Разговараме со Васко Киров, член на МК Вардар кој во 2025 година стана вицешампион во БМУ и Алпе Адриа шампионатите во Мотокрос.
Кој е Васко Киров? За оние кои не те познаваат, кажи ни нешто повеќе за себе.
Јас сум Васко Киров од Гевгелија, роден сум 02.12.1990 година во Гевгелија каде што и го живеам мојот живот. Се занимавам со Мотокрос од мои 23 години, поточно во овој спорт сум од 2013 година па сè до денес.
Колку е тешко да се биде мотокрос тркач на 35 години?
Па не можe да кажам дека е тешко на 35 години да се занимаваш со Мотокрос ако тоа го работиш од срце и со голема желба, но сепак годините си го прават своето и не можеш да бидеш толку конкурентен со тинејџери во овој спорт хаха.
Сезонава ја заврши на втората позиција во Алпе Адриа, кажи ни нешто повеќе за сезоната.
Точно оваа сезона во Алпе Адриа шампионатот завршив на второто место, но исто така завршив на второто место и во БМУ шампионатот. Во Алпе Адриа шампионатот беше малку интересно со последната трка во Хрватска каде што отидовме искрено да го одбраниме третото место, но на крајот работите се сменија — времето беше врнежливо целиот ден, каде што конкурентите за наша среќа не беа добро спремни за такви услови во кал, а за мене не беше проблем бидејќи подлогата беше иста како кај мене на домашната стаза Милци, па тоа ме донесе до неочекуваната втора позиција во Алпе Адриа шампионатот.
Какви се плановите за следната сезона?
За следната сезона не можам да кажам за плановите и дали ќе учествувам повторно на три шампионати бидејќи не сум доволно подготвен физички. Поради финансиски недостаток не тренирам физички и со моторот, но сепак нема да застанам од спортот.
Како се подготвуваш во зимскиот период?
Во зимскиот период кога имам слободно време, во обѕир што имам свој бизнис кој го работам јас самиот, гледам да сум повеќе на моторот бидејќи условите кај нас дозволуваат — климата е потопла, но и возам велосипед.
Која патека во Македонија ти е омилена, а која „не сакаш да ја видиш“?
Па не можам да издвојам омилена патека бидејќи секоја си има своја тежина, конфигурација и е забавна за возење, додека неомилена може да ја спомнам Лагово — некако од првото возење не ми остави доволно добри впечатоци.
Во домашниот шампионат си зад Гоце и Кико, што треба за да им ги „замрсиш“ сметките на врвот?
Да, во домашниот шампионат сум позади Кико и Гоце. За да бидам конкурентен треба да си ја фатам работата здраво и да тренирам многу повеќе физички и со моторот, но искрено тие се многу поискусни од мене — имаат извозено многу повеќе трки надвор од Македонија. Сметам дека не е време на 35 години да се вложувам толку, но сепак тие ми се мотивација за да продолжам во овој спорт.
Има ли трка/патека за која велиш „Ваму да извозам и не треба ништо друго“?
Желба ми е да одам на некоја патека каде што се вози MXGP, не да се натпреварувам туку да тренирам, и мислам дека за брзо ќе го остварам тоа.
Од кој возач имаш најмногу научено, или кој најмногу ти помогнал за да стигнеш таму каде што си?
Јас моите почетоци во Мотокросот ги започнав со покојниот Мирче Ќорнаков. Тој има заслуга за ова што сум сега — ме научи на многу работи во спортот, прво дисциплина за спортот и како да го контролирам адреналинот додека сум на стаза и на мотор. Додека сега, во овие две години, успехот го градиме заедно со мојот претседател, воедно другар и тренер Александар Николовски.
После толку сезони поминати на патеките, кој е твојот совет за младите возачи кои сега започнуваат со овој неверојатен спорт?
После толку години поминати во Мотокросот, може слободно да кажам дека е многу безбеден спорт — во смисла нема кој да ти пресече пат па да загинеш, многу е мала веројатноста да бидеш повреден. И затоа на младите и секој кој има желба за овој спорт — слободно нека спортува, без разлика на годините, никогаш не е доцна да се започне. Но треба да се знае дека мора да бидат со комплетна опрема на моторот за нивна лична безбедност.








Коментари