците на возачот. За разлика од чисто тркачките машини, овие елементи не се цврсто интегрирани во задниот дел на рамот. Наместо тоа, треба да се прицврстат на држачите на задните ногарки. Според описот, токму тоа е клучната точка за употреба на улица.
Априлија предвидува крилцата да можат да се монтираат како додатна опрема. Патентната документација јасно наведува дека решението е наменето за мотоцикли со задни (совозачки) ногарки. Ако тие се отстранат – на пример за време на возење на стаза, без совозач – држачите можат да се искористат за монтирање на аеродинамичните елементи. Со тоа системот не би бил ограничен само на еден модел.
Како пример, патентот ја прикажува Априлија RSV4. Сепак, конструкцијата би можела да се примени и на Априлија RS 660 или теоретски на мотоцикли од други производители, доколку постојат соодветни држачи за ногарките.
Аеродинамична корист при возење право
Опишаните Leg Wings не служат само за визуелен ефект. Во патентот детално се објаснува како тие го менуваат протокот на воздух околу возачот и мотоциклот. При возење право, чизмите на возачот се во линија со предниот раб на крилцата, создавајќи релативно мазна површина за воздухот што пристигнува.
Гледано одозгора, двата елементи се стеснуваат кон задниот дел. Оваа форма на капка треба да ги намали вртлозите зад нозете на возачот. Помалку турбуленции значат помал отпор на воздух, што позитивно влијае на максималната брзина.
Дополнителен притисок во наклон
Особено интересен е вториот ефект што го опишува Априлија. Во свиоци, кога возачот се навалува кон внатрешната страна и го истегнува внатрешното колено нанадвор, протокот на воздух значително се менува. Помеѓу потколеницата и мотоциклот се создава канал низ кој воздухот директно удира во внатрешното крилце.
Во оваа ситуација, елементот не е изложен само од една страна, туку од двете површини истовремено. Бидејќи крилцето е оформено како профил што создава притисок надолу, се создава сила што го притиска мотоциклот дополнително кон асфалтот. Спротивниот елемент не може да го неутрализира овој ефект, бидејќи и понатаму е покриен од другата нога. Така возачот станува активен дел од целокупниот аеродинамичен систем.
Дали и кога ова ќе стане сериско?
Останува неизвесно дали и кога ова решение ќе влезе во сериско производство. Но патентот јасно покажува дека Априлија продолжува интензивно да работи на тоа, комплексните аеродинамични концепти од трките, да станат корисни во секојдневието.
Ако Априлија навистина ја пренесе оваа идеја во сериско производство, или како додатна опрема, тоа би имало практични последици пред сè за спортски ориентираните возачи. Leg Wings не би биле фиксни тркачки делови, туку отстранливи додатоци што се монтираат наместо задните ногарки. Во секојдневие со совозач, мотоциклот би останал непроменет, а при спортско возење или на тркачка патека ќе може да се додадат за дополнителна аеродинамика.
Секако дека бенефитот од ова би бил помалку забележлив при нормални брзини на локални патишта, а повеќе при висока брзина и голем наклон. Во тие услови, крилцата треба да обезбедат постабилно однесување на мотоциклот, преку насочен проток на воздухот. Дали ефектот навистина ќе биде забележлив на улица зависи од стилот на возење, брзината и положбата на телото – и ќе може да се процени дури кога ќе постои сериска верзија.




Коментари