Од 3 ноември, Милано повторно станува центарот на мотоциклистичкиот свет. Започнува EICMA 2026, најголемиот меѓународен саем на мотоцикли, а Motori.com.mk ќе биде директно на местото на настанот за да ви ги пренесе најважните премиери, новите технологии и случувањата од изложбените павилјони.
Во следните денови ќе известуваме директно од Милано, со сопствени фотографии, информации од презентациите на производителите и први впечатоци од новите мотоцикли кои ќе ја одбележат сезоната 2027.
Најголемото издание на EICMA досега
Годинешното, 83-то издание на EICMA, ќе биде најголемото досега одржано во изложбениот комплекс Fiera Milano Rho. На повеќе од 300.000 квадратни метри, распоредени во десет павилјони, ќе се претстават 754 изложувачи и 2.120 брендови од 52 земји.
Првите два дена, 3 и 4 ноември, се резервирани за новинарите и професионалците од индустријата, додека од 5 до 8 ноември саемот ќе биде отворен и за пошироката јавност.
Повеќе информации за организацијата, билетите и програмата можете да прочитате во нашата претходна статија: EICMA 2026: Сè што треба да знаете за најголемото издание досега.
Што веќе знаеме пред почетокот на саемот?
Иако официјалното отворање е на 3 ноември, производителите веќе открија значителен дел од своите новитети за 2027 година.
KTM се враќа на EICMA со широка понуда за 2027 година. Покрај најавените нови изведби на 1390 Super Duke и 390 Adventure R, австрискиот производител подготвува и засега таинствена премиера од off-road сегментот. Повеќе за плановите на KTM.
Кај јапонските производители веќе има неколку интересни модели. Kawasaki го најави новиот KLE650, а гамата на KLE500 добива и SE Smartride верзија со центрифугален куплунг.
Honda ја проширува својата спортска понуда со CBR500R FOUR и освежениот CBR600RR, додека Yamaha веќе ја претстави MT-125 за 2027 година.
Од европските производители, BMW го привлече вниманието со F 450 RR, нов спортски мотоцикл за А2 категоријата, додека Triumph ја претстави новата генерација на Tiger 1200.
Италијанските производители исто така имаат што да покажат. Ducati го откри новиот Monster Dark, Moto Guzzi го претстави The Trip, нов роудстер од 500 кубни сантиметри, а Aprilia го подготви специјалното издание RS 660 Phillip Island Tribute.
Посебно внимание ќе посветиме и на Moto Morini Corsaro Sport, модел за кој сè уште се чекаат конкретни информации за сериското производство и почетокот на продажбата. Дали конечно ќе го видиме Corsaro Sport?.
Една од најинтересните најави доаѓа од BENDA, која подготвува неколку светски премиери, меѓу кои Capra 700, Vinster 700, Vinster X 700 и Dark Flag 600 Ultra EC. Деталите за моделите ќе бидат откриени на презентацијата во Милано. Прочитајте што досега е познато за новитетите на BENDA.
Што очекуваме да биде откриено во Милано?
И покрај бројните претходни најави, дел од производителите ги чуваат најинтересните информации за официјалните прес-конференции.
KTM треба да ја открие својата таинствена off-road премиера, а вниманието ќе биде насочено и кон другите европски и азиски производители. Од BENDA се очекуваат целосните технички спецификации и претставувањето на најавените нови модели и концепти.
Особено интересни ќе бидат новите технологии, електронските системи, решенијата за трансмисија и опремата што постепено пристигнуваат и кај мотоциклите од пониските класи.
Покрај мотоциклите, ќе ги следиме и новитетите од производителите на кациги, заштитна опрема, гуми и дополнителна опрема, како и концептите што ја најавуваат иднината на мотоциклизмот.
Motori.com.mk директно од Милано
Нашата редакција ќе биде присутна на EICMA во текот на прес-деновите, кога ќе се одржат најважните презентации на новите модели.
Ќе се обидеме да ви пренесеме што повеќе информации од прва рака, со сопствени фотографии, разговори со претставници на производителите и подетален поглед на моделите за кои досега имавме можност да читаме само во официјалните соопштенија.
Следете го Motori.com.mk во следните денови — сите нови модели, светски премиери и најважни вести од EICMA 2026 ќе ги објавуваме директно од Милано.
Сите досега објавени и претстојни новитети можете да ги следите во нашата категорија Новитети.

Коментари