Овогодинешното, 83-то издание на EICMA во Милано, официјално ја потврди својата позиција како најголем собир во историјата на саемот, привлекувајќи над 600.000 посетители. Оваа бројка претставува пораст од 6% во споредба со претходната година, додека бројот на професионалци од индустријата е зголемен за 30%.
Саемот, кој се одржа од 3 до 8 ноемвни 2026 година, првпат се простираше на десет хали со вкупна изложбена површина од 300.000 квадратни метри. На настанот се претставија 764 изложувачи со 2.150 брендови од 52 земји, а беа акредитирани 8.700 новинари, технички специјалисти и креатори на содржини од 67 земји, меѓу кои и ние.
Покрај изложбениот дел, EICMA 2026 се етаблираше како клучна деловна платформа, поздравувајќи 51.000 професионалци од 168 земји. Организаторите истакнаа дека 74% од изложувачите се меѓународни брендови, додека 30% од директните учесници се нови или компании кои се враќаат на саемот. Поради големиот интерес, раководството на EICMA продолжи да инвестира во инфраструктурата за посетители, вклучувајќи подобрена навигација преку апликацијата, проширени патеки, како и промоција на јавниот превоз и обезбедување бесплатен паркинг.
Спортски дух и индустриски придонес
Една од најпосетените атракции беше изложбата „Speed Legends“ во халата 22, која ја прослави историјата на MotoGP под покровителство на FIM и со придонес на ICE, привлекувајќи над 150.000 посети. Паралелно, MotoLive ја одбележа својата 21-годишнина со богата програма на арена од 60.000 квадратни метри, вклучувајќи осум часа телевизиски пренос во живо и хуманитарната трка „Champions Charity Race“ со 17 производители. Во рамките на саемот, ASO ја искористи можноста да ја претстави рутата за релито Дакар 2027, додека MotoGP Gaming Arena им овозможи на фановите да се натпреваруваат за ексклузивни искуства на трките во Муџело и Мизано.
За време на конференцијата „Motonomics“, беа презентирани податоци за економското влијание на секторот во ЕУ и Велика Британија. Студијата наведува дека мотоциклистичката индустрија придонесува со 35,1 милијарди евра во БДП, поддржува 481.600 работни места и генерира 20,6 милијарди евра даночни приходи. Студијата исто така ја истакна еколошката предност на мотоциклите, кои емитуваат просечно 95g CO₂/km, што е помалку од половина од просечните 250g CO₂/km кај автомобилите.
Зоната за урбана мобилност (Y.U.M.) забележа силен раст со над 4.000 тест возења, овозможувајќи им на посетителите директно да ги споредат електричните и конвенционалните решенија за градски сообраќај.

Коментари