Првата рунда од БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам во Серез е зад нас – викенд исполнет со променливо време, мокра патека, драматични моменти и впечатливи настапи од македонските возачи.
Иако саботата донесе дожд и дел од сесиите се возеа на гуми за мокро, нашите натпреварувачи покажаа борбеност и одлично темпо во сите класи.
F600 – Слободан Ивчевски
Цобо имаше извонредни квалификации и го обезбеди второто стартно место. Саботната трка, возена на мокра патека, му донесе 4. позиција по тешка борба во услови што брзо се менуваа. Во неделната трка, за жал, успеа да извози само еден круг по што имаше пад и за жал остана без бодови од втората трка.
STK1000 – Петре Мијалков
Петре настапи стабилно и конзистентно во силната комбинирана група STK1000 + SBK (вкупно 17 возачи). – Квалификации: 5. во својата класа, 7. вкупно – Саботна трка: 6. место – Неделна трка: 5. место. Можеби почеток на сезоната каков што не посакуваше, но освои важни поени за шампионатот.
MOS / MC-500 – Сашо Николов и Лука Луканоски
Овде Македонија блесна најсилно.
Сашо Николов – Тумац доминираше во двете трки и запиша две убедливи победи во MOS–MC500 категоријата. Фантастичен викенд за него и најдобар можен старт на сезоната.
Лука Луканоски во саботната трка заврши на 3. место во MC‑500 класата, но во недела не настапи.
Што следува?
Следната рунда повторно ќе се вози во Серез на 30–31 мај, а овој пат трките ќе се бодуваат и за Македонскиот шампионат во брзински мотоциклизам. Очекуваме уште поголема конкуренција, повеќе возачи и уште поинтересен викенд за сите љубители на мото спортот.



Коментари